Подвижна библиотека за учениците од скопските приградски населби

Подвижна библиотека за учениците од скопските приградски населби
Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ со финансиска поддршка од Град Скопје набави нова подвижна библиотека библиобус – адаптирано возило опремено со книги наменети за ученици.

Библиобусот посетува повеќе скопски приградски населби и ги опслужува учениците од 19 училишта во Марино, Мралино, Бунарџик, Текија, Мршевци, Кучевиште, Сопиште, Сушица, Оризари, Припор, Долно Коњари, Добри Дол, Побожје, Долно Соње, Орман, Чифлик, Лисиче, Трубарево и во Волково.

Како што соопшти Град Скопје, целта на библиобусот е да ја промовира книгата, достапност на информациите, развој на културата на читање и создавање навика за читање кај децата.

Подвижната библиотека работи пет дена во неделата, од септември до јуни, и ги посетува училиштата според претходно утврден план.

-Со библиобусот се овозможува полесен пристап и популаризација на книгата и до оние места кои се оддалечени од централните библиотеки и клонови. Учениците се ослободени од наплата на амортизација на позајмените книги, соопшти Град Скопје.

Споделување со вашите пријатели: