Авион на „Етиопијан ерлајнс“ со 157 патници се урна шест минути по полетувањето

Авион на „Етиопијан ерлајнс“ со 157 патници се урна шест минути по полетувањето
Авион на „Етиопиан ерлајнс“ со 157 патници и членови на екипаж денеска се урна шест минути по полетувањето од аеродромот во Адис Абеба, но се уште нема информации за судбината на луѓето кои биле во леталото.

Боингот 737 бил на редовен лет од Адис Абеба до Најроби кога од, за сега непознати причини, се урнал во 8:44 часот по локално време.

„Канцеларијата на премиерот, во името на владата и народот на Етиопија, сака да изрази најдлабоко сочувство на семсјствата кои ги загубија најблиските во етиопскиот авион Боинг 737 на редовниот лет ова утро во Најроби во Кенија“, објави на Твитер канцеларијата на премиерот Аби Ахмед.

Авионот полетал во 8:38 часот од аеродромот „Боле Интернешенал“ и контактот со него е загубен во точно 8:44 часот.

Според информациите кои се објавуваат на социјалните мрежи, станува збор за нов авион кој првиот лет го имал во ноември 2018-та година.

Во меѓувреме и компанијата објави соопштение: „Авионот полета во 8:38 часот од Меѓународниот аеродром Боле во Адис Абеба. Контактот со авионот е загубен во 8:44. Во овој момент во тек е спасувачка операција. Не можеме да потврдиме никакви информации ни за преживеани, ниту за евентуални жртви. Според информациите кои ги поседуваме, веруваме дека на летот биле 149 патници и 8 членови на посадата. Чекаме потврда за тоа. Повеќе информации ќе објавиме штом истите ни станат достапни“.

Британски „Би-Би-Си“ потсетува дека истиот модел на Боинг се урнал минатата година во Индонезија. Тогаш загинаа сите 189 луѓе во авионот. Несреќата исто така се случи кратко по полетувањето, поточно 12 минути по полетувањето. По оваа вест се огласија и од компанијата Боинг од каде соопштија дека внимателно ја следат целата ситуација.

Во тек е потрага по патниците и членовите на екипажот и нема информации за преживеани ниту за бројот на настрадани, а не е позната ниту причината за уривањето, соопштија етиописките власти.

Споделување со вашите пријатели: