Промени во 2019-та

Промени во 2019-та
Петар Арсовски

Вчера се потпиша пристапниот протокол за членство на Македонија во НАТО и истовремено се отстранува оградата пред Владата. Две неповрзани, но симболично блиски ветувања на власта пред нивниот избор. Се разбира, НАТО е несразмерно поголемо ветување, но мислам дека симболиката на овие две паралелни испораки оди во ист, добар, правец. Само пред две години, ваквите ветувања изгледаа како научна фантастика. Од денешна перспектива, иако сè уште со значителна доза на недоверба, ги перципираме како секојдневие.

Затоа, мислам дека е важно да погледнеме со кои предизвици ќе се соочиме и ние како општество во 2019 година, но, уште повеќе, политичките елити како носители на големите и неизбежни промени што ни следуваат. Ова е секако поврзано во поддршката што политичките елити ќе ја бараат во овој процес на реформи.

Прво, очигледно е дека во глобална (за Македонија) смисла, наративот на Заев победи пред наративот на Груевски и, потоа, Мицкоски. Крупниот правец во кој државата се помести, и сега се забрзува и се движи, е оној на евроатлантски интеграции, прозападни промени и внатрешни реформи. Овој правец, како што ќе поминува времето, ќе се засилува, односно ќе станува мејнстрим, и ќе создаде различен вид притисок кон сите поголеми партии како што ќе еволуира во главен општествен наратив.

За ВМРО-ДПМНЕ овој притисок ќе се реперкуира како намалување на идеолошкиот простор на партијата, туркајќи ја подесно од нивната сегашна позиција, како симболичен отпор кон доминантниот прозападен наратив. Сепак, како што ќе се намалува овој алтернативен простор, така и единствена опција за конкурентност ќе станува порадикална. Во такви околности, опозицијата ќе се соочи со намален пазар за своите сегашни политики, кои сè повеќе ќе се доживуваат како романтичен ревизионизам кој нема врска со реалноста. На пример, не знам како Мицкоски мисли да врати сè од договорот од Преспа назад. Да не ги крие и буквите од аеродромот „Александар Велики“ некаде во некое депо, па веднаш после доаѓањето на власт да видиме мајстори како ги менуваат. ВМРО-ДПМНЕ ќе биде под притисок за суштински реформи, откажување од отпорот кон договорот од Преспа и длабоко партиско ребрендирање. Тие засега не покажуваат свест и желба за овој неопходен процес. Тоа ќе доведе до нивна стереотипизација во однос на СДСМ како радикалната десница која побудува емоции, но е реално неизбирлива во однос на доминантниот идеолошки правец. Така, на претседателските избори, дури и со „најмекиот“ од понудените кандидати, ВМРО-ДПМНЕ максимум може да се надева на некаква консолидација на партиската база, никако на победа.

Кај СДСМ, оваа постепена еволуција на наративот од научна фантастика до реалност, ќе направи електоратот веќе да не биде задоволен само со таа единствена приказна. НАТО и ЕУ ќе ги процесира, ќе ги „прокнижи“, ќе ракоплеска неколку дена и потоа ќе праша „а каде сум во оваа приказна јас?“ Тоа за СДСМ ќе значи дека нивната доминантна агенда нема веќе да може да се „вози“ само на евроатлантските интеграции. Често зборуваме дека Македонија ја плати авансно цената за ЕУ и НАТО, а бенефитите допрва ги чека. Но, истовремено, СДСМ и бенефитите ги наплати авансно, преку поддршката во парламентот и ловориките кои сега стигнуваат на нивна адреса од меѓународната заедница. Но таа приказна за нив ќе стане веќе „преџвакана“, а електоратот многу скоро ќе почне да бара нови пробиви, особено на домашна агенда: економија, борба против корупција, судство и владеење на правото. Тоа ќе бара сериозни промени и во составот и во пристапот на политичките елити кај власта. Истовремено, извесниот избор на нивен кандидат за претседател, само ќе ја зголеми нетрпеливоста за резултати, зашто електоратот ќе ги доживее како апсолутен господар во Македонија, со локална, извршна, и претседателска власт, но и како единствен виновник за сè она што нема да оди доволно добро или доволно брзо. Иако тие суштински не можат на среден рок да бидат загрозени од опозицијата (која се доживува како премногу радикална) поради стереотипизацијата и авторитарноста на македонските гласачи, сепак, нивната поддршка ќе станува потешка, поранлива и поусловена.

Кај ДУИ, исто така, во малку поразлична форма, ќе следува криза на идеолошкиот идентитет. Со пробивот кон НАТО и ЕУ, како и со заокружувањето на пакетот прашања кои ја гарантираат позицијата на Албанците и нивните права, ДУИ ја троши својата примарна raison d'être и за понатамошна виталност и конкурентност на пазарот ќе мора да се бори преку нова суштинска реформирана агенда и платформа. Таа, ако прифатиме дека интеграцијата (и на Албанците во Македонија, и на Македонија во НАТО и ЕУ) е неминовна, може да се остварува само преку дополнителна интеграција со стратегиски македонски партнер, како продолжена еволуција во политичкиот дискурс - заеднички претседателски кандидат, па потоа предизборна парламентарна коалиција, за на крај да се промовираат и заеднички листи. На ова треба да се додаде и притисокот за реформи во таа партија, поттикнати од фактот дека долго време е на власт, па со тоа, акумулирале и огромно количество незадоволство од електоратот. Во таква ситуација, ДУИ исто така ќе биде под притисок за промени.

Гледаме дека трите големи партии ќе бидат под притисок за промени во 2019 година, некои диктирани од развојот на општиот политички и геостратегиски пејзаж, некои диктирани од нивната интерна динамика. Политичката волја со која ќе им пристапат на овие промени и нивниот успех во нив, во голема мерка ќе диктираат дали ќе најдат нова позиција на македонскиот политички пазар или ќе се изродат нови опции кои ќе бидат поттикнати од промените на потребите на електоратот. Во вакви превирања, не се исклучени и чудни коалиции и комбинации, додека партиите го бараат своето ново место под сонцето.

Споделување со вашите пријатели: