„На кафе во Солун“ – нов проект на македонските и грчките железници

„На кафе во Солун“ – нов проект на македонските и грчките железници
Македонски железници – Транспорт е во преговори со грчкото железничко претпријатие TrainOSE за воведување на нови поаѓања од Скопје за Солун, за туристичките центри Лептокарија и Неи Пори, но и за директна врска од Скопје до Истанбул, јавува „Мета“.

Проектот „На кафе во Солун“ ќе овозможи секојдневно железничко поврзување меѓу Скопје и омилената дестинација за шопинг на Македонците. Од МЖ-Транспорт велат дека во летните месеци овој воз би сообраќал до Неи Пори, при што нашата железница би се поврзала со туристичките агенции за превоз на групи до неколку крајбрежни дестинации на северот на Грција.

Од МЖ-Транспорт посочуваат дека се водат разговори за воведување во сообраќај на воз Битола – Лерин по пругата која што беше целосно реконструирана на крајот од минатата година. Локални прекугранични возови се предвидени и со Србија, за што се водат преговори и со тамошните државни железници.

-Локалниот воз Скопје – Табановци, да се поврзе преку возните редови, со локалниот воз Прешево – Ниш. На овој начин патниците би се превезувале со веќе постоечките возови и со тоа не би се правеле дополнителни трошоци – велат за „Мета“ од МЖ-Транспорт.

Доколку успеат преговорите со „Србија Воз“, експресниот воз „Хелас експрес“ кон Белград и кон Солун би сообраќал подолго време, а не само во периодот од 15 јуни до 16 септември.

Од Македонски железници – Транспорт информираат дека се направени првични разговори со турските железници за можно воведување на директен воз Скопје – Солун – Истанбул.

Според актуелниот возен ред, меѓународен железнички сообраќај во моментов функционира единствено кон Косово со брзиот воз што секојдневно сообраќа на релацијата Скопје-Приштина-Скопје.

Споделување со вашите пријатели: