Грција на дневен ред на министрите за финансии на еврозоната

Грција на дневен ред на министрите за финансии на еврозоната

Белгија-Министрите за финансии на еврозоната денеска ќе разговараат за реформскиот напредок на Атина во рамките на мониторинг програмата, започната во август 2018, откако земјата излезе од планот за спасување.

Министрите, прво во формат на членките на еврозоната ќе го разгледуваат вториот извештај за реформскиот напредок во рамките на засилениот мониторинг на Грција. Извештајот, објавен минатиот месец, констатира значаен напредок во однос на структурните реформи, но бара дополнителни напори за да може да биде ослободена новата транша помош која изнесува една милијарда евра.

Според дипломатски извори во Брисел кои ги брифираа новинарите пред состанокот, мали се шансите да биде постигнат договор за ослободување на новата транша денеска, и дека најверојатно одлуката ќе се одложи за април, кога се очекува Грција да ги исполни останатите реформи.

По дискусиите за Грција, во формат на земјите членки на еврозоната, министрите за финансии на ЕУ27, односно без Велика Британија, ќе се состанат за да разговараат за буџетскиот капацитет на еврозоната.

27-те земји членки имаат до јуни да презентираат предлог, откако на последниот состанок во февруари се одржа темелна дебата на оваа тема во однос на расходите, изворите на финансирање на идниот инструмент и владеењето. Се очекува министрите денеска да се фокусираат на дискусијата за “природата на расходите на овој иден буџетски капацитет“, како на пример кој вид инвестиции ќе се поддржуваат, во која мерка и под кои услови ќе се поддржуваат, како и нивниот облик – заеми, субвенции, итн. 

Споделување со вашите пријатели: