Владата ги зема, Мерко не ги дава плажите

Владата ги зема, Мерко не ги дава плажите
Владата сака да го земе управувањето со плажите од локалната самоуправа, но градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко, вели дека не ги дава и дека се води хајка против општината.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугарески вчера изјави дека за една недела измените на Законот на градежно земјиште влегуваат во собраниска процедура.

„Поради сите проблеми кои очигледно локалните власти не можат да ги решат, државата смета дека на подобар начин може да го направи тоа“, рече министерот Сугарески.

Измените на регулативата треба да ја стопираат праксата на толерирање дивоградби и узурпација на плажите. Анализа на состојбата со плажите покажала дека има дивеење на одредени концесионери, неисполнување на обврските и неможност, поради разни причини, општините да ги регулираат односите со нив. Како решение било посочено одземање на ингеренциите на општините, а за концесии и закуп ќе биде надлежно Министерството за транспорт и врски.

Со актуелната регулатива градежното земјиште, кое со урбанистички план или урбанистичка планска документација е предвидено за плажи, може да се даде под краткотраен закуп. По исклучок, законот предвидува земјиштето предвидено за плажи пред изграден угостителски објект да се дава под краткотраен закуп со непосредна спогодба. На градежно земјиште предвидено со урбанистички план или урбанистичка планска документација за плажи може да се поставува урбана опрема согласно урбанистичко-техничка документација за уредување плажа одобрена од градоначалникот.

Градоначалникот на Струга, општина која најчесто е на удар на негативни критики за состојбата на крајбрежјето, вели дека не е вистина оти има дивеење на струшкото крајбрежје.

„Каде ќе ги носи министерот плажите? Да не ги земе во Прилеп? Ние мислиме дека живееме во општество во кое треба да се почитува децентрализацијата, а ова е зголемување на централизацијата“, ни изјави Мерко додавајќи дека Министерството има право да ги контролира, но нема право да ги зема надлежностите од локалната самоуправа.

„И нема да му дозволиме. Ние имаме инвестирано над еден милион евра за средување на плажите бидејќи претходно немаше плажи. Направивме водовод и канализација во тие делови. Ги чистиме и одржуваме на општински трошок. Кој ќе ни ги врати тие пари? Ако мисли Министерството дека ќе ни го врати тој влог, не е воопшто проблем, нека ги земе, но не му се потребни“, вели Мерко посочувајќи дека се води хајка против општина Струга.

„Охрид издаде 50 плажи и никој не кажа ни збор за тоа, како се издадени и кој ги зел. Во Струга и една трска да се запали на приватно земјиште, тоа станува не државен, туку светски проблем. А ние правиме се за привлекување што повеќе гости во Струга“, тврди Мерко порачувајќи дека нема да соработува со централна власт ако се обиде да чепка во ингеренциите на општината.

Анита Салтировска

Споделување со вашите пријатели: