Се здружија карневалските градови во земјава

Се здружија карневалските градови во земјава
Карневалските градови во земјава се обединија денеска во координативното тело. На иницијатива на прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, претставници на карневалските македонски градови Струмица, Кавадарци и Прилеп го избраа координативното тело и првата асоцијација на карневалски градови „ФЕЕК Македонија“ која ќе го претставува карневалскиот живот на Македонија во Европа и во светот.

За претседател на „ФЕЕК Македонија“ е избран Ѓорѓи Пелтековски, член на организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, а потпретседатели се Ванчо Георгиев од здружението „Мечкари“ од Прилеп, Масаја Митев од Кавадарци и Ванчо Ристов, член на Организацискиот одбор на Струмичкиот карневал, а за почесен претседател е избран Александар Цицимов, член на интернационалниот борд на европските карневали и долгогодишен член на организационот одбор на струмичкиот карневал.

Образложувајќи ја идејата, прилепскиот градоначалник Јованоски нагласи дека Прилеп е пред новото меѓународно карневалско издание „Прочка 2019“ и ова е поттик за карневалска презентација на македонските фестивали, но секако и на традициите.

-Одржавме координативен состанок на ФЕЕК за Македонија од претставници на градовите со карневали од А категорија: Струмица, Кавадарци и Прилеп. Избрани се членови на координативното тело со претседател и потпретседатели и почесен претседател. Меѓународниот карневал „Прочка 2019“ што ќе се одржи годинава ќе придонесе Прилеп да се најде пошироко на мапата на карневалските градови во светот, за промоција на градот и за овој вид туризам, рече Јованоски.

Александар Цицимов, член на интернационалниот БОРД и долгогодишен член на организацискиот одбор на струмичкиот карневал, а сега почесен претседател на ова прво координативно тело „ФЕЕК Македонија“ вели дека секој карневалски град треба да ги задржи традициите како културолошки придобивки кои треба да бидат меѓународно заштитени.

-И досега ја претставувавме Македонија со високото ниво на организирањето на карневалите, а сега уште поорганизирано. Целта е секој да ја сочува својата традиција, зашто сите ние: Прилеп, Кавадарци и Струмица имаме прекрасна традиција. Не ги запоставувајте вашите традиционални „Мечкари“ бидејќи тие се големо културолошко богатство и на Европа. Затоа, сите заедно да поведеме постапка, сите овие наши раритети, како што се „Мечкарите“, „Џумаларите“ да ги подигнеме на ниво на културна вредност на целиот свет, изјави Цицимов.

Ѓорѓи Пелтековски, од Струмичкиот карневал и нов претседател на „ФЕЕК Македонија“ смета дека има што да му претставиме на светот.

– Се надевам дека ќе ја оправдам довербата во претставувањето на македонските карневали во светот, вели Пелтековски.

Потпретседателите на „ФЕЕК Македонија“, Масаја Митев од Кавадарци, Ванчо Ристов од Струмица и Ванчо Георгиев, претседател на здружението „Мечкари“ од Прилеп ги нагласуваат придобивките и можностите што ги нудат македонските карневалски градови на европско и светско ниво.

– Општина Кавадарци располага со богата традиција. Ќе се грижам за поголемо запознавање со нашата култура надвор од државата. Со ова ќе се равива нашиот дух, нашиот ентузијазам во светот, вели Митев.

Споделување со вашите пријатели: