Вардар му гостува на Нексе, а во паметот им е ППД Загреб

Вардар му гостува на Нексе, а во паметот им е ППД Загреб
Екипата на Вардар денеска ќе го одигра претпоследниот натпревар од регионалната СЕХА лига во групната фаза против составот на Нексе.

Мечот се игра во Нашице од 20:15 часот, а Вардарци нема да имаат лесна задача, со оглед на тоа дека нема да можат да сметаат на неколку играчи.

Во тимот ќе недостигаат повредените Горбок и Борозан, а ќе го нема и Дисингер, кој доби удар на последниот натпревар од ЛШ против Монпелје. Игор Карачиќ исто така нема да патува за Хрватска, па тренерот Роберто Парондо ќе се соочи со голем предизвик.

Претходниот меѓусебен меч во регионалното натпреварување беше одигран во Скопје и заврши со триумф на „црвено-црните“ (31:26).

Во вторник веќе ќе следи и пресметката со шампионот на БиХ, Извиѓач што ќе биде и последната проверка во регионалното натпреварување за скопскиот тим пред стартот на завршниот фајнал-фор турнир.

Од таборот на Вардар најавуваат дека на гостувањето кај Нексе одат на победа и покрај големиот број повреди, пред се бидејќи сакаат да избегнат два последователни порази во регионалното натпреварување, откако нашиот шампион загуби минатото коло од Мешков Брест. Сепак, тренерот Роберто Гарсија Парондо не крие дека фокуот кај него и кај играчите е насочен кон ППД Загреб, односно осминафиналето од Лигата на шампионите.

„И ние и Нексе веќе обезбедивме пласман на завршниот турнир и поради тоа ќе одиграме без притисок. Убеден сум дека навивачите ќе бидат сведоци на убав и атрактивен натпревар. Нашите мисли веќе се насочени кон осминафиналето од Лигата на шампионите и фајнал-фор турнирот од СЕХА лигата. Имаме голема почит за Нексе и покрај слабите резултати кои ги бележат во последно време“, изјави шпанскиот стратег на клупата на Вардар.

Истиот став го има и голманот на „црвено-црните“ Немања Милосављев, кој е убеден во подобра игра против Нексе отколку на мечот против Мешков, а како причина за некои од поразите го наведе и фактот што размислуваат за следните предизвици наместо на престојниот меч.

„Верувам дека ќе одиграме подобро против Нексе отколку што игравме против Мешков. Во мислите ни се веќе оние поважните натпревари, можеби токму тоа е причината за нашата игра на теренот и некои од поразите. Наша цел е победа на секој натпревар, па така и на гостувањето кај Нексе“, изјави српскиот голман.

Споделување со вашите пријатели: