Венецуела, најновиот дебакл на социјализмот

Венецуела, најновиот дебакл на социјализмот
Роберт Несими

 

За повеќемина кризата во Венецуела влезе во нивниот радар само во последните неколку недели, но во реалност земјата е во постојана криза во поголемиот дел од оваа декада. Катализатор за ова најнова криза беше одлуката на претседателот на парламентот Хуан Гуаидо, кој во рамки на своите уставни надлежности привремено ја презеде функцијата в.д. претседател, до моментот на одржување на нови фер избори. Тоа се случи неколку дена пред функцијата вторпат да ја преземе досегашниот претседател Николас Мадуро, кој беше избран на избори бојкотирани од опозицијата, чии кандидати беа во затвор или им беше забрането да учествуваат.

Гуаидо набргу беше признаен како легитимен претседател од речиси сите соседи и целата западна хемисфера со исклучок на неколку левичарски влади, како Куба, Мексико или Боливија. Истиот чекор го презедоа повеќето европски земји, вклучувајќи ја и Македонија. Ова листа на земји, а посебно присуството во неа на САД, стана извор на теории на заговор за обиди за пуч поттикнати од странски служби, кои наводно сакаат да ја свиткаат волјата на венецуелскиот народ и да го делегитимираат Мадуро. Тие прават паралели со интервенциите во земји како Ирак или Либија, наводно поради нафтеното богатство на Венецуела. Погодно за нив, овие теории ја занемаруваат едноставната вистина дека Венецуела под Хуго Чавез и Мадуро стана пропадната држава, вистинска диктатура која донесе само мизерија до тој степен што неколку милиони жители одлучија да ја напуштат земјата. Разбирливо, ваквите теории на заговор најчесто се слушаат во антизападната пропаганда, а посебно од страна на различни левичарски движења од Западот, кои преку оваа приказна сакаат да ја покријат голата вистина за тоа како изгледа една вистински социјалистичка земја.

Венецуела е една од најбогатите земји со ресурси од Латинска Америка, пред сè богата со нафта. Таа ги има најголемите резерви на нафта во светот и е единствена земја од континентот која е членка на ОПЕК. Поради ова богатство, таа беше најпросперитетната земја во континентот во 60-тите и 70-тите години од минатиот век, но потоа се соочи со криза кога цената на нафтата падна во 1980-тите. Во 1998 година на претседателски избори победи Хуго Чавез (кој шест години порано го предводеше неуспешниот пуч на армијата) претежно со популистичка социјалистичка платформа. Чавез брзо ја консолидира власта и го промени уставот, што му овозможува да остане на власт до неговата смрт во 2013. Со помош на високите цени на нафтата, Чавез почнува популистичка и фискално неодговорна кампања, наводно за да ги подобри условите во здравството, образованието и домување на пониските слоеви на општеството. Во текот на првата декада од 21 век тој станува постер на глобалната левица, како пример на „социјализам што функционира“, пофален и увеличен од познати западни интелектуалци и политичари како Кругман, Чомски, Стиглиц, Корбин итн.

Другата страна на приказната сепак е дека Чавез и неговиот режим на „Нов социјализам“ ги осакатија столбовите на економијата на Венецуела. Како што диктира неговиот социјалистички модел, Чавез експропира, национализира и става под директна државна контрола цели индустрии, земјиште, масовно го проширува јавниот сектор и јавната потрошувачка, воведува ценовни и капитални контроли и слични мерки од марксистичкиот учебник. Мадуро, кој го наследи по неговата смрт, исто така ги наследи и продолжи истите политики, кои до крајот на декадата веќе покажуваа катастрофални резултати.

Крајниот резултат на ова масовна социјалистичка кампања е дека Венецуела, всушност, стана најсиромашната земја на континентот и по секоја дефиниција стана пропадната држава. Национализацијата на различни индустрии значеше заминување на многу странски компании кои донесоа потребни знаења во Венецуела, а исто така заминување на локални професионалци кои беа заменети со партиски поданици. Според некои проценки, приватниот сектор се преполови во текот на само една декада. Кога цената на нафтата падна, а земјата веќе немаше ништо друго за извоз, таа се соочи со недостиг на храна, лекови, па дури и основни хигиенски материјали, како сапунот. Како паѓаа економските слободи (Венецуела е рангирана 188. во светот), следуваа и клучните економски параметри. БДП падна за 6 отсто во 2016, 14 отсто во 2017 и повеќе од 16 отсто во 2018. Инфлацијата растеше вртоглаво, од 70 отсто во 2014 на 4.000 отсто во 2017, за да стигне неверојатни 2,5 милиони отсто во јануари 2019. Степенот на сиромаштија, големиот „успех“ на режимот на Чавез, достигна над 80 отсто во 2018. До тогаш повеќе од три милиони Венецуелци ја напуштија земјата барајќи подобри услови како бегалци во соседните земји Колумбија и Бразил.

Со ваквиот развој на настаните не е ни чудно што поголем дел од граѓаните на Венецуела сакаат промени и дека на Мадуро му требаат сè повисоки нивоа на репресија за да остане на власт. Имајќи ја предвид еднодекадната криза, признавањето на Гуаидо од речиси сите земји од Латинска Америка, САД, Канада и Европа е за поздравување, а не за осуда.

Затоа е жално што голем дел од глобалната левица продолжува да ги оправдува Мадуро и неговиот режим, а вината ја бара кај некои странски фактори и мешање од странски земји. Тоа секако е поради претходната пофалба дадена на боливарскиот режим, кој се катапултираше како модел на успешна социјалистичка земја. Сегашниот молк на овие левичарски интелектуалци зборува за нивното негирање на реалноста и одбивањето да прифатат дека социјалистичкиот модел никогаш не функционира. Како што докажа историјата неколку пати, тој модел секогаш завршува со масовна економска пропаст, хиперинфлација, сиромаштија, и на крај долги линии на чекање за храна и лекови, како што впрочем се случи и во овие краишта во поранешна Југославија.

Суровата реалност на Венецуела уште еднаш докажува дека социјалистичкиот модел беше и остана пропаднат концепт. Тоа треба да ни служи како предупредување за сите политичари кои се залагаат за лев економски популизам, тука и во странство.

Споделување со вашите пријатели: