Роднините не тежат 40 проценти

Роднините не тежат 40 проценти
Александра м. Митевска

Многумина, веројатно, почувствувале олеснување кога ја слушнале дефинитивната одлуката на СДСМ дека нема предвремени парламентарни избори заедно со претседателските. Сигурно му олесни и на опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој повеќе маркетиншки бараше нешто што се надеваше дека нема да го добие. Затоа што, ако го добиеше, потешко би можел да стимулира тивок бојкот на вториот претседателски круг, но и да ја релативизира одговорноста за евентуален двоен изборен пораз. Сепак, многу веројатно е дека најмногу се израдувале оние што во изминатиот период, од позиции во извршната или во законодавната власт, влијаеле за вработувања на нивни роднини во добростоечки претпријатија во сопственост на државата. Нанесувајќи и на тој начин ненадоместлива штета на партијата која пред две години „сруши режим“, меѓу другото објавувајќи војна на клиентелизмот, непотизмот, судирот на интереси, партизацијата на администрацијата и на јавниот сектор, и на сите слични девијантни појави што влијаеја на падот на претходната власт. И, кои можеби не се законски неиздржани, ама отвораат многу етички дилеми и го доведуваат во прашање кредибилитетот на владејачката гарнитура и нејзините капацитети за реформи во општеството и во граѓанската свест.

Просто неверојатно е како вестите во низа за задоволување на теснопартиските интереси на поединци од владејачката клика, кои ја (зло)употребиле довербата што им била укажана со номинацијата за пратеници, министри или директори на претпријатија, направија „кич“ од големата слика со знамето на НАТО заедно со македонското на јарболот пред владината зграда. Чинот од историско значење за земјата требаше и можеше да ги засени сите отстапки на кои беше принудена владејачката гарнитура во текот на постигнувањето и спроведувањето на Преспанскиот договор и да ја подигне довербата на граѓаните во политиките што се преземаат, како и да ги мотивира за учество во политичките процеси. Но, сето тоа наеднаш беше „поплавено“ од силни бранови информации за семејни врски и односи на дузина нововработени во неколку фирми што се покажаа како златни кокошки за згрижување на функционерски роднини, наспроти надежите што се поттикнуваа сето ова време дека влезот во НАТО ќе ја подобри бизнис-климата во државата и ќе отвори простор за нови директни странски инвестиции - меѓу другото и за да не мора цели функционерски фамилии да се вдомуваат во ЕЛЕМ или во МЕПСО...

На крајот, излегува дека ниту Законот за јазици, ниту Преспанскиот договор, па дури ниту поставувањето на таблите со новото име не можат да поттикнат толку голем револт и скандализирање, како што тоа може да се постигне кога се демонстрира протекционизам и се уриваат сите процедури, критериуми и принципи. Тогаш, неминовно е незадоволството и кај оние што имаат разбирање за Законот за јазиците или за Преспанскиот договор, како нужни отстапки што беа направени во име на повисоката цел, односно во насока на затворање на последните отворени прашања на меѓуетнички план и во односите со соседите.

Од тој аспект, колку што се нерационални повеќето случаи на непотизам што ја тресат деновиве „Илинденска“, толку, од друга страна, е рационална одлуката на главната владејачка партија да каже одлучно „не“ за вонредни избори во време кога мора да се спроведат реформи и да се почека на одлуката на ЕУ за почеток на преговори со Македонија. Тоа ќе биде уште еден чин од круцијално значење за државата, што, да се надеваме, нема да биде засенет од нови примери на судири на интереси, како што се случи тоа на стартот на процесот за полноправно членство на земјава во НАТО.

Погледнато од друг агол, одлуката на главната владејачка партија да нема двојни избори напролет може да биде и ризична, со оглед на тоа што вонредни парламентарни избори можеа да го олеснат постигнувањето на потребната излезеност од 40 проценти во вториот круг од редовните претседателски избори. Мошне јасно е дека таа „операција“ сега ќе биде потешко изводлива, особено ако се земат предвид дополнителните демотивирчки фактори што испливаа на површина во последните денови. Само со роднините што се згрижуваат во државни јасли тешко дека ќе се стигне до потребниот одѕив, особено ако се земат предвид бројките од септемврискиот референдум. Впрочем, и тогаш, спроти референдумот, се тркалаа мноштво информации во јавноста за судири на интереси околу доделување тендери и донации на фирми на функционери или на нивни роднини. И тоа, веројатно, е еден од факторите кои имаа влијание на апатичноста на гласачкото тело на референдумот, покрај чувствителноста на прашањето и тивкиот бојкот на опозицијата.

Од тој аспект, главната владејачка партија овој пат мора да ги вложи сите напори на претседателските избори да не се случи своевидна реприза во однос на процентите за време на референдумот. Затоа што во случај на неуспешни избори повторно ќе биде доведена во ситуација да прави други отстапки и да влезе во нови политички пазарења. Освен тоа, евентуални избори без цензус во никој случај не можат да бидат добра препорака во период кога ќе се чека важната одлука на Европскиот совет околу почетокот на преговорите со ЕУ.

Споделување со вашите пријатели: