Културата само на кратко е медена

Културата само на кратко е медена
Ивана Настеска

Веста дека македонски документарен филм „Медена земја“ трикратно е награден на престижниот фестивал за независен филм „Санденс“ одекна молскавично и заслужено го доби секое внимание. Интересно е што првпат во историјата на фестивалот се случува еден проект да добие три признанија.

Режисерите Љубомир Стефанов, Тамара Котевска, продуцентот и монтажер Атанас Георгиев и снимателите Фејми Даут и Самир Љума, заедно со нивната протагонистка во филмот Атиџе, за миг направија да се чувствуваме горди и среќни и да заборавиме на политичките рафали со кои се соочуваме секојдневно.

Веста се најде на насловните страници на домашните весници, а телевизиите ги започнуваа своите информативни изданија токму со тоа дека македонски филм трикратно е награден во САД. Социјалните мрежи буквално вриеја од статуси, споделувања и поддршка за екипата. Културата како вест најчесто се наоѓа во ударните термини на вестите или на насловните страници само ако се работи за скандал, проневера на пари, дискриминација, цензура или слично. Затоа кај нас убавите чуда траат еден-два дена. Повторно се вративме во комоцијата на старите навики и дневнополитичките препукувања.

А, тимот што стои зад „Медена земја“ макотрпно работел три години за филмот да може да го види светлото на денот. Како ги комбинирале добиените средства, колку челични нерви им требале за да ги реализираат идеите, онака како што тие замислиле од уметнички аспект, си знаат само тие. Сега филмот е и наш, на публиката. Имаме целосно право да се гордееме со успехот што ѝ го донесоа на земјава.

Екипата е различна и мешана по сите основи по кои со децении политичарите нè делат за да нè владеат. Македонци, Албанци, Турци, мажи, жени, искусни, не толку искусни, хетеросексуалци, хомосексуалци... Да, во буквална смисла ова се медените разлики на Македонија и тоа ни донесе победа, на сите. Ги вклопија сите различности, го извадија најдоброто од нас и одржаа лекција по екологија, хуманост, креативност, истрајност... Наспроти полните усти на политичарите за соживот, тие покажаа живот на дело.

Во меѓувреме, од филмската екипа секој засебно работеше и на други проекти, кои исто така беа успешни. Тука ќе го споменам продуцентот Атанас Георгиев кој заедно со режисерот Илија Цветковски го лансираа документарецот „Со љубов“ за неготинскиот професор Дионис, страстен љубител на олдтајмерите. Приказна која нè освои. Пред десетина години, пак, името на Георгиев слично одекна и по филмот „Cash and marry“. Тука соработуваа заедно со сценаристот Марјан Алчевски кој, пак, сега е во фокусот на регионалната сцена и соработката со Ејџ-би-о. Негово сценарио беше избрано од Ејџ-би-о за да се продуцира првата серија на Ејџ-би-о Адриа. Серијата се вика „Успех“ и е во режија на оскаровецот Данис Тановиќ.

За симпатичното момче, кое на социјалните мрежи се потпишува и како Самир Љума без В (алудирајќи на вечната дилема во македонските презимиња дали е со В или без В), човек не знае од каде да почне. Од блиско минато на памет ми доаѓа дека Самир беше соработник на документарниот филм од Лесли Ајверкс за лажните вести од Велес, филм кој го продуцираше компанијата на Морган Фримен. Претходно, токму со негова изложба на фотографии беше отворен и фестивалот „Синедејс“. Од каталогот на фестивалот „Синедејс“, Самир во еден дел беше претставен вака:

„Работел во Еквадор со Кирил Поп Христов и во Македонија со Лесли Ајверкс, инаку членка на Академијата за доделување на Оскар и внука на првиот цртач на Мики Маус (исто така оскаровец). Од номад до продуцент што патува таму каде што го носи занаетот, па и среќата. Од снимања на локални егоцентрици без иднина, до добитници на највисоки признанија, па и до ‘Вајс Њујорк’ со Екшн Бронсон и со Дуа Липа за ‘Fuck That’s Delicious’. Самир Љума е наш чоек… И тука е годинава (за идната година не гарантираме)“.

И еве „идната“, Самир ја започна со светско признание. Заедно со неговиот колега Фејми Даут ја добија наградата за најдобри сниматели на „Санденс“.

Хуманиот аспект, пак, на екипата што стои зад „Медена земја“ се докажува и преку кампањата за собирање средства наменети за семејството што се појавува во филмот. Ги повикуваат луѓето да купат тегла мед од Атиџе, а парите од продажбата ќе се искористат за образование на седумте деца што се појавуваат во филмот. Осмото детенце се роди токму на денот на премиерата на „Медена земја“ на „Санденс“.

Во овие избројани редови не може да напишеме сè што заслужуваат медените креативци. Критериумите ги поставивте, останува уште државата да ве препознава и да ве задржи дома, наместо да се отселите. Но, и да поработиме сите да ги минимизираме заедничките проблеми. За на следното подигнување на светска награда, Атанас или некој друг како него, да не мора да повика да се исчисти воздухот, туку да каже дека живее во зелена, еколошки освестена земја, која знае да ги препознае вистинските вредности.

Споделување со вашите пријатели: