„Македонија вработува“ уште го носи ПИОМ во минус

„Македонија вработува“ уште го носи ПИОМ во минус
Повеќе од половината вработени со проектите „Македонија вработува“ 1 и 2 сè уште работат и им се впишува стаж кој никој не го плаќа. Со закон донесен 2015 и продолжен во 2016 година, беше дадено право за ослободување од плаќање придонеси и персоналец, и по тој основ беа вработени 22.729 работници.

„Дел од остварените ослободувања сè уште се активни, односно во моментов активни се вкупно 14.189 ослободувања од придонеси од задолжително социјално осигурување и персонален данок на доход“, ни одговорија од Агенцијата за вработување, која беше носител на проектот.

Фирмите можеа да аплицираат за „Македонија вработува“ заклучно со 27 јуни 2017 година, а законот дозволуваше ослободување од давачки во различно времетраење, сметано од датумот на вработувањето, и тоа: 36 месеци, 60 месеци или до пензионирање.

Проектот „Македонија вработува“ го зголеми минусот во Фондот за пензиско осигурување. Светска банка, во извештајот по системската дијагностика на Македонија, вели дека фактот што работните места креирани од оваа програма се ослободени од социјални придонеси (за здравство и пензии до пет години) има сериозни фискални импликации и прецизира дека загубата на приходи на Фондот за ПИОМ е околу 15 милиони евра.

Од Министерството за труд и социјална политика велат дека годишната загуба е околу 29,2 милиони евра само кај Фондот за пензиско осигурување, ако за сите вработени со програмата цела година се користеле ослободувања.

„Под претпоставка дека сите 22.729 работници во еден ист месец користеле ослободување од придонес на ниво на просечна бруто-плата, ефектот само за придонес за пензиско и инвалидско осигурување би изнесувал изнесувал 150 милиони денари или годишно 1,8 милијарда денари“, ни одговорија од Министерството и додаваат: „Тука не се работи за кршење на законот туку за штетно законско решение кое го донела претходната власт. Последиците од ова неодговорно работење доведуваат до дополнително зголемување на дефицитот на пензискиот фонд“.

Сите вработени со проектот „Македонија вработува“ не се задолжителни членови во втор столб, велат од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС).

„По истекот на субвенционираниот период, овие осигуреници Фондот на ПИОМ ги распределува во задолжителните пензиски фондови со што стануваат членови во втор столб. По добивање на информацијата за распределба во вториот столб од Фондот на ПИОМ, МАПАС доставува известување до членовите во кој задолжителен пензиски фонд се распределени“, објаснија од МАПАС.

Има и лица кои пред да бидат вработени преку „Македонија вработува“ веќе биле членови на втор столб.

„Тие по истекот на субвенционираниот период остануваат членови во вториот пензиски столб и понатаму добиваат редовни известувања од пензиските друштва за состојбата на средствата, уплатите, инвестирањето согласно пропишаната регулативата“, посочуваат од МАПАС.

МАПАС направил контрола кај одреден број членови кои некогаш користеле субвенција и констатирал дека имаат уплати на придонес по завршување на субвенцијата.

Анита Салтировска

Споделување со вашите пријатели: