Комисијата за заразни болести: Да се вакцинираат бебињата со полни 6 месеци со МРП вакцината

Комисијата за заразни болести: Да се вакцинираат бебињата со полни 6 месеци со МРП вакцината
Комисијата за заразни болести со нови препораки за справување со епидемијата на морбили (мали сипаници).

- Сите родители кои имаат деца со наполнети 6 месеци, а живеат на територијата на градот  Скопје, од утре треба да се јават во најблискиот вакцинален пункт за да ги вакцинираат своите деца со МРП вакцината. Родителите пак, кои имаат деца на училишна возраст, а не се ревакцинирани или воопшто не примиле МРП вакцина, да ги вакцинираат децата, и ова се однесува за сите деца кои живеат во Македонија.

Комисијата му предложи на Министерството да се почне со теренска вакцинација.

- Родителите кои ќе се посомневаат дека нивните деца се заразиле со морбили, или имаат висока температура или пак веќе имаат осип на кожата прво да се јават на преглед во пунктови во Здравствените домови и по проценка на лекар од пунктовите, само со упат да се насочуваат кон Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

- За да се намали притисокот од пациенти на Клиниката за детски болести и Клиниката за Инфективни болести и фебрилни состојби, граѓаните се упатуваат во трите пунктови во поликлиниките „Јане Сандански“, „Бит-пазар“ и „Ѓорче Петров“. Во овие пунктови има дежурни лекари кои работат секој работен ден од 19.30 часот до 7.30 наутро, а за викендите се на располагање 24 часа во текот на денот.

- Во работните денови, родителите треба децата прво да ги однесат на матичен лекар. На овие три места ќе се вршат комплетни прегледи со лабораторија на децата чии родители ќе се посомневаат дека можеби се заболени од морбили (мали сипаници). Доколку лекарите утврдат дека е потребно, пациентите ќе ги упатуваат на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Апелираме до сите родители, кои ќе забележат или ќе се посомневаат на првите знаци на болеста, висока температура, децата прво да ги однесат на овие три пунктови.

На средбата беше констатирано дека вакцините кои се аплицираат во сите здравствени домови се со проверен квалитет, од европски производител и имаат добар рок на траење. Комисијата укажа дека само со колективен имунитет, или 95 отсто вакцинирано население со МРП вакцината, ќе може да ја спречиме епидемијата и смртноста кај населението, кај најранливата категорија, децата кои воопшто не примиле вакцина поради возраста или поради некои други хронични заболувања. Сите предходни мерки кои ги донесе Комисијата сѐ уште се на сила. Тоа значи дека децата кои не се вакцинирани со МРП нема да се примаат во градинките, се апелира за интензивна и неодложна вакцинација на децата кои се во добро здравје за да се подигне колективниот имунитет. Да се вакцинираат сите здравствени работници кои имаат непосреден контакт со пациенти заболени од морбили. Најстрого се забранува и посета на болни во сите здравствени установи.

Досега се вакцинирани 6.276 деца само во Скопје, а пред прогласувањето на епидемијата во населбата Радишани, на 19 декември годинава, беа регистрирани околу 15 илјади невакцинирани деца со МРП вакцина.

Споделување со вашите пријатели: