Mеѓународен сертификат за јавни набавки за МЖ-Инфраструктура

Mеѓународен сертификат за јавни набавки за МЖ-Инфраструктура
Јавното претпријатие за Македонски железници Инфраструктура – Скопје се стекна со меѓународно признат сертификат за одличност во спроведувањето на јавните набавки (CIPS Corporate Certification Primary Award) доделен од Институтот за набавки и снабдување (Chartered Institute of Procurement & Supply -CIPS) од Велика Британија.

-Како резултат на своите заложби во внесување на меѓународни стандарди и процедури во своето секојдневно работење, а посебно во областа на јавните набавки, што ќе резултира со ефикасен, ефективен и економски начин на работење,  намалени трошоци, навремено утврдување и управување со ризици и ублажување на нивното влијание, зголемена контрола и мониторинг на спроведувањето на договорите во областа на јавните набавки, одржување на постојана квалитетна комуникација со засегнатите страни и изведувачи, ЈП Македонски железници Инфраструктура – Скопје се стекна со сертификатот за одличност во спроведувањето на јавните набавки (CIPS Corporate Certification Primary Award), велат од ова јавно претпријатие.

 ЈП Македонски железници Инфраструктура – Скопје е прва јавна институција на територијата на Република Северна Македонија што се стекнува со ваков сертификат.

Овој сертификат потврдува дека институцијата континуирано работи на подобрување на ефикасноста во креирањето, спроведувањето, управувањето и мониторингот на јавните набавки во нејзините рамки. Имплементираните процеси и процедури поврзани со јавните набавки опфаќаат голем опсег од работењето на ЈП Македонски железници Инфраструктура – Скопје, вклучувајќи ги постоење на јасна стратегија и политика за јавни набавки со имплементација на локалното и меѓународното законодавство, постоење на јасно дефинирани постапки и процедури при подготовка, имплементација, мониторинг и ревизија на јавни набавки, почитување на кодекс на етика, соодветна организациска структура, јасна поделба на работните обврски и задачи во претпријатието …

-Добивањето на овој сертификат значи валоризирање на бројните интерни процедури, обуки и работа што вродија со плод. Фактот што ЈП Македонски железници Инфраструктура – Скопје се сертифицираше го потврдува континуираниот фокус на нашата институција за подобрување на квалитетот на работењето на јавната администрација во областа на јавните набавки, се наведува во соопштението.

Споделување со вашите пријатели: