Законот за јавни набавки тест за државните службеници

Законот за јавни набавки тест за државните службеници

 „Економски најповолна понуда“ ќе биде новиот принцип на селекција при реализирањето на јавните набавки, но дали и колку државната администрација е подготвена да го прифати и да го спроведе во пракса, ќе се знае по 1 април 2019 година, велат експертите.

И додека компаниите го поздравуваат Законот за јавни набавки иако во него, како што велат, не се вметнати дел од нивните барања и сугестии, експертите порачуваат дека не е битно регулативата само да се стави на хартија, туку и како ќе се примени и имплементира.

-Економски најповолна понуда ќе биде новиот принцип на селекција во процесот на јавните набавки. Тоа во праска е многу тешко да се спроведе. Дали јавната администрација е доволно подготвена да спроведе таков тип набавки? Тука не е само евалуацијата на понудите, туку многу  побитно е како ќе биде направено тендерското досие, кои се критериумите што ќе се стават внатре, дали службениците што ќе бидат во комисиите се доволно подготвени реално да ја изберат вистина економски најповолната понуда. Локални експерти во оваа област има многу, но колку тие реално ќе бидат вклучени во имплементацијата на новиот Закон, останува да се види, изјави директорот на консултантската куќа „Епицентар“ Љубомир Димовски пред денешната инфо-сесија во Стопанската комора на Македонија.

Законот, смета Димовски, ќе овозможи реален и правилен натпревар меѓу фирмите во земјава, како и подобар квалитет за парите што ги дава државата, но во исто време остануваат многу предизвици кои се најповрзани со начинот на неговото спроведување.

– За поздравување е тоа што со новиот Закон се напушта концептот на најниска цена и повторно се оди кон економски најповолната понуда, односно се земаат предвид и дополнителни критериуми. За поздравување е и тоа што од електронската аукции се изземени интелектуалните услуги со оглед дека тука одеше до многу ниско спуштање на цените. Зголемена е и транспарентноста. Сепак, делумно е прифатено нашето барање да се врши контрола од надворешно, независно тело при реализацијата на договорите и исполнувањето на обврските. Прифатена е само обврската да се објавуваат реализираните договори на електронскиот систем, но контролата останува во рамки на договорниот орган. Тој ја спроведува контролата, нагласи Павлина Димовска, правен консултант од „Епицентар“.

Компаниите барале, дополни Димовска, на електронскиот систем да се објавуваат не само склучените договори, туку и нивните анекси, како и реализираните договори зашто Законот за јавни набавки го регулирал сегментот до моментот на склучување на договорите, а понатаму се применувале одредбите од Законот за облигациски односи.

-Треба да има контрола и транспарентност врз реализацијата на договорите, дали се исполнуваат согласно тендерската документација и понудата и дали од страна на државните органи се врши навремено плаќање. Барање на бизнис заедницата беше и при одредувањето на критериумите за избор на економски најповолна понуда да се изработат подзаконски акти што ќе ги опфаќаат секторите, зашто има специфики при набавка на опрема зависно за што станува збор – ИТ услуги, земјоделство,… Тоа не беше прифатено, предочи консултантката.

Компаниите се сепак согласни дека од новиот Закон за јавни набавки очекуваат намалување на можноста за евентуални злоупотреби, обезбедување конкуренција и еднаков третман.

Споделување со вашите пријатели: