Остри реакции за годишната програма за проекти од културата

Остри реакции за годишната програма за проекти од културата
Министерството за култура вчера ги објави резултатите од Конкурсот за финансирање проекти од национален интерес во културата за 2019 година по дејности и области, што како и секоја година предизвика огромни реакции во јавноста. Од Mинистерството за култура велат дека е предложена поддршка за 2.781 проект од вкупно пристигнатите 5.560 проекти.

Актерот Оливер Митковски, еден од четворицата членови на Комисијата, која даде препораки и мислења за распределба на буџетот во Министерството за култура, доставил издвоено мислење до Министерството поради несогласувања со изборот. И покрај исклучително нискиот буџет одобрен од страна на Владата за драмската дејност и генерално потценувачкиот однос кон културата, неговите забелешки се однесуваат на одобрениот износ за работење на националните установи кои во суштина би требало да бидат приоритет на овој ресор.

„МНТ е оштетен за цели четири милиони денари во однос на лани и притоа не се одобрени средства за неопходните материјални трошоци за одржување на објектот, Драмскиот театар понуди извонредно квалитетна програма, но иако е одобрена во целост, не ги доби потребните средства за нејзина реализација, Народниот театар од Битола, наместо награда за упорноста во одржувањето на високите естетски вредности, е казнет со намалување на средствата, одличниот ансамбл на ‘Марко Цепенков’ од Прилеп повторно е потценет, а условно кажано помалите театри покрај рестриктивниот буџет за реализација на проекти, веројатно ќе се соочат и со проблеми во одржувањето на хигиената во објектите“, вели меѓу другото Митковски.

Оваа година во програмата за финансирање на Министерството за култура не се најде ниту Скопскиот џез фестивал. Директорот на фестивалот, Оливер Белопета, на социјалните мрежи коментираше дека Скопскиот џез фестивал е исфрлен од годишната програма на Министерството поради невалидна причина, односно за лични причини на членовите на комисијата.

Од Министерството за култура имаат поинаква аргументација.

„Поддржани се издржани и добро аргументирани проекти, конципирани со квалитетни уметнички содржини, проекти преку кои се негуваат и поттикнуваат културниот диверзитет, уметничкото творештво и културниот развој. Значајна поддршка е дадена и на проектите преку кои се промовираат еднакви можности за сите (мултикултурни вредности во општеството, родова рамноправност, инклузија на лица со посебни потреби, социјално ранливи групи итн.). Во Годишната програма за 2019 година се рефлектирани и приоритетите на Министерството за култура за соодветна заштита и промоција на културното наследство во согласност со современите европски практики, зајакнување на независниот културен сектор како важен социокултурен чинител, промоција и пласман на културата на Македонија во меѓународни рамки, како и реализација на капитални проекти и инвестициски вложувања во Скопје и градовите низ државата“, информираат од Министерството за култура.

Оттаму додаваат дека процентот на учество на Министерството за култура во финансирањето на проектите е во согласност со средствата предвидени за финансирање проекти од национален интерес во буџетот за 2019 година и бодувањето на стручната комисија од областа. Годинава, за прв пат е воведено и вреднување на проектите преку бодување, кое беше објавено заедно со поддржаните проекти.

По добиеното решение може да се поднесе жалба во рок од 15 дена до Државната комисија за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен, но жалбата не го одлага извршувањето.

Претседатели на комисиите кои ги разгледуваа пристигнатите пријави по одделни дејности се: Леонора Сејдиу (интердисциплинарна дејност), Плеурат Гаши (фолклор, музичко-сценска дејност), Бертон Сулејмани (издавачка дејност), Петар Арсовски (драмска дејност), Трајче Блажевски (визуелни уметности), Миле Велчовски (недвижно културно наследство), Мила Шурбановска (музејска дејност и нематеријално културно наследство), Вилдане Идризи (библиотечна дејност). (П.Р.)

Споделување со вашите пријатели: