Судот во Будимпешта контра главниот извор во аферите на „Фудбал Ликс“

Судот во Будимпешта контра главниот извор во аферите на „Фудбал Ликс“
Унгарскиот суд вчера одобри депортација на хакерот Руи Пинто (30), главен извор на аферата „Фудбал Ликс“ што во неколку европски земји доведе до истраги за незаконски активности во фудбалот. Португалецот, чии адвокати го нарекуваат „многу важен европски свиркач“, беше уапсен на 16 јануари во Будимпешта по меѓународна потерница издадена од Португалија која го товари за „обид за уцена и кражба на податоци“.

Пинто пред судот во Будимпешта не изрази чувство на вина за делото за кое го сомничи неговата родна земја и нагласи дека испораката ќе значи загрозување на истрагата за неправилности во фудбалот.

„Не сум ги сторил делата за кои ме обвинуваат. Не сум заработил ништо од она што сум објавил. Го сторив тоа за општо добро, за откривање на корупција во фудбалот“, рече Пинто.

Меѓутоа, судијката Јудит Чисар реши дека не може да одбие европски налог за апсење во име на „доверба меѓу европските земји“.

Руи Пинто, кој од апсењето на 16 јануари се наоѓа во домашен притвор, и неговите адвокати најавија жалба до Врховниот суд на Унгарија.

„Фудбал Ликс“ е најпознат вентил за проток на информации од фудбалската игра

Руи Пинто е во Будимпешта од 2015 година и од таму хакира милиони документи за кои тврди дека разоткриваат нечесност во фудбалската индустрија. Пред јавноста и истражителите понуди докази за механизмите за плаќање данок, сомнежи за мамење и корупција во кои се вмешани најпознатите светски фудбалери и фудбалски челници. „Фудбал Ликс“ денеска е најпознатиот вентил за истекување на информации од фудбалската игра. Меѓу бројните случаи што се присутни во откритијата на Пинто се и даночните неволји на Кристијано Роналдо, расните критериуми во ПСЖ при регрутација на нови играчи, прогледување низ прсти на УЕФА при кршење на финансискиот фер-плеј на ПСЖ и на Манчестер сити, итн. Со тие документи во моментот се занимаваат правосудствата во неколку европски држави.

Пинто изрази недоверба во португалските власти

Португалија, сепак, го обвинува Руи Пинто за кражба на податоци меѓу кои и на португалската држава како и обид за уцена на инвестицискиот фонд „Малтесе Дојен“, еден од најголемите играчи на европскиот фудбалски пазар, и пред да излезе во јавност со документите. Тој признава дека контактирал со фондот во 2015 година, но тврди дека целта му била да „опипа“ пулс и без никакви незаконски намери.

Пинто пред судот во Будимпешта изрази недоверба во португалските власти за кои рече дека се „пристрасни и во нивни интерес е нешто да ми се случи намерно или ненамерно“. Притоа нагласи дека примил бројни закани по неговиот живот на што унгарскиот суд одговори оти, сепак, смета дека неговата безбедност во Португалија не е загрозена.

Споделување со вашите пријатели: