Џентлменски потег на двата клуба: Молде не сака обештетување за Солскјер, Јунајтед сепак ќе им плати

Џентлменски потег на двата клуба: Молде не сака обештетување за Солскјер, Јунајтед сепак ќе им плати
Кога на Манчестер Јунајтед му беше потребна помош, тој пристигна веднаш. Оле Гунар Солскјер не прашуваше ниту за услови, ниту за плановите, не грижејќи се премногу што ќе биде со него доколку неговиот Јунајтед на крајот го „шутне“ и сруши се што со години макотрпно го создаваше како тренер на Молде.

Таквите луѓе обично се наградувани, ако за ништо друго тогаш за храброста. Солскјер покажа храброст кога прифати да ја замени удобната фотелја на Молде за жешката клупа на „Олд Трафорд“. Во почетокот од него никој ништо не очекуваше, освен да го стабилизира тимот и да биде преодно и евтино решение до лето. Неполни четири месеци подоцна, тој е главната ѕвезда на истиот, препородениот и воскреснат Јунајтед. Секоја чест на играчите, но Солскјер е прва мета на навивачите за фотографирање, за разговор со новинарите. Едноставно, човекот направи чудо.

Манчестер Јунајтед од неговото доаѓање одигра 17 натпревари. Загубија само од ПСЖ во првиот натпревар од осминафиналето од Лигата на шампионите на „Олд Трафорд“, а одиграа реми со Ливерпул и Барнли. Се останато се победи. Благодарение на тоа, Манчестер повторно е во врвот. Се бори за место во Лигата на шампионите и истовремено ја напаѓа Лигата на шампионите, откако го елиминираше моќниот ПСЖ. Можеби најмногу од се вреди фактот што Солскјер го врати духот на оној големиот, победнички Јунајтед од времето на сер Алекс Фергусон.

Кога е веќе така, ретко кој се прашува дали Оле Гунар Солскјер ќе добие траен договор на „Олд Трафорд“. Прашање е само на момент, а бидејќи таквиот момент пристигна, се поставува логичното прашање - Што ќе биде со неговиот договор со Молде? Неколку недели пред да добие повик од Манчестер, Солскјер потпиша нов договор со норвешкиот клуб и тоа тригодишен. Никој тогаш, ниту во еден момент, ниту во друг клуб, не планираше ништо долгорочно. Очигледно, никој не веруваше дека ќе се случи нешто вака големо.

„Ова е прилика која не смеев да ја испуштам. Се радувам што ќе го водам Манчестер Јунајтед до лето. Истовремено ќе следам што се случува дома. Изградивме темел, се надеваме на уште една добра сезона. Моите помошници ќе работат додека мене ме нема“, изјави Соскјер.

Првиот човек на молде, Остајн Нерланд не беше премногу загрижен. Поради тоа никаков договор со Англичаните не беше направен. Се беше завршено на збор.

„Да, Манчестер од нас побара да им го позајмиме тренерот. Позитивно одговоривме, секако. Имаме доверба во Оле. Му посакуваме успех во Премиер лигата. Ова исто така е голема прилика и за Молде, да се чуе за нас низ целиот свет“.

Сега повторно се слуша за Молде. Како што пишуваат англиските медиуми, клубот ќе добие одредена компензација со цел да дозволат Солскјер да остане на „Олд Трафорд“. „Мирор“ јавува дека на име на обештетување „Црвените ѓаволи“ на Молде ќе му исплатат седум милиони евра.

Сепак, интересно е дека според некои информации од Англија, Манчестер Јунајтед всушност и нема потреба да го обештети Молде, бидејќи Норвежаните се подготвени да излезат во пресрет на својата легенда и да го раскинат договорот, па тука се работи за џентлменски потег на англискиот великан. Гест на благодарност.

Кога станува збор за трајниот договор за Солскјер, островските таблоиди наведуваат дека Јунајтед ќе му понуди плата од седум и пол милиони фунти на годишно ниво.

Споделување со вашите пријатели: