Лентата на Миладиновци-Штип ќе се сече следната недела

Лентата на Миладиновци-Штип ќе се сече следната недела
Следната недела ќе биде пуштен автопатот Миладиновци-Штип. По него ќе се вози со времен режим на сообраќај. Тоа значи дека на деловите од автопатот, каде што ќе се довршуваат одредени зафати, ќе биде означено дека максималната дозволена брзина е 50 километри на час.

Информацијата ја потврдија од ЈП за државни патишта.

„Со првичниот проект не биле предвидени двете патарини, кај Кадрифаково и кај Миладиновци. ЈП за државни патишта изработи проект, извршена е експропријација, добиена е дозвола за градба и во тек се преговори со ЕБОР, преку која се одвива целиот проект за патарините на Коридорот 10 и за трите нови патарини - две на автопатот Миладиновци-Штип и една на автопатот Кичево-Охрид“, вели директорот Зоран Китанов, додавајќи дека патот е целосно завршен, според основниот проект, до 30 декември. Но тој не предвидува сервисни патчиња, како оној за пристап до Свети Николе, каде што се прави посебен натпатник. Поради зафатот, на тоа место ќе биде намалена дозволената брзина на движење. Истото важи и за местата каде што се градат патарините.

Со Изборниот законик е забрането да се одржуваат јавни настапи за пуштање во употреба на објекти градени со државни пари, во период од 20 дена пред почнување на изборна кампања, па сè до завршувањето на изборот на претседател. Затоа свеченото сечење лента се планира до 10 март. Кој ден точно, зависи од активностите на премиерот Зоран Заев.

Додека трае времениот режим, ЈП за државни патишта, освен патарините и сервисниот пат, ќе сади трева по косините. И багреми, за да не се прават свлечишта. Тендерите се завршени, се чека пролет за почеток на садењето.

Во меѓувреме, користењето на патот на диво резултирало со неколку сообраќајќи. ЈП реагирало со ставање бетонски бариери од половина тон, ама и тие биле поместувани со камиони и синџири. Потоа, било поставено обезбедување, контејнери на средина на патот. Целосно докомплетирање на патот, со сите придружни елементи, според Китанов, се очекува во мај.

Двете патарини, иако се планирани со експресна изградба, треба да бидат готови во ноември или декември, но тоа зависи од временските услови. Дотогаш, по новиот автопат ќе се вози без пари.

Фотоволтаици на патарините

ЈП за државни патишта поднесло барање до ЕБОР да се прошири проектот за патарините со поставување фотоволтаици на сите натстрешници, така што најмалку половина од потребната струја ќе ја произведуваат сами.

„На Коридорот 10, според планот, за 10-ина дена патарините ќе бидат електронски. Со сопствени средства ги обновивме кабините и на патарините на Коридорот 8. Ставени се и филтри за чистење на олово, за заштита на вработените, а поставени се и топлински пумпи“, вели директорот Китанов.

Заедно со новите, на Коридорот 10 ќе има 6 патарини а на Коридорот 8 ќе има 7. Дополнително, патарина ќе има и на автопатската делница Скопје-Блаце. За да не се губат пари, поради тоа што се очекува Југоисточна Македонија да се ориентира кон автопатот Миладиновци-Штип, рокот за изведба на двете патарини е скратен на 6 месеци. Патарината на автопатот Кичево-Охрид ќе се гради во стандарден рок од 10 месеци, и треба да биде готова паралелно со завршувањето на изградбата на патот. Патарината кај Гевгелија треба да заврши во мај, кај Демир-Капија, заради свлечиштето ќе задоцни до јуни, односно јули.

И контролниот пункт кај Петровец ќе биде пуштен следниве 10-ина дена. Преку контролниот пункт на почетокот ќе се следат сите патарини на коридорите 10 и 8, а во иднина со него ќе бидат поврзани и камерите што за една до две години треба да бидат поставени на сите автопатишта, како и контролните пунктови во Неготино кај автопатот Демир Капија - Смоквица и тој што ќе се гради во Кичево за автопатот кон Охрид. Преку кол-центарот ќе се пријавуваат проблеми на патиштата.

Со почетокот на градежната сезона, ќе почне и рехабилитацијата на најавените 40 патишта.

Анита Салтировска

Споделување со вашите пријатели: