Политичка манекенка

Политичка манекенка
Ѓорѓи Спасов

Во Македонија долги години „првиот пендрек“ - како што го нарекуваат кај нас министерот на полицијата, беше во рацете на една Гордана. Не беше таа неписмена. Имаше таа некои школи завршено во Англија, говореше англиски, објавуваше и статии во списанието „Политичка мисла“, а од позицијата на министер за внатрешни работи девет години според нејзините зборови работата си ја вршеше само според устав и закон. Уште пред паѓањето од власт се покажа дека според тој устав и закон се вршело нелегалното прислушување на илјадници граѓани и опозиционери. Според тие устав и закон, се фалсификувале избори, се правеле финансиски проневери и криминали и се лустрирале неправедно живи и мртви „непријатели“ на режимот. Според тие устав и закон - кои ги бранеше таа, Македонија влезе во остар конфликт со сите соседи бранејќи го Уставот, историското име Македонија, историското наследство на античките Македонци, новокомпонираниот антички идентитет на Македонците преименувањата на улиците и јавните објекти според имињата на античките јунаци и претворањето на плоштадот на Скопје во Дизниленд од античка Македонија.

Сега таа Гордана се има заглавено некаде во судските лавиринти, според устав и закон, а нејзиниот налогодавец Груевски, кој ја постави на таа позиција, ни испраќа честитки и поздрави од Будимпешта во која побегна со доволна сума пари, поради „опасноста од политички прогон“ во земјата каде што владееше според устав и закон.

И тамам помисливме дека ќе се ослободиме од лошите асоцијации на Гордана, од ВМРО-ДПМНЕ, тие според устав и закон, ни нудат една нова Гордана, овој пат за функцијата претседател на државата.

За разлика од старата Гордана, која пред да стане функционер работеше во познатото криминално друштво на Груевски „Аналитико“ за перење пари и за финансирање на опозицијата, оваа новата Гордана со право вели дека ѝ должи на Македонија. Таа заедно со децата на другарите на Киро од Водно (синовите на Крсте Црвенковски и Владо Малески) како снаа на покојниот другар на Киро, Павле Давков, по првите избори во 1990 година влезе во Владата на Македонија како министер без ресор. Единственото по што остана запаметена од работата во таа влада беше добивањето на мошне профитабилниот фри-шоп за нејзиниот сопруг, како што добија, секако според устав и закон, само неколкумина одбрани функционери од таа влада и судии кои прилично се збогатија.

По тој кус и профитабилен излет во политиката, таа Гордана како да исчезна од радарот во политиката. Велат, ѝ се посветила на нејзината академска кариера заедно со нејзиниот колега Ѓорге Иванов и долго време, во катакомбите на Правниот факултет во Скопје заедно размислувале на тема „како да ја спасат Македонија?“

Кога Иванов успеа да му се пикне под кожата на Груевски по победата на ВМРО- ДПМНЕ во 2008 година со своите приказни за античка Македонија и за античкото потекло на Македонците, за московјаните кои говореле македонски и со своите идеи за систем на владеење според методите и упатствата од Владимир Путин, но и на Ердоган, тогаш на двајцата им текнало дека спасот на Македонија (пред сè, од грчката опасност и од Албанците), може да дојде само ако еден од нив стане претседател на Македонија. Новата Гордана се става прва на списокот за поддршка на кандидатурата на Иванов за претседател во 2009 година и од неговиот избор за претседател до денес е главен поддржувач на сите негови штетни политики.

Исто како Иванов, и таа пред да ја открие „мудроста на Груевски“ членува кусо време во управниот одбор на Фондацијата „Отворено општество“ и кокетира со СДСМ. Но набргу и двајцата го прегрнуваат национализмот „според устав и закон“.

На Балканот тој вид национализам е познат како национализмот на легалистот Воислав Коштуница од Србија, кој извесен период по Милошевиќ беше и претседател на Србија. Коштуница, исто како и Милошевиќ, не го даваше Косово, ја поддржуваше Република Српска, сметаше дека Србија е до таму до кај што се зборува српски, зборуваше за српските земји во Косово, во Босна и во Хрватска, веруваше во потребата од православно и христијанско братство, говореше за Србија која се бори само за право, правда и за почитување на законите, дека правдата е на страната на Србија и дека еден ден таа ќе победи. За разлика од Милошевиќ, кој говореше за историските права на Србите, дека не смее да се дозволи тоа што се освоило во војна да се изгуби во мир и дека Србија водела само одбранбени и праведни војни и дека сè што ѝ се случува е притисок од Западот за да биде ослабена и уништена Србија, Коштуница користеше друг речник. Тој велеше дека е легитимно да се разговара за какви било промени, но секоја промена во врска со Косово или што било друго во Србија треба да биде направена во согласност со уставот, без притисок од надвор, па дури и ако со тој устав се заштитени само правата на мнозинската нација и ако тоа мнозинство хрането со национализам и шовинизам никогаш не би дозволило какви било промени. Всушност, тој и таквите како него и денес тврдат дека Југославија се распаднала само затоа што отцепените републики и покраини не го почитуваа Уставот.

Овој вид национализам е дури многу поопасен од отворениот национализам на Милошевиќ. Неговата крајна цел е иста. Да не се дозволат промени и општеството во име на некакво право и правда да се држи затворено и изолирано, а неправдата врз помалобројните и поинакумислечките да се прогласи за норма според устав и закон.

Во политичката теорија тој конзервативизам Едумонд Берк го нарекол „глуп конзервативизам“, кој доведува до револуции и до смени во крв и насилство таму кај што сè можело да биде поинаку. Револуции им се случуваат на општества, вели тој, кои „одбиваат да се менуваат за да се зачуваат“. А храброста да се прифатат неопходните промени е единствената гаранција за зачувување на општеството од насилства, протести и револуции.

Иванов и новата Гордана се застапници на тој „глуп конзервативизам“ и на „балканскиот легалистички национализам“.

Затоа и меѓусебно се поддржуваат и очекуваат она што недоволно го упропасти Иванов да го доуопропасти новата Гордана продолжувајќи ја неговата политика.

И двајцата се активираа во политиката по долгогодишно отсуство од неа. А познато е дека бившите политичари се како бомби заостанати од војната. Никој не знае кога може да се активираат и колкава штета може да направат. Штетата од Иванов ја видовме. Сега е на ред новата Гордана.

Таа за почеток ја прогласи партијата ВМРО-ДПМНЕ за реформски ориентирана затоа што ја прифатила да биде „натпартиски кандидат“, што би се рекло „кандидат над сите партии“, оти без нивна поддршка би останала „политичка манекенка“.

А во своето прво промотивно видео рече дека се кандидира за претседател бидејќи на Македонија ѝ бил потребен глас на разумот, глас на правото и правдата и глас на европските вредности. Со други зборови, таа мошне нескромно ни порача дека таа е тој глас на разумот, глас на правото и правдата и глас на европските вредности.

За почеток, не е лошо човек да има добро мислење за себе.

Ама новата Гордана мора да знае дека Македонија во нејзино отсуство прилично се промени и тоа против волјата на нејзиниот другар Иванов.

Ако таа влегува во изборна трка со амбиција да го врати „изгубеното име Македонија“ и да ги поништи меѓународните договори со Грција и Бугарија, ако влегува со амбиција да го поништи Законот за јазиците и да владее како еднопартиски претседател како Иванов; ако има амбиција да ги стави во затвор сите 80 пратеници кои гласале за промена на Уставот затоа што, според неа, со тој чин направиле кривично дело, тогаш не ѝ помагаат ниту славните револуционери од нејзината фамилија, ниту дедо ѝ Стојко кого го повика на помош.

Ќе остане запаметена само како „политичка манекенка“.

 

 

 

 

 

Споделување со вашите пријатели: