Силјановска како Јанус со две лица

Силјановска како Јанус со две лица
Ерол Ризаов

Многу ми се допадна изјавата на професорката по уставно право и наш познат општественик и политичар, Гордана Силјановска-Давкова, на стартот од својата кампања да стане вмровски натпартиски кандидат за претседател на државата: „Јас сум Јанус со две лица, едното е научно, од тоа не отстапувам и кога критикувам тргнувам од професијата. Другото лице, политиката, се разбира, политиката бара повеќе реалност“, вели за „Независен“ Силјановска.

Прекрасна мисла, просто човека го остава без зборови. Автентичното толкување на оваа боговска позиција кажува дека другото лице на професорката не се однесува на тоа дека реалноста во политиката е над науката туку дека може, но и не мора да се земе предвид науката во политиката во зависност од тоа дали во тој момент повеќе одговара да сте научник или политичар. Тоа Силјановска го појаснува генијално - дека некогаш не треба да се прават компромиси на штета на владеење на правото.

Чудесно. Некогаш не треба, а некогаш ако треба ќе се направат и отстапки, ама тоа не мора да се каже кога се подразбира само по себе. Премолчувањето понекогаш, се разбира, не секогаш, може да биде многу посилно и покорисно и од лагата и од вистината. Откако ова го разбрав од пораките на професорката во трка за натпартиска кандидатура во ВМРО-ДПМНЕ ми стана ептен јасно како може човек од голем противник на сојузот со НАТО и на Преспанскиот договор - полн со неприфатливи отстапки кои го обезличуваат македонскиот народ под човечко достоинство да се прифати капитулантски договор со катастрофално штетни последици по националните интереси кои допрва ќе излезат на виделина - сите до една научни откритија на професорката, да упати честитки за големиот историски успех Македонија да стане членка на НАТО со добра изгледност набргу да ги почне и преговорите со ЕУ. Не чудете се. Во тоа нема ништо изненадувачко. Не го честиташе успехот професорката Силјановска, туку второто лице на нејзиниот бог Јанус. Капирате, научникот, првото лице на Јанус, сè уште мисли дека договорот со Грција е предавство на националните интереси, а второто лице на Јанус, политичарот, упатува честитки за историскиот успех. Феноменално. Ова го нема ни во кино „Бамби“.

За жал, многу брзо се открива дека не се доволни само две лица на еден човек, ќе мора да има уште некое лице плус. Тоа политичарката Силјановска го знае од поодамна. Само со две лица, па нека се и на богот Јанус, не можат да се освои високото натпартиско место во ВМРО-ДПМНЕ. Има потреба барем од стотина лица во квалификациите на партиската трка. Ако се извојува таа прва победа за влез во финалните натпревари, ќе требат нови премачкувања на образите во илјада различни бои и нијанси. Еве, на пример, во партиската трка на натпартиски кандидат неминовно е да се каже, како што направи Силјановска, дека големиот успех да се стане членка на НАТО припаѓа на сите политички партии и влади и претседатели на државата, парламентарни состави итн., итн. Што, се разбира, премолчено значи дека овој голем успех му припаѓа и на ВМРО-ДПМНЕ и на Никола Груевски. Ова веќе не е ни научно, ни лицето на реалната политика. Тоа е третото лице кое припаѓа на нешто што, исто така, е дозволено во политиката, особено за време на избори кога лагата не е грев. Заслугите на ВМРО-ДПМНЕ за членство во НАТО се неизмерливи во текот на цела една ера од 11 години кога останавме пленици во заробената држава, каде што од први на патот кон членство на НАТО и ЕУ стасавме на последно место во регионот.

Замислете на што би личело тоа да се изусти дека корумпираниот и компромитиран партиски врв на ВМРО-ДПМНЕ ги блокираше евроатлантските интеграции цела една деценија и тие се најголемите виновници за изгубените десет години, за уривање на правната држава и за контролата над судството и целиот правосуден систем. Тоа може да се каже во некоја научна или телевизиска дебата или најреално и најдобро во кревет под јорган, пред спиење, ама не е баш препорачливо да биде гласно бидејќи може да предизвика некои непријатности ако едно од лицата на Јанус потпишувало петиции за кандидатура на Ѓорге Иванов за претседател на државата или удрило еден потпис без врска против членството во НАТО, против некои отстапки на реалната политика кои не се научно издржани, малку се противзаконски и противуставни. Во тој случај стапува во сила премолчувањето, кое, исто така, може да биде едно од посакуваните лица на Јанус.

Ако професорката Силјановска со две раце потпишала петиција за избор на проф. Ѓорге Иванов за претседател на државата, зошто би било чудно сега претседателот Иванов како професор да се потпише на листата за поддршка на проф. Силјановска. Многу логично. Нели, особено ако продолжува политиката на континуитет на ВМРО-ДПМНЕ, што толку мудро и умешно ја спроведуваше натпартискиот претседател на државата кандидиран и избиран на двапати, со 10-годишен мандат, како што тоа му се случи на проф. Ѓорге Иванов. Ќе остане запишано дека претседателот Иванов за десет години успеа да докаже дека на Македонија не ѝ е потребен претседател бидејќи тоа е обична партиска марионета која нема големи уставни овластувања, ама може да направи големи штети.

Ќе беше многу добро за натпартиски кандидат на ВМРО-ДПМНЕ да се појави и Никола Груевски. Неговата поддршка за членството на Македонија во НАТО е вчудовидувачка затоа што не едно, не сто, туку неговиот Јанус има илјада и едно лице. Груевски се обраќа до неговите наследници и до граѓаните на Македонија од Будимпешта каде што е на привремена работа на неопределено време и им порачува: Ако нема парламентарни избори веќе следната година до пролет ќе бидеме членка на НАТО, а во ЕУ можеме да влеземе за шест до осум години. Види, види, види... каква конструктивност и лекција за Христијан Мицкоски да не вреска за предвремени парламентарни избори оти ќе ја расипе работата со членство во ЕУ, а патем може да доживее и тежок пораз. И уште Груевски порачува до Мицкоски да не се зафркава со приказните за промена на договорот со Грција ако дојдат на власт, оти тоа е неостварливо. И уште нешто им кажа Груевски на дечурлааната од белата палата, следните шест до осум години да бидат внимателни да не останеме и без името и без ЕУ. Милина една од човек азилант.

Затоа проф. Гордана Силјановска-Давкова е во право со својата доктрина да стаса до претседател на државата на Јанус со повеќе лица. Може во Македонија да се биде ем против НАТО, ем врховен командант на војската која припаѓа на алијансата. Кога сте научник не може, ама кога сте претседател на држава може. Не верувате. Па ич не е за верување, ама ете експериментот во Македонија дали може да затрудни машко е во тек. Јави радио Будимпешта.

Споделување со вашите пријатели: