Академик Влада Урошевиќ за „Независен“: Вознемирува кога воскреснуваат изветвени илузии и заблуди

Академик Влада Урошевиќ за „Независен“: Вознемирува кога воскреснуваат изветвени илузии и заблуди
Влада Урошевиќ (1934, Скопје), македонски поет, прозен автор, критичар, есеист, антологичар, преведувач. Член на Македонската академија на науките и уметностите, како и на повеќе академии во странство.

Загадочен, магичен и интересен како автор, соговорник и како омилен професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје.

Почнувајќи од „Еден друг град“ (1959), објавил десет збирки поезија. Меѓу неговите прозни дела има шест збирки раскази, пет романи, три книги записи и патописи. Има две книги за фантастиката во литературата, како и две книги за фантастиката во сликарството. Помеѓу антологиите што ги составил се изделуваат: „Црниот бик на летото“ (1963), избор од поезијата на помладата генерација македонски поети, „Црна кула“ (1976), антологија на фантастичниот расказ во литературите на некогашната Југославија и „Големата авантура“ (1993), антологија на францускиот надреализам.

Неговата дејност како преведувач на поетски дела е свртена, пред сè, кон француската поезија. Ги препеал на македонски „Цвеќињата на злото“ на Ш. Бодлер, како и изборите од поезијата на А. Рембо, Г. Аполинер, П. Елијар, А. Бретон, А. Мишо, Ж. Превер.

Влада Урошевиќ е единствен македонски поет што ја добил трипати наградата „Браќа Миладиновци“ за најдобра поетска книга на „Струшките вечери на поезијата“. За својот книжевен опус, именуван е од Владата на Република Франција прво за витез на Редот на уметноста и литературата, а потоа и за офицер на истиот ред. Книгите на Влада Урошевиќ се преведени на повеќе јазици: англиски, бугарски, германски, дански, полски, руски, словенечки, српски, француски и шпански јазик.

Актуелен е со новиот роман „Маџун“ во издание на „Магор“, кој минатиот месец ја доби наградата за проза „Стале Попов“ на ДПМ .

Зошто насловот на романот “Маџун”?

- Пред сè – затоа што добро звучи како наслов. Овој збор – кој сме го наследиле од Турците  - е и познат, но не и толку често употребуван. Значи – не е „истрошен”.  И ориентален е, егзотичен.  Затоа има некаков таинствен призвук, има во себе некаква зборовна магија.  А потоа – маџунот игра навистина значајна улога во романот. И трето -  во реалноста јас ја  обожавав таа „меласа” која баба ми ја правеше секоја есен во дворот од куќата на дедо ми, во скопското Дебар Маало. На Водно имавме лозје, грозјето идеше оттаму. Во дворот се палеше оган, врз огнот се ставаше голема пирустија, а врз пирустијата – казан. Казанот се полнеше со сок од грозје. И тоа така се вареше од утро до вечер. Јас имав улога – дотурав дрва во огнот, додека баба ми мешаше со една голема мешалка, да не загори. На крајот, тоа стануваше еден густ сируп, како некаков црн мед. „Во него како да се згуснати сите мириси на летото”,  велам  во романот.

Детството е доминантна тема на романот кој е поделен на три дела. Драматично звучат насловите на поглавјата: Рајот на детството, Сјајот на детството, Крајот на детството. Вие на промоцијата потенциравте дека детството го одредува нашиот живот понатаму. Како Вам детството Ви го насочи животот?

- Прво ми ја покажа поубавата страна од животот. Од тој прв период на моето детство, до времето кога имав шест и пол години, моето сеќавање ми ги враќа миговите исполнети со сончева светлина, со летни плодови, со многу играчки и слатки, со необични книги и со само наполу разбирливите, но многу привлечни разговори на возрасните. Тогаш сè  беше полно со таинствени значења, загадочно, шарено, магично. Потоа доаѓаат војната, депортацијата (вистинска, со оние дрвени  фургони за добиток, како во филмовите!), немаштијата, бомбардирањата, бежаниите... Кога се јавува темата „Рај”, тука блиску е и „Изгонувањето од Рајот”. Дознав дека животот може да биде и жесток, дека историјата е една непредвидлива игра, дека секој убав миг е скапоцен и дека не смееме незаинтересирано да поминеме низ него.

Колку романот е автобиографски?

- Не, „Маџун“ не е моја автобиографија. Но не е ниту наполно оддалечен од неа. Во книжевната наука тоа денес се вика „автофикција“. Значи – се земате себеси како главен јунак, но додавате и многу нешта што не ви се случиле. Да, јас навистина сум имал три тетки, кои, и во реалноста и во романот, ги носат имињата Јулијана, Милка и Лепосава. Но во визбата од куќата на дедо ми во Дебар Маало немало научна лабораторија за одгледување африкански змии отровници – како што раскажувам во книгата -  ниту  таму  понекогаш наминувал еден добродушен бенгалски тигар да се слади  со  маџунот на баба ми.  Ги користев искуствата стекнати во вистинското детство за да ги направам поверодостојни и попривлечни игрите на имагинацијата од кои е создаден романот.

Спомнавте дека детството има добри и лоши моменти, не е сè мед и млеко, гледано од денешна перспектива. Што е тоа што малите ги тера да бидат големи, а големите - мали?

- Да, светот на децата и светот на возрасните се чудно испреплетени. Понекогаш возрасните како одвај да чекаат децата да пораснат, да станат „зрели“, а понекогаш како намерно да го забавуваат мигот кога тие навистина ќе станат „големи“. Децата обично брзаат да станат возрасни, но кога многу години ќе се оддалечат од добата на детството честопати гледаат на него со носталгија, жалејќи по она што го загубиле со излегувањето од неговите „рајски градини”.

Композициски – како што вели професорката Лидија Капушевска-Дракулевска во  препораката од кориците на романот – „Маџун” промовира една исклучителна култура на сеќавањето која го проникнува историското и личното (индивидуално) време, големите и малите наративи, фактите и фикцијата... Користи колажна техника во нелинеарната нарација, со што внесува особена драматичност во и онака драматичното дејствие – виорот на војната. На микрокосмосот на детството како тематска доминанта, нормално, ѝ одговара детската визура на светот која внесува очудување во рационално уредената реалност. Која Ви беше идејата додека го пишувавте?

-   Денес би рекол – паралелното постоење  на макрокосмосот и на микрокосмосот во детската свест и нивното преплетување. Но тогаш тоа  не  беше толку  јасно и прецизно дефинирано. Пред сè, ме влечеше обидот да ги претставам сознанијата за светот во оној интензивен сетилен раскош каков што постоел во детството. Уживав додека ги правев тие обиди.

Романот „Маџун” - како што е напишано во препораката на кориците, „не е само роман за детството, туку и роман на атмосфера, и роман со исклучително урбан сензибилитет, и роман сложувалка во духот на постмодернистичката парадигма, и роман загатка...” Спомнавте  на промоцијата во Скопје дека некои читатели  ви кажале дека книгата ги насмеала, а некои други дека ги растажила...

- Ме радува што сум постигнал таков амбивалентен ефект. Читателот е оној што го дополнува делото. Нека одлучи самиот на кое чувство ќе му се препушти, читајќи ја книгата.

И овој роман, како и целиот Ваш творечки опус, го следи мајсторскиот опис, леснотијата на раскажувањето приказна, сликовитоста или алузивноста, како и веќе добро познатата иронија.

- Иронија, да.  Овој роман е пишуван со една сентиментална носталгија по еден исчезнат свет, но и со иронија - и кон тој свет и кон мојата сентименталност. Се надевам дека читателот ќе го почувствува тоа.

Кој е Вашиот творечки процес? Како во ова време-невреме успевате да се дистанцирате  од случувањата во реалноста и да пишувате ваква светска проза?

- Никој од нас не може сосема да се дистанцира од она што секојдневно се случува околу нас во општествениот живот. Но мислам дека е крајно време сите да се обидеме да ја намалиме таа обземеност со политиката. Во животот има толку други  извонредно значајни и извонредно привлечни нешта, што навистина  би било голема штета да ги запоставиме само поради една толку ефемерна и толку банална работа како што е политиката. Човечкиот живот е премногу краток за да го исполниме само со предизборни кампањи и смени на партии.

Што Ве радува, а што Ве вознемирува, и како автор и како граѓанин?

- Тоа што во Македонија ме радува е дека секојдневно сè повеќе доаѓаат до збор новите генерации млади луѓе кои се чувствуваат како граѓани на светот и кои не им подлегнуваат на дамнешните и надминати стереотипи. Ме вознемирува  кога ќе видам  дека, и покрај тоа, воскреснуваат и се обновуваат некои изветвени илузии и заблуди  за кои сме мислеле дека сме ги оставиле зад нас.

Вие сте и поет, и прозен автор, и критичар, и есеист, и преведувач. Кој жанр Ви е најблизок?

- Поезијата, секако. Но, таа не може да се пишува кога ќе посакате. Потребно е да се стекнат многу околности за да се создаде добар стих. И кога ќе напишете една песна, воопшто не е сигурно дека во текот на следните три-четири години ќе ја напишете следната.

Како ги доживувате наградите?

- Не можам да се пожалам  дека не сум добивал книжевни награди. Но никогаш не сум добил никаква државна, па ни градска награда. Освен, се разбира, двата ордена доделени од Владата на Република Франција. Но тука, во Македонија, која е моја земја, таквите награди некако ме заобиколуваат... Добро, се може и без нив, се разбира.

Дали писателот може да биде во пензија или не?

- Кој сака – може да се пензионира. Јас сè  уште наоѓам радост во книжевната работа.

Дали планирате и понатаму да пишувате? 

-Зошто да не?

Што би повториле , а што би заборавиле во Вашиот живот и работа?

- Кога би можело да се оди на „поправен испит”, би ги намалил „часовите на празен од”, на излежување. Но, од каде да знаеме дека можеби токму во таквите мигови на безделничење не се создал зачетокот на некои идеи, кои понатаму во животот ќе се покажат плодотворни?

Годинава одбележувате 85 години живот. На што се должи Вашата виталност?

-  Бело вино, црна чоколада, зелен чај... Но рецептот не би бил целосен кога не би  додал уште некои состојки. Да речеме – постојаната состојба на учење, отвореноста кон новите сознанија, дружењето со младите луѓе. И, многу важно: неотстапување пред поплавата на бесмислата, која секогаш нè демне. Си повторувам честопати во себеси: 99,99 проценти од универзумот што нè опкружува се состои од студ и темница. А ние тука, на земјата, живееме. Животот е чудо! И треба да му се радуваме!

Ова е една многу ефикасна мантра! Ви ја препорачувам за употреба неколкупати во текот на денот. Особено зиме кога ќе ви се смрачи внатрешниот хоризонт. Обидете се!

Лејла Сабит   Фото: Борис Грданоски

 

 

 

 

 

Споделување со вашите пријатели: