Филмска ретроспектива на фестивалот во Бергамо за Карпо Година

Филмска ретроспектива на фестивалот во Бергамо за Карпо Година
На 37. Филмски фестивал во Бергамо „Bergamo Film Meeting“ од 9 до 17 март ќе биде организирана ретроспектива на комплетното творештво на режисерот, кинематографер, сценарист и монтажер Карпо Година, роден во Скопје во 1943 година. Фестивалот во Бергамо ќе го чествува Година како една од најрепрезентативните фигури на т.н. црн бран во југословенската и словенечката кинематографија.

Карпо Година во 1960-тите години снимил авангардни кратки филмови, а добро е познат како кинематографер, постојан соработник на истакнати режисери. Тој стои зад фотографијата на легендарните филмски дела „Рани трудови“ на Желимир Жилник, „Окупација во 26 слики“ на Лордан Зафрановиќ, „Улогата на моето семејство во светската револуција“ на Бахрудин Бато Ченгиќ. „Жена со пејзаж“ на Ивица Матиќ… кои важат за најдобрите остварувања на ексјугословенската кинематографија.

Во Бергамо ќе бидат прикажани трите играни филмови што ги режирал – „Вештачки рај“ (1990), „Црвениот буги“ (1982) и „Сплавот на медузите“ (1980), како и сите негови краткометражни филмови кои ги реализирал како автор во 1960-тите и 1970-тите години во поранешна Југославија.

-Оваа ретроспектива на Година во Бергамо првпат го содржи неговото комплетно творештво во авангардниот краткометражен филм и долгометражни играни филмови – следува непосредно по наградата што авторот ја доби од еден од најпрестижните светски музеи, њујоршкиот МОМА, каде што се одржа првата американска ретроспектива во неговата кариера, што се совпадна со изложбата „Бетонска утопија: Архитектура во Југославија, 1948-1980“… Филмскиот опус на Година, кој е голем пријател со македонските филмаџии и повремено соработуваше во некои нивни проекти, очекуваме да биде прикажан и во Кинотеката на Македонија, информира Кинотека.

Фестивалот во Бергамо е основан од новинарот Сандро Ѕамбети и режисерот Анџело Сињорели, а целта му е промоција на знаењето и ширење на филмската култура на локално и на национално ниво. Фестивалот организира средби со автори, работилници и други активности поврзани со филмот и уметничкиот свет.

Споделување со вашите пријатели: