„Скопје синема сити“ се враќа со 4 филмови за загревање

„Скопје синема сити“ се враќа со 4 филмови за загревање
Филмскиот фестивал „Скопје Синема Сити“ ќе го одржи својот полугодишен настан „Загревање“. На 8 и 9 март во Кинотека на Македонија ќе репризира четири филмови од минатогодишната редовна програма на фестивалот.

Настанот ќе го отвори филмот „Кода“ за јапонскиот филмски композитор Руичи Сакамото, кој минатата година беше уметник во фокус и го награди со награда за достигнувања во музиката и филмот. „Кода“ е портрет на овој истакнат уметник кој покажува неколку страни од неговата личност – неуморен автор, постојан патник, борец и активист за социјална правда и екологија.

Покрај таа страна, филмот се бави и со неговата борба со ракот на грлото кој тој успешно го победи. Другите филмови се за Студиото Ханса во Берлин каде во различни периоди тука снимале Боуви, U2, Depeche Mode, Ник Кејв, Сакамото, Дејвид Силвијан и многу други.

Тоа е едно од најкреативните места на планетава и каде генерации таленти создавале музика која се уште восхитува и инспирира.

На 9 март ќе бидат прикажани филмовите „Бил Еванс: Сеќавање на едно време“ и „Буена Виста Соушал Клуб Адиос“. Бил Еванс е едно од најголемите џез легенди и сигурно еден од најголемите пијанисти. Во филмот за него зборуваат неговите најблиски соработници и семејство за да се долови ликот и делото на овој истовремено генијален но и измачен уметник.

„Буена Виста Соушал Клуб Адиос“ е втор филм за кубанскиот Буена Виста феномен кој пред 20 години го освои светот. Но додека првиот филм ја раскажа приказната за музичарите од овој проект на самите почетоци, овој филм ја раскажува нивната приказна за нив после тој голем планетарен успех и кариерите што ги изградиле и музиката што ја оставиле.

Проекциите ќе започнат во 20 часот во Кинотека на Македонија на чија билетара ќе може да се набават картите по цена од 100 денари.

Споделување со вашите пријатели: