Како го „предадов“ НАТО

Како го „предадов“ НАТО
Нано Ружин

Еден студен февруарски ден во 2008 година, најпознатата приватна провладина медиумска куќа објави дека НАТО повел истрага против амбасадорот на РМ во НАТО за издавање доверливи документи. Тоа беше запрепастувачка вест на денот. Се работеше за амбасадор кој две недели претходно беше избран од страна на Министерството за надворешни работи на Белгија за „Амбасадор на годината“ помеѓу триста акредитирани амбасадори во Брисел, престолнината на ЕУ и НАТО. Дали тоа Кундера повторно се пошегувал со некое ново издание на балканското едноумие?

Веста беше бомбастична и ги покри сите настани во државата. Во овој период Македонија амбициозно се надеваше на поканата за членство во НАТО на Самитот во Букурешт закажан за 4 април. Во таа година на глувците, според кинескиот календар, тогашниот премиер - градител на новата историја на посткомунистичка Македонија почна интензивно да ги менува имињата на топонимите во државата. Аеродромот „Скопје“ го доби името „Александар Велики“, Градскиот стадионот стана „Филип Втори“, автопатот кон Грција стана „Александар Македонски“ итн. Немаше разумен дипломат во Брисел кој, како амбасадорката на САД, Викторија Нуланд или нејзиниот претходник Николас Барнс, не насетуваше дека овој вид налудничава антиквизација може да ги загрози шансите на Македонија за членство во НАТО.

Токму пораката на Николас Барнс до Груевски која гласеше „Престани да копаш кога си во дупка“, а која му беше пренесена од страна на нашиот амбасадор, ја активира аферата за неговото „предавство“ на Алијансата. Неговите спин-доктори се присетија на една мала епизода од јануари 2008 како одличен изговор за отпочнување на кампањата во стилот на процесот на Кафка за „предавството“ на амбасадорот. За време на јануарскиот престој на македонскиот премиер во Алијансата при усвојувањето на Акцискиот план за членство (АПЧ) на Македонија пред Северноатлантскиот совет на НАТО се случи мал инцидент. На мултилатералната средба тогашниот бугарски амбасадор ѝ забележа на нашата делегација дека не е коректно македонските медиуми да објавуваат пасуси од овој документ кој сè уште не бил усвоен и е исклучиво за интерна употреба. Нашите снаодливи новинари од Брисел објавија критички делови од АПЧ на РМ во однос на недоразбирањата со Софија.

Опкружувањето на Груевски веднаш го посочи амбасадорот како виновник бидејќи тој беше осомничен дека им го предал документот на новинарите. Меѓутоа, по интерната истрага во мисијата, се констатира дека текстовите биле објавени пред документот да стигне во мисијата на Македонија. Имено, новинарите го добиле документот од нивните грчки колеги. Грчката дипломатија извојува голем успех со оглед дека го протурка амандманот во нашиот АПЧ во кој се потенцираше дека секоја држава идна членка на НАТО мора да има добрососедски односи со останатите членки на Алијансата. Со овој чин Атина најави дека ќе ја блокира Македонија во нејзините НАТО-аспирации поради критичните односи околу името. Грчките дипломати и новинари еуфорично ја прославиле својата мала дипломатска победа и без многу калкулации им го предале документот на македонските новинари пред тој да стигне до мисијата на Македонија.

Еден месец подоцна, кога сите ја заборавија епизодата со бугарскиот амбасадор и новинарските текстови, амбасадорот на Македонија пристигна во посета на Скопје околу подготовките на македонската делегација за Самитот во Букурешт. На средбата со премиерот Груевски, му сугерираше дека не е доцна да го повлече името на аеродромот и да му ја пренесе порака на Николас Барнс. „Кога си во дупка, престани да копаш“. Воедно амбасадорот беше поканет да учествува и во работата на тркалезната маса посветена на НАТО, каде што со умерен оптимизам го најави можното членство во НАТО. На заминување, многубројни новинари инсистираа да каже нешто повеќе околу проблемот со Грција, но согласно договорот со МНР не кажа ништо. Сепак, на заминување нафрли „Кога си во дупка, престани да копаш“.

Медиумите го пренесоа тоа, а неполн час подоцна премиерот му се закани со СМС-порака: „Ние знаеме како да се однесуваме со такви фраери како тебе...“ Веќе утредента, на првите вести, една приватна телевизија како прва ударна вест објави дека амбасадорот на Македонија во НАТО издал тајни и Алијансата почнала да спроведува истрага. Всушност, се работеше за објавените текстови во домашните медиуми од пред еден месец за кои се пожали бугарскиот амбасадор. Гласот на лагата почна да се шири како реалност. Според онаа Гебелсовата, на секои 15 секунди на телопот фигурираше истата реченица како „главна ударна вест“. Неколку негови пријатели, меѓу кои и сегашниот министер за надворешни работи, потоа повеќе новинари, сфатија дека се работи за лажна вест и обична манипулација и реагираа до седиштето на НАТО. Таму портпаролот на Алијансата, Апартураи, на попладневниот прес истакна дека веста од Македонија за некаква истрага за амбасадорот не е точна и порача дека очекува тој што побрзо да се врати во Брисел.

Независно од НАТО-пораките, телопот на провладиниот медиум и бомбардирањето против амбасадорот продолжија, со цел лажната вест да се презентира што поавтентично. Во овие денови неколку храбри новинари станаа во одбрана на амбасадорот. Конечно, по 48 часа спинување со лажни вести од страна на милениците на Груевски, тогашниот министер за надворешни работи го повика амбасадорот, веројатно по инструкции на американската амбасада во Скопје, за да се прекине со дипломатска бламажа и силите да се насочат врз членството во НАТО. На тој начин амбасадорот наместо за велепредавство да замине во затвор, замина за Брисел, директно на разговор кај тогашниот генерален секретар Јап де хоп Шефер. Тој побара писмено да му се признае од НАТО дека не издал никакви тајни на Алијансата. Генералниот секретар му наложи на помошник-генералниот секретар за политички и безбедносни прашања амбасадорот Мартин Ердман да го напише бараниот текст. Во тој текст амбасадорот Ердман со најодбрани зборови изрази надеж дека и во иднина амбасадорот ќе соработува со алијансата.

Македонскиот амбасадор во истиот момент го испрати писмото до редакциите на македонските медиум, за да ја информираат јавноста за лажните вести на тогашната клика на власт. Но, како и останатите амбасадори во Алијансата, сфати каков режим владее во Македонија и кој е ликот на новиот популист. Тоа беше првиот мал пораз на тогашниот македонски месија кој се наоѓаше на врвот на својата слава. Тој не престана да копа и сè уште копа и сè подлабоко пропаѓа во сопствениот тунел.

 

Споделување со вашите пријатели: