Ниту кревањето на знамето на НАТО не го извлече Црвенковски од изолација

Ниту кревањето на знамето на НАТО не го извлече Црвенковски од изолација
Ниту свечената церемонија на подигање на знамето на НАТО на јарболот пред зградата на македонскаат влада не беше провокација за долгогодишниот премиер и поранешен претседател на Македонија Бранко Црвенковски да излезе од политичка изолација.

Иако со години беше на највисоките државни функции и во периоди кога земјата правеше крупни исчекори на патот кон НАТО и кон ЕУ и кога доживуваше неуспеси, како на самитот на алијансата во Букурешт во 2008 година, Црвенковски не присуствуваше на денешната церемонија на платото пред владината зграда, иако бил уредно поканет. Од кабинетот на Црвенковски велат дека, по добивањето на поканата, им одговориле на службите во владата дека тој нема да присуствува на настанот. Поради тоа, прашање е дали празното столче во првата редица, каде што седеа поранешните премиери Владо Бучковски, Хари Костов и Љубчо Георгиевски, било резервирано за третиот претседател на Македонија или, пак, за актуелниот шеф на државата Ѓорге Иванов.

Од кабинетот на Црвенковски велат дека поранешниот премиер и претседател не присуствувал на церемонијата на кревање на знамето на НАТО согласно со неговиот одамна изграден став да не се појавува на јавни настани.

Споделување со вашите пријатели: