Уште едно бебе почина од компликации од морбили

Уште едно бебе почина од компликации од морбили
Тринаесетмесечно бебе вчера почина на Клиниката за детски болести од компликации предизвикани од морбили, соопшти Министерството за здравство. Ова е втор случај на смрт, откако пред два дена на Клиниката за инфективини болести почина шестмесечно бебе со мали сипаници кое имало компликација на белите дробови.

„Вчера во попладневните часови почина уште едно дете од компликации предизвикани од морбили (мали сипаници) на Клиниката за детски болести во Скопје. Станува збор за 13 месечно дете од Свети Николе, кое и претходно имало други здравствени проблеми. Ова е второ дете кое почина од компликации предизвикани од морбили“, соопштија од Министерството.

Во соопштението се наведува дека Министертвото за здравство искрено жали што овие деца се жртви на епидемијата од морбили, болест која може да се спречи со вакцинација.

„Уште еднаш апелираме до сите родители, најодговорно да ги сфатат препораките за вакцинирање со МРП вакцината, која заштитува од ова сериозно заразно заболување. Вакцината во здравствените домови се аплицира бесплатно, а вакцините се со проверен европски квалитет и рок на траење“, велат од Министерството.

Споделување со вашите пријатели: