ДУИ во операција за спасување

ДУИ во операција за спасување
 

Љупчо Поповски

Во политиката перцепцијата е поважна од вистината, поважна од стратегијата, поважна и од програмските начела на некој лидер или партија. Перцепцијата има моќ да столчи некоја партија, дури и да урне власт. Оној собраниски весел водвиљ со многу врева во неделата околу имунитетот на Трајко Вељаноски изгледаше дека е наменет за сиромашна и малку образована публика, која ќе гледа како пратеници навидум се борат да стигнат на време да гласаат за барањето на судот,и која ќе гледа како претседателот Талат Џафери во една „држ-недај“ ситуација на една минута пред полноќ му дозволува на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, да кажел уште нешто во наредните 30 секунди за да може да се гласа. За потоа да погледне кон часовникот на ѕидот и да заклучи дека знаменцето паднало - веќе било две минути по полноќ.

Оваа невешта, дури и аматерска игра на вештиот Џафери има голема можност да се дефинира како важна точка за иднината на неговата партија ДУИ. Во перцепцијата на гласачите, особено на оние во албанскиот кампус, оваа полноќна маскарада е вистински доказ дека братството на ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ никогаш не завршило. Дека тоа е како во приказните - со спојување на рацете од кои тече крв за да се завери печатот на побратимството. Во таа перцепција ДУИ е само на привремена работа во владата на СДСМ и едвај чека да се врати во вмровските прегратки. Она што партијата се обидуваше да го прикаже како нејзин капитален успех - Законот за јазиците - наеднаш се урна во перцепцијата дека ДУИ не сака да се дознае вистината за 27 април, дека осомничениот организатор, Трајко Вељаноски, треба да биде заштитен и дека има некои мрачни ходници по кои се водат нејзините интереси. Во таа перцепција ДУИ (и на седницата на комисијата за одземање на мандатот и на собраниската седница, несфатливо одолговлекувана цел ден за да влезе во чкрипец) непринципиелно се сврте против Зоран Заев, кој даде огромна крвава жртва за Талат Џафери да се избере за спикер, а потоа ја стави на коцка својата политичка иднина и иднината на неговата партија цврсто бранејќи го Законот за јазиците. Ако работите се поедностават, кај обичниот албански гласач тоа има прозаично објаснување со еден збор - неблагодарност.

Но, во политиката работите не се водат според морални координати, па така, она што за некого изгледа како неблагодарност, задутре може да се трансформира во политичка придобивка. Јавното кокетирање на ДУИ со ВМРО-ДПМНЕ пред сите, како на корзо, можно е и да не било дел од тактиката, која во основа требаше да биде подземна, а не транспарентна. За да може чекор по чекор овие двајца партнери во една иднина заедно да го запалат логорскиот оган во извидничкиот камп. Реакцијата на јавноста беше запрепастувачка за ДУИ. Таа не очекуваше дека гласачите навистина ќе препознаат дека во неделата вечерта таа им понуди сахарин наместо шеќер и дека не ќе може да го контролира гневот. Па, дури и бесот на партнерите од СДСМ. За една ноќ ДУИ разбра дека од овој несмасен водвиљ најголемата корист ја извлече СДСМ и тоа токму во моментот кога речиси беше сигурна дека е на пат да почне да ги враќа заблудените гласачи кои им ја дадоа довербата на социјалдемократите. Таков драматичен пад за една ноќ ретко се случува во македонската политика. А, веројатно и никогаш не се случил, ако го исклучиме 27 април.

Затоа, веднаш требаше да се тргне во операција за спасување. Но, и таа операција беше изведена несмасно, дури и аматерски. Кога на дебата на Телевизијата 21 беше повикан координаторот Ејуп Алими да објасни како се случи да не се донесе одлука за Вељаноски, тој со измислена надменост се обиде да го префрли целиот товар на СДСМ. И, се изгуби целосно. Тој на потпретседателот на СДСМ, Мухамед Зеќири, му го кажа и ова: „Не можете да го покриете неуспехот за функционирање на правниот систем. Граѓаните прашуваат кај се парите, вие ветивте во кампањата дека сите финансиски средства ќе ги вратите во буџетот, ви се молам, немојте, со вакви сценарија не можете да ги покриете неуспесите“. Како Алими да зборува во името на опозицискиот блок, а не како дел од власта, а уште повеќе што кадар на ДУИ половина од мандатот на оваа влада го водеше ресорот за правда. Алими, мислејќи на себе и процесот што СЈО го води против него за изборни фалсификати, уште ќе зборува: „Вие одите со црни возила и им се заканувате на судии. Ова ли се реформите што им ги ветивте на граѓаните“.

Кога социјалните мрежи зовреа и кога никој не напиша еден позитивен збор за она што го зборуваше Алими, во брза спасувачка мисија се впушти Талат Џафери, директно јавувајќи се телефонски во емисијата. Тој само подобро зборуваше, но не успеа да расчисти ниту една магла. Албанските колеги тврдат дека овие денови биле вистинско ватерло за ДУИ. И дека е запрепастувачки како не успева да се снајде во целата ситуација. Во рамките на оваа итна спасоносна мисија Али Ахмети, настојувајќи да ја прикаже неговата миротворна улога, еден ден порано најави дека ќе се сретне со Заев да поразговарале за претседателскиот кандидат и проблемите во коалицијата. Со тоа се обидуваше да му даде барем малку енергија во исцрпеното тело на интегративците. Вицепремиерот Бујар Османи во вторникот попладне мораше да подголтнува кога ја слушаше француската министерка Натали Лоазо, која јасно му порача дека реформата на судството и борбата против корупцијата се клучот за датумот за почеток на преговори со ЕУ. Исто како што мораше да подголтнува кога во Брисел Могерини и Хан му зборуваа дека непотизмот ја подјадува супстанцијата на владата во која тој е вицепремиер. Но, со подоцнежните изјави Османи покажа или дека ништо не разбрал или дека му е сеедно што значат овие пораки. Како ДУИ да е од друга планета, а не дека седи заедно со СДСМ на истата владина маса.

ВМРО-ДПМНЕ во силниот артилериски напад против непотизмот од редовите на СДСМ не објави ниту една афера за случаи од ДУИ, а ги има. Случајно? Оние што сакаат да се обложат на обновувањето на старото братство тврдат дека нема ништо случајно во ова вмровско замижување на гревовите на интегративците. Дека тоа е влог за идното ново разбирање врз старите премиси. Можеби. Она што е јасен факт е дека ДУИ како ретко досега се најде во небрано сакајќи да седи на две столчиња, особено кога тие се далеку едно од друго. Настаните од саботата и неделата покажаа дека луѓето од ДУИ ништо не разбрале зошто бројот на гласовите им беше преполовен на последните избори. Како што Талат Џафери вчера тврдеше дека ако Вељаноски случајно избегал за тоа ќе бил виновен судот. Истиот тој суд за чие барање тој не дозволи да се гласа во неделата. Тоа покажува дека многу поверојатно е дека ДУИ одбива да разбере што се случува, а тргна во мисија за сопствено спасување.

Споделување со вашите пријатели: