
„Дотогаш граѓаните непречено можат да ги користат постојните лични документи. За каква било промена, тие ќе бидат навремено информирани“, велат од Министерството за внатрешни работи за „Независен весник“.
За постоечките официјални документи и материјали на јавната администрација за меѓународна и за внатрешна употреба што може да се користат надвор од државата е предвиден рок од пет години за нивно усогласување со уставните амандмани. За постоечките документи и материјали наменети исклучиво за внатрешна употреба усогласувањето ќе почне етапно - со отворање на секое поглавје од одредена тематика во преговорите со ЕУ, а ќе заврши најдоцна во рок од пет години од отворањето на поглавјето.
Личните документи ќе бидат клучни и за гласањето на претстојните претседателски избори во април. Државната изборна комисија ги повика сите граѓани кои сакаат да го остварат своето избирачко право да ги подигнат изготвените лични документи (лични карти и патни исправи) од управните служби на МВР. Доколку не ги подигнат своите документи, овие граѓани нема да бидат запишани во Избирачкиот список кој ќе биде ставен на јавен увид.(Ф.Ф.С.)