И по Ѓорге, Гордана

И по Ѓорге, Гордана
Ерол Ризаов

Христијан Мицкоски, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, два месеци пред да се одржат претседателските избори, го прогласи победникот со зборовите: „Професорката Гордана Силјановска-Давкова е новиот претседател на државата. Македонија ја доби првата мајка на нацијата“. Така, со 408 гласа „за“ на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ ни стаса првата сенародна мајка на сите граѓани. По таткото проф. Ѓорге Иванов, кој 10 години ни се оддолжуваше несебично и татковски за сè што за него направила татковината, сега, се разбира, ако ја избереме, ќе ни се оддолжува за сè што направила мајковината за неговата учителка и ментор, нашата натпартиска мајка. По таткото, стаса и мајката. Македонија е спасена. И по Ѓорге, Гордана. Божемски исто како и по Тито, Тито, ама многу поразлично.

Го разбирам Мицкоски поради големата потреба да прогласи победник пред да почне изборната кампања. Тоа е уште еден очаен обид за мотивација на членството по моралниот дебакл на криминалниот партиски врв, фатално и неизлечиво метастазиран во првите три раководни ешалони на компромитираната партија. Неговото благо дистанцирање од Никола Груевски со зборовите дека е само партиско минато, не е доволно да ја покрие трагедијата на 11-годишното клептокртатско владеење и упропастување на Македонија и нејзината кревка демократија, целиот општествено-политички и економски поредок, културен и кадровски геноцид, уништувајќи ги сите вредности и заробувајќи ја државата со сите нејзини институции со ужасна деградација на владеење на правото и комплетниот правосуден систем, со брутално уривање на импозантниот медиумски дострел меѓу 30 земји во светот каде што беше Македонија во 2006 - 2007 година. Не може да се симне тој тежок товар со тоа што ќе се прогласи за минато само таткото и творецот на „груевизмот“, со два збора да се заборави злосторничкото здружение и нивните злодела. Не е можна амнезија со проста реченица: Тој е наше минато. А, што правиме со сегашноста. Каде се наследниците, следбениците и извршителите на злоделата какви што не памети историјата откако е основана државата пред цели 75 години. Сите тие компромитирани политичари сè уште се во врвот на партијата.

И сега со нивна помош и поддршка на вмровската база оти без нив како силна партија не бивало, мајката на нацијата, Гордана Силјановска-Давкова ќе воведе владеење на правото, уставни измени како што треба, ќе ги забрза процесите за евроатлантските интеграции на Македонија, ќе ги исправи грешките од Преспанскиот договор и ќе ги вразуми Албанците и другите немакедонци да не претеруваат со барањата и со употребата на јазикот; ќе ја врати слободата и демократијата. Силјановска-Давкова ќе ги испере сите бербатлаци на ВМРО-ДПМНЕ. Бравос. Почнува новата ера на граѓанско општество со уривање на „заевизмот“ и со враќање на „груевизмот“. Милина една од континуитетот на мајката по заминување на таткото.

Најсилен впечаток од изборната победа на Силјановска со 408 гласа, сепак, ми остави зрелоста на делегатите на ВМРО-ДПМНЕ, кои ја процениле потребата тоа да биде натпартиски консензуален претседател на обединетите Македонци, вистински патриоти сплотени по големата несреќа што ја снајде Македонија со промена на името од Република Македонија во Република Северна Македонија, по изгубениот национален идентитет и јазик, по навредата и понижувањето од западниот свет и Америка во спрега со домашните предавници, кои го обезличија македонскиот народ и држава со капитулантскиот договор со Грција. Тоа би бил вистинскиот граѓански консензус, а не како на предавниците Македонци изроди со другите народи кои живеат во Македонија. Тоа би било непатриотски и премногу граѓански, или како што вели Мицкоски, тоа би било ептен деспотски.

Новата мајка на нацијата прогласена за претседател пред да биде избрана ми остави силен впечаток со својата определба за граѓанско општество како човек што не е националист, како што ни приопшти самата со еклатантен доказ оти била родена во турска куќа и побратимена со Албанци, со подготвеноста да воведе владеење на правото и да ги забрза процесите за членство на Македонија во ЕУ и освојување на европските и западните вредности, со владеење на правото, уставни измени и слобода на медиумите, со цитирање на американските претседатели Абрахам Линколн и Џон Кенеди и со уривање на „заевизмот“ и со обединување. Да, убаво е ова да се чуе како една повисока форма од вмровскиот примитивен популизам и квазипатриотизам. Но, во суштина, станува збор за обична манипулација, која се открива лесно за неколку секунди додека кликнете на определбите на проф. Силјановска од пред само еден месец.

За тоа дека Силјановска не е националист по сопствено признание, навистина сакам да верувам во тоа, ама аргументите што ги соопшти за пријателство со различните од себе ги имам слушнато повеќепати од најголемите националисти и шовинисти кои го предизвикаа крвавиот распад на Југославија. Некои од нив дури и во Хашкиот суд, кога ги судеа како воени злосторници како главен доказ за нивната граѓанска ориентација беа признанијата дека имале блиски пријатели и кумови од друга националност. Тоа што Силјановска е родена во турска куќа и што брат ѝ бил побратим со Албанци станува безвредно по нејзиниот категоричен став за ограничување на употребата на другите јазици во земјата како опасност од загрозување на македонскиот јазик.

Колку е можно граѓанско општество во Македонија во оваа фаза од нејзиниот развој Силјановска добро знае и како научник и како поранешен министер, и сега како вмровски натпартиски претседател. Тоа е голема илузија, дури и кога би била избрана за премиер на вмровска влада. Втората работа која е крајно неуверлива е како Силјановска со својот став за Преспанскиот договор ќе го забрза членството во ЕУ и ќе ги поттикнува европските и западните вредности кога до вчера на цел глас го проповедаше спротивното, против договорот и против членството во НАТО и во ЕУ со таков штетен договор за македонските национални и државни интереси.

А што се однесува до уривање на „заевизмот“, тука е целосно во право. Стануваат неподносливи признанијата што ги добива премиерот Зоран Заев во сиот тој западен свет и кај членките на ЕУ, кај соседите. Тоа не може да му се прости во Македонија, не само од опозицијата и од коалициските партнери, туку и од неговите во партијата. Никако, што е многу, многу е за „селанчето од Струмица“. Професорката Гордана Силјановска-Давкова ќе ја обединува Македонија и ќе го врати владеењето на правото заедно со „груевизмот“, оти тоа е подобро од „заевизмот.“ Добро е што ќе нема таква шанса, дури и ако стане претседател на државата. Како професор по уставно право, Силјановска добро знае до каде ѝ се ингеренциите, освен ако навистина не мисли дека треба да го наследи во секој поглед својот претходник со кого ја изведе првата прошетка по охридските улици по големата победа во ВМРО-ДПМНЕ. На тоа ми личи натпартискиот избор и предвремената инаугурација на мајката на нацијата.

Споделување со вашите пријатели: