Работилница во Скопје: Етиката во конзервацијата на филмското наследство

Работилница во Скопје:  Етиката во конзервацијата на филмското наследство
Во Скопје, се одржа работилница на тема ,,Дигитализација на филмското наследство - Етиката во конзервацијата на филмското наследство“, во организација на Управата за заштита на културното наследство во соработка со Кинотека на Македонија, а со финансиска поддршка од инструментот на Европската Унија – ТАЕКС. Овој инструмент е  наменет за поддршка на јавните установи од земјите – кандидати за членство на Унијата и истиот за првпат се користи во сферата на културата и културните институции во нашата земја, а со тоа за првпат и за тема поврзана за заштитата на културното наследство.

Работилницата ја отворија  д-р Елеонора Петрова-Митевска, директор на Управата за заштита на културното наследство и г. Владимир Ангелов, директор на Кинотеката на Македонија. Д-р Петрова – Митевска, во своето обраќање истакна дека ,,Управата за заштита на културното наследство, согласно своите надлежности, ќе продолжи да се залага за унапредување на дејноста на заштитата на аудиовизулетните добра како и за следење на брзиот развој на дигиталните технологии што може да се согледа и во организирањето на оваа работилница на која ќе се говори за многу важни прашања кои се дел од секојдневното работење на филмските архивисти“. Директорот на Кинотеката на Македонија, г. Ангелов говореше за значењето на етиката во дејноста на заштитата на аудиовизуелното наследство и се заблагодари на сите учесници и на гостите - експерти за своето учество на оваа работилница.

Целта на оваа работилница беше да се направи пресек помеѓу теоријата и практиката на филмската реставрација во однос на етиката, притоа ставајќи акцент на развојот на новите дигитални технологии кои отвораат многу прашања и дебати поврзани со етичките аспекти на дигиталната реставрација. Почитувањето на етичкиот кодекс како едно од основните начела при филмската реставрација е со единствена цел да се заштити и зачува интегритетот на оригиналните подвижни слики согласно етичкиот кодекс на Меѓународната асоцијација на филмските архиви (ФИАФ).

Модератор на овој едукативен настан беше м-р Мими Ѓорѓоска – Илиевска од Управата за заштита на културното наследство, додека со свои презентации учествуваа експертите г. Томас Кристенсен, куратор при Данскиот филмски институт, г. Бруно Местдаг, раководител на Одделот за дигитализација при Кралската кинотека на Белгија и г. Габор Пинтер од Националниот филмски фонд на Унгарија. На настанот  учествуваа 30 стручни лица од стручните и високообразовните институции за заштита на аудиовизуелното наследство од нашата земја.

Споделување со вашите пријатели: