Снег го изненади северозападот на САД, Сиетл блокиран

Снег го изненади северозападот на САД, Сиетл блокиран

Граѓаните на Сиетл, кои се навикнати на дожд, ги изненади снегот, па се шегуваат дека северозападот на САД се соочува со „снежна апокалипса“.

Делови од северозападот на САД се погодени од необично големи наноси од снег, а се работи за дел од Америка кој повеќе навикнал на дожд, па снежната бура ги изненади и властите и граѓаните.

Националната метеоролошка служба на САД вели дека во делови од Сиетл, во сојузната држава Вашингтон, паднале и до 27 сантиметри снег, што е најмногу во последните 70 години.

Гувернерот на сојузната држава Вашингтон Џеј Инсли во петокот прогласи вонредна состојба, а до сега се откажани повеќе стотици летови.

Медиумите пишуваат дека околу 50.000 луѓе останаа без струја ширум Вашингтон, а дека во централните делови паднал и до метар снег.

Многу студено време и снег погодија и други делови на САД.

Повеќе од 120 луѓе се спасени од Сиера Невада во Калифорнија, каде поради снегот биле заробени пет дена. Снег падна и во Лас Вегас.

Сиетл е прилично неподготвен за снег, па на социјалните мрежи се шегуваат на таа сметка, а се спомнуваат и снегпокалипса и снегмагедон.

Жителите ги исмејуваат градските власти кои не можеа да се изборат со снегот.

Споделување со вашите пријатели: