Никој нема да го смени договорот од Преспа

Никој нема да го смени договорот од Преспа
 Ерол Ризаов

Ја читам изјавата на лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи сè против договорот од Преспа и не можам да се изначудам. Не затоа што Мицкоски го зборува тоа што никогаш нема да го направи, тоа е разбирливо и не е ништо ново во политиката и во битките за власт туку затоа што овој универзитетски професор, доктор на науки и претседател на најголемата опозициска политичка партија, има сознанија дека сè уште има многу луѓе што веруваат во тоа. Мицкоски открил дека тука има сè уште доволно тесто за месење. Да не е така, не верувам дека толку упорно ќе ја повторува оваа голема лага во различни варијанти. Прво вети дека ќе направи подобар договор од овој кога ќе дојде до промена на власта во Македонија и во Грција, а потоа еволуира во тоа дека неговата партија ќе направи сè да го поништи договорот кој веќе ја однесе Македонија во НАТО и секој ден е поизгледно почнувањето на преговорите со ЕУ. Ваквата реалност, според анализите на Мицкоски, ништо не значи во споредба со примамливоста дека сè ќе смени кога тој ќе стане премиер.

Откако ќе формираме влада, ќе одиме чекор по чекор во промена на процесите од кои ниту еден во историјата не е еднонасочен туку сите процеси во историјата биле реверзибилни, вели Мицкоски во интервју за радио Слободна Европа ставајќи до знаење дека е целосно подготвен да биде премиер. И дотука со малку напор и со многу исчудување можам и да го разберам донекаде кога човек е подготвен да голтне и една таква бламажа во рингот на политичката пресметка. Но да оди дотаму, да вети реверзибилни историски процеси поразлични од оние што се во фаза на остварување, кажано во најблага форма, е лудо. Изгледа физичарот ги измешал поимите, па реверзибилните хидроцентрали кои ја враќаат назад водата од едно вештачко езеро во друго, па ги префрлил во историската наука, каде реверзибилни процеси се кога историјата се повторува, или како фарса или како трагедија. Враќањето назад во историјата е анахрон процес кој води кон распаѓање на Македонија.

Примитивната популистичка кампања за поништување на договорот од Преспа која прераснува во главна предизборна стратегија на ВМРО-ДПМНЕ и за претседателски и за парламентарни избори, кога и да се одржат, во суштина е многу опасна работа, која е против државните интереси и против интересите на сите граѓани на Македонија, без оглед дали во овој момент тие имаат сознание што значи да се поништи Преспанскиот договор. Овој тип лаги е откриен уште од антички времиња е наречен „продон псеудос“ , што значи татко на сите лаги. Штом ќе соопштите една ваква тешка како планина лага, како ваше големо откритие за посакуван епилог, потоа морате постојано да лажете за сите други работи за да ја одржувате заблудата. Така, предизборниот карван на ВМРО-ДПМНЕ за претседателските избори ќе тргне со наследената политика на претседателот Ѓорге Иванов како континуитет или, ако сакате, според Мицкоски како реверзибилен процес во кој ќе се продолжи со погрешната формула која не дава резултат (а тоа е поддршка на членството во НАТО и во ЕУ), ама не со овој договор туку со нов многу подобар, кој ќе се постигне на свети никогаш.

Се разбира, ниту Христијан Мицкоски во Македонија ниту кој било друг, и кај нас и во Грција, ама баш никој нема да го чепне Преспанскиот договор. Тој уште неколку години додека Македонија не стане членка на ЕУ ќе служи за квазипатриотски предизборни говори и лажни ветувања. Шансите на опозицијата за враќање на власт и за победа на претседателските избори се во подготвеноста да се осуди бандата од партискиот врв, која ја попречува правдата и бега од земјата. Шансата е и во тоа да се понудат подобри решенија за забрзување на реформските процеси и да се скрати времето за влез во ЕУ, а не во попречување на правдата, во лагите за поништување на историскиот договор и во укинување на веќе стекнатите демократски права. На што ќе личат ветувањата на партиските адути за иден претседател на државата и за иден премиер со определбата за поништување на договорот со Грција на држава, која веќе се смета за членка на НАТО со денеска потпишан протокол од сите НАТО членки. Македонија е веќе ставена на забрзаната лента и за членство во ЕУ. Да се биде против тоа е катастрофа од доктрина. Погубитничка не е можна.

Им препорачувам на вмровските стратези за претседателските избори неколку пати да ги прочитаат пораките на државниот секретар за европски прашања на Германија, Михаел Рот, објавени во неговата колумна во „Велт“ под наслов: „Патот на Балканот мора да оди кон ЕУ“. Иако за просечно интелигентни луѓе е доволен овој наслов, но еве за секој случај само неколку поенти од колумната на Рот: „Грција и Македонија завршија историска работа. Сега ЕУ треба да го испорача својот дел. За одврзување на Гордиевиот јазол премиерите Алексис Ципрас и Зоран Заев многу ризикуваа политички, но добија многу за своите држави и целиот регион... Со договорот од Преспа, Грција се обврзува дека нема повеќе да го блокира патот кон ЕУ и НАТО... За Скопје да продолжи на својот реформски пат ЕУ-перспективата мора да остане јасна за Македонците... ЕУ треба сега да започне брзи преговори со Северна Македонија. Со решавање на спорот за името Скопје го трасираше вистинскиот пат кон ЕУ и испрати јасна порака кон регионот, кон национализмот и популизмот кои водат кон слепа улица. Во време кога национализмот и популизмот го тестираат европскиот модел помирувањето меѓу Грција и Македонија е вистински мотив за остатокот од Европа, обединување наместо поделби, дијалог и компромис наместо национализам. Тоа е она што ЕУ партнерите треба да го земат како пример“, пишува Михаел Рот.

Ако и ова не е доволно да се разбере, што може да се прави понатаму. Ништо, тогаш нема помош, процесот е навистина реверзибилен, но не во историјата туку во главите.

 

 

 

Споделување со вашите пријатели: