Мешков Брест го шокираше Вардар и славеше среде Скопје

Мешков Брест го шокираше Вардар и славеше среде Скопје
Екипата на Вардар денеска го одигра дерби мечот на 16. коло од СЕХА лигата против екипата на Мешков Брест.

Белорускиот тим неочекувано славеше во СЦ „Јане Сандански“ и му нанесе пораз на актуелниот регионален и македонски шампион Вардар со 30:32 (16:17).

Гостите имаа предност во поголемиот дел од натпреварот, но играчите на Вардар успеаја во последните 15-тина минути од мечот во два наврати да дојдат и до гол предност во однос на белорускиот тим. Сепак, големиот број технички грешки во завршницата од натпреварот скапо го чинеа нашиот шампион, а гостите знаеја како да го искористат тоа и на крајот заслужено дојдоа до победа со која успеаја да обезбедат пласман на фајнал фор турнирот од СЕХА лигата.

Најефикасни во редовите на Вардар беа Скубе и Дибиров со по пет, а Чупиќ заврши со четири погодоци.

И покрај овој пораз, Вардар и понатаму е лидер на табелата со 39 бода, а зад него остануваат Нексе и ППД Загреб со по 36, а Мешков Брест сега е на четвртата позиција со 33 бода, три повеќе од Татран Прешов кој утре игра против нашиот Металург.

Споделување со вашите пријатели: