(ВИДЕО) Порто во драматичен меч ја победи Рома за четвртфинале во ЛШ

(ВИДЕО) Порто во драматичен меч ја победи Рома за четвртфинале во ЛШ
Вечерва на стадионот „Драгао“ се одигра реванш осминафиналниот меч од Лигата на шампионите помеѓу Порто и Рома. Римската „Волчица“ во првиот меч на „Олимпико“ во Рим славеше со 2:1, но Порто вечерва успеа да ја анулира негативата во реваншот на свој терен.

Порто имаше 2:1 по регуларните 90 минути, а по продолженијата и голот на Телес од белата точка, домаќините дојдоа до 3:1 и пласман во четвртфиналето од Лигата на шампионите.

Во воведните минути од натпреварот немаше поголеми шанси. Се играше внимателно меѓу двата шестнаесетника и се чекаше грешка на противникот. Првата таква грешка ја дочека Порто откако Костас Манолас загуби една топка на средината од теренот. Следуваше брз напад на домаќините кој во гол го претвори Соареш во 26. минута.

Радоста на домаќините траеше кратко бидејќи само десет минути подоцна Рома доби пенал по прекршокот на Милитао над Пероти, а сигурен реализатор на најстрогат аказна беше капитенот Даниеле Де Роси. Но, на самиот почеток од второто полувреме по еден корнер во додавањето згреши Карсдорп, следуваше центаршут на Корона, а на вистинското место беше Марега кој погоди за нова предност на Порто од 2:1.

Со оглед на тоа дека првиот меч заврши со идентичен резултат и победа на Рома, натпреварот замина во продолженија, а моментот на одлука се случи во 114. минута кога судијата Чакир досуди пенал за Порто по консултација со ВАР системот. Одговорноста ја презеде Телес кој погоди за 3:1 и пласман на Порто во четвртфиналето.

Споделување со вашите пријатели: