Eкипата на „Медена земја“ се врати дома: Снимавме во рој пчели, без никаква заштита

Eкипата на „Медена земја“ се врати дома: Снимавме во рој пчели, без никаква заштита
Цели три години додека го подготвувале филмот, екипата на „Медена земја“ работела во лоши услови. Местото каде што е снимен филмот се наоѓа во централниот дел на земјава во близина на реката Брегалница и е тешко достапно. Така, тие морале со денови да преноќуваат во шатори и без струја. Обезбедувале храна само за неколку дена, а потоа се враќале за повторно да се обезбедат, да ги наполнат батериите на техничката опрема и назад.

Режисерите Љубо Стефанов и Тамара Котевска, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев, како и снимателите Фејми Даут и Самир Љума се екипата која макотрпно работела и верувала дека оваа приказна ќе направи промена.

За нивната главна протагонистка Атиџе дознале случајно додека снимале кадри за филм кој планирале да биде краткометражен документарец. Но, откако стапиле во контакт со Атиџе, сфатиле дека тоа мора да биде фокусот во нивната приказна.

-Лесна беше комуникацијата со Атиџе. Веднаш посака да снима и ни рече дека ова е како да и се остварил сонот. Отсекогаш сакала да дојдат новинари, сниматели и да ја фотографираат и снимаат како таа се движи по ридовите, како ги одгледува пчелите. Таа е уникатна и многу филмска личност – раскажа Котевска.

Атиџе живеејќи во неблагодарни услови, во дом кој и не личел на дом, секојдневно се грижела и за пчелите. Кога ќе го соберела медот, таа го делела на пола и оставала една половина за неа, една за пчелите. Токму ова пренесува дел од пораката за тоа како треба да се грижиме за природата се она што таа ни дава.

-Прво мислевме дека тоа некаков ритуал. Но, подоцна сфативме дека Атиџе остава половина мед за пчелите. Всушност, тоа е и клучниот момент врз кој што треба да се базира целата порака- додава Котевска.

Стефанов вели дека филмот испраќа универзална порака за животната средина и колку повеќе луѓе го погледнат, толку повеќе ќе ја разберат суштината.

-Ова не е само филм за пчелите, може да се заменат пчелите со дрвја, риби или друго. Порака е универзална. И таа е за фер искористување на природните ресурси. Не е важно дали е мед, само во случајов е – вели Стефанов.

Веќе е договорено филмот да се прикажува во кината во САД. А, македонската премиера ќе биде на фестивалот за документарен филм „Македокс“ во август во Скопје. Претходно ќе има две прикажувања за новинари и стручна јавност.

Снимателите и Фејми Даут и Самир Љума споделија искуства од тоа како е да се снима рој пчели, а да не си воопшто заштитен.

-Воопшто немавме заштита од пчелите. Но, односот на Атиџе кон нив ни даде храброст да се опуштиме. Се случуваше цели да бидеме покрие со пчели, но не се случи ништо. Мене ниту еднаш не ме каснаа, но на Фејми му наплатија и за мене, го каснаа четири пати – вели низ смена Љума.

Продуцентот и монтажер Атанас Георгиев рече дека не завршила нивната мисија со завршувањето на филмот. Покрај тоа што отпочнаа кампања за продажба на медот, со цел да се соберат пари за школување на дечињата од „Медена земја“, информираше дека и помогнале на Атиџе да биде сместена во најблиското село и да добие скромен но достоинствен дом. Според Георгиев, нивната помош кон овие луѓе ќе продолжи и во иднина.

‒ Кога тргнувавме на „Санденс“ знаевме дека со нас носиме нешто големо, и токму поради тоа како да знаевме дека овој филм ќе донесе награда, но не очекувавме дека ќе се вратиме со три, меѓу кои и главната награда. За мене „Санденс“ е мост за две релации ‒ глобална и индивидуална. Глобалната значи дека по овој фестивал имаме можност да нѐ види и слушне светот, да ни ја слушне маката, а ако имаме среќа може и нешто ќе се смени или барем ќе се помрдне. Индивидуалната значи нови контакти, нови проекти, нова комуникација со врвни уметници од светот. Со „Санденс“ почна една приказна на која можеби не ѝ се гледа крајот ‒ истакна Георгиев.

„Медена земја“ триумфираше во конкуренцијата за документарци од целиот свет на американскиот филмски фестивал „Санденс“ („Sundance“).

На церемонијата што се одржа во Парк Сити, Јута, САД ja доби големата награда на жирито Гран-при за најдобар документарен филм, а на снимателите Фејми Даут и Самир Љума им беше врачена наградaта за најдобра кинематографија (Special Jury Award for Cinematography). Документарецот го доби и специјалното признание од жирито за влијание за промена (Special Jury Award for Impact for Change). Ова беше и првпат во историјата на фестивалот еден филм да добие три награди. И.Н.

Споделување со вашите пријатели: