Инклузивноста не значи беззаконие и неодговорност

Инклузивноста не значи беззаконие и неодговорност
Звонко Давидовиќ

Македонија е делумно слободна земја, пренесуваат медиумите цитирајќи го извештајот на „Фридом хаус“. Во извештајот се наведува дека состојбата во Македонија треба да се следи и дека демократски избраната и етнички инклузивна влада се обидува да ја искорени корупцијата и другите системски злоупотреби, кои се засилиле за време на претходната влада зафатена од скандали. На скалилото се наоѓаме во групата со Албанија, Босна и Херцеговина, Косово и Црна Гора.

Земја која може како ретко која во својата исклучително богата историја да се пофали со слободарска мисла, традиција и историја последниве децении е оценувана како делумно слободна земја. Земја која е никната од Народноослободителна војна и од волјата на нејзините синови и ќерки преточени во одлуките на АСНОМ, денес е оценета како земја во која слободата не вирее, каде што скандалите се секојдневие а не реткост, земја во која корупцијата царува, а правдата е и слепа, и глува, и нема.

Денес и изминативе децении образованието не е приоритет ниту услов за напредување и нормално функционирање, не е грижа за нашата иднина преку воспитување и образување на децата, туку е можност за партиско роднински тендери, партиски вработувања и можност за прекројување на историјата. И најтрагично од сè, фабрика за создавање на покорни граѓани кои и не размислуваат многу и кои не негуваат слободна и своја мисла. Знаењето веќе не е приоритет туку тоа се оценките кои не се показател на знаењето, туку на моќта на родителите. Децата повеќе не учат во училиштата како да формираат своја сопствена мисла и да трагаат по вистината, туку како да го репродуцираат она што им го напишале во учебниците кои се добиени на тендер преку врски. Не учат децата да градат критички став и формираат свои критериуми туку се воспитуваат да веруваат без да проверуваат.

Кога ќе создадете папагал, тој секогаш и секаде ќе го повторува она што го научил напамет. При вакво образование, за кое уште многу може да се напише и каже, но малку убаво, при образование кое создава две третини функционално неписмени деца не можете да очекувате во било која друга сфера од општественото живеење истите тие да се однесуваат поинаку и да дадат поинакви резултати.

Не е ни чудо што јавниот здравствен систем е во колапс и што најголем број лекари избрале да работат во приватните здравствени организации или надвор од нашата земја. Останало она што мора или она што ја видело својата шанса за добра дополнителна заработка во недостиг на конкуренција и пред сè во недостаток на одговорност и контрола. Не е ни чудо што секој што има мака се судрува со доктор на кој мора да му даде скап подарок или кеш за докторот сам да си го купи она што го сака, може да не му го погоди вкусот, па да се срами. Тоа стана толку нормално што дури луѓето не го сметаат за мито или за коруптивно и незаконито однесување, затоа што таквото однесување е толку нормално, а подарокот за докторот толку секојдневен што е врежан како обврска во мозокот на пациентот или неговото семејство. Докторот зема плата за својата работа и ја положил Хипократовата заклетва, ама кој ќе го памети тоа или ќе му го каже на докторот кога треба да му легне под нож кој го држи раката на докторот, која не би сакале да затрепери. Кај нас лекарските грешки ги покрива земјата, но не и законот и правдата.

Во оценките за медиумската писменост Македонија е оценета со исклучително ниска оценка, а посебно се истакнува можноста да се пласираат лажни вести. Во ситуација кога државната телевизија е гласноговорник на партијата која е на власт, а најголемиот дел од приватните медиуми се во политичко бизнис спреги со политичките партии и својата уредувачка политика ја градат по желба и волја на политичарите не може ни да се очекува постоење на сериозно истражувачко новинарство и објективни вести.

Во земја во која политиката доминира и го креира животот на луѓето, но и ја создава реалноста, не може да се очекува постоење на независно и самостојно судство. Судството е една од најмоќните алатки за лесно постигнување на политичка цел преку отстранување на политичките противници или во поново време придобивање на нивните гласови со правни механизми а за политички цели. Амнестија, аболиција, честите промени на кривичните закони, ублажување на казните и симнување на законскиот минимум уште подолу за зачестените кривични дела се само дел од арсеналот за остварување на политичките цели. Втората причина поради која политиката сака да има влијание во судството е неказнивоста на високите функционери кои се на власт, а кои не работат законски, односно склучуваат сомнителни зделки или постои сомневање во трошење на буџетските пари. Влијанието на една партија во судството ја обезбедува токму оваа неказнивост на припадниците на таа партија.

Не постои извршна власт на Земјината топка која не сака да стави рака на судството и да има влијание врз него, но постојат земји во кои судовите знаат да одолеат на овој притисок. Ваквата состојба на судството само ја продлабочува кризата и лошата состојба и во сите други сфери на општеството. Неказнивоста на поединци, енормното богатење и немањето одговорност го деморализира секој чесен човек и ги урнисува моралните начела, создавајќи ненормална ситуација со квазивредности.

Ваквата состојба понатаму се пресликува и во затворите и казнените установи. Истата состојба во општеството се пресликува и меѓу решетките и затворениците. Царува корупцијата во која привилегиите и мобилните телефони се плаќаат од џебовите на нивните семејства кои и онака тешко преживуваат. Затворските чувари се љубезни онолку колку што им го полниш џебот, а правата зависат од дарежливоста на затворениците.

Инклузивноста, која толку многу се промовираше во изминатиот период и која дури и „Фридом хаус“ ја фали, не подразбира затворање очи пред вистината за она што се случило и што не довело до амбисот над кој и морално и човечки сме надвиснале. Инклузивноста значи сите заедно да учествуваме во создавањето на животот и благосостојбата во земјата, но не значи простување на криминал и недопирливост на некои луѓе само за да кажеме дека инклузивноста ни е приоритет. Инклузивноста не значи беззаконие и неодговорност. Инклузивноста значи чесните луѓе без оглед на која политичка опција припаѓаат да учествуваат и бидат вклучени во градењето на системот и државата без оглед кој е на власт или кој ќе дојде на власт. Инклузивноста не е неодговорност на јавните функционери за нивното работење по промената на власта туку тоа е поткопување на системот и негово изигрување.

Понекогаш доаѓаат такви времиња кога паметниот замолкнува, будалата прозборува, а нечесниот се збогатува, рекол Иво Андриќ многу одамна, а како да зборувал за ова време. Време е да го прекинеме молкот и гласно секој од нас да го каже својот став за да можеме сите заедно да го изградиме наново она што го урнавме и урнисавме.

 

 

Споделување со вашите пријатели: