Рамката за отпишувањето на долговите е популизмот

Рамката за отпишувањето на долговите е популизмот
Ило Трајковски

Во септември минатата година премиерот ги повика газдите да ги пододврзат ќесињата и да им дадат на работниците по некоја пара повеќе. Бидејќи повикот беше даден во време на кампањата за референдумот за промена на името, тој предизвика жестоки реакции кај дел од јавноста. Заедно со некои други го поттикнувавме јавното обвинителство да го оцени тој повик од аспект на одредбите во Кривичниот законик во врска со изборниот поткуп. Референдумот помина како што помина, а реакција од државните органи немаше. Во меѓувреме, се изнагледавме уште многу други коруптивни интервенции на властите. Политички мотивираниот поткуп стана секојдневие. Во рацете на Владата тој функционираше како ефективна алатка за остварување на обврските преземени со Преспанскиот договор. Во тој популистички стил, Владата, односно премиерот, но и други владини функционери продолжуваат и понатаму.

Деновите јавноста беше запознаена со преземени чекори на Владата да ги отплати долговите на две винарниците и да се отпишат долговите на околу 200 илјади семејства кон ЕВН! Тука не станува збор за мерки што Владата ги презема за да се решат овие два проблеми, туку таа самата директно ја презема отплатата на долговите кон лозарите, на пример! Така, наместо винарниците кои во периодот од 2014 до 2016 година откупиле грозје и од тоа оствариле некоја добивка, долгот кон лозарите ќе го отплати Владата со пари од државниот буџет! За таа цел ќе се потрошат околу 1,5 милон евра - што е за 200.000 евра повеќе од сумата која државата во 2018 ја издвоила за научни истражувања! За мерката отпишување на стари долгови кон ЕВН, Владата планира да го „убеди“ ЕВН на 200.000 семејства, негови должници, да им прости 110 милиони евра!

И во едниот и во другиот случај имаме работа со интервенција на државата во односи помеѓу приватни пазарни субјекти - стопански фирми, од една страна, и нивните клиенти, од друга страна. Владата својата интервенција ја претставува како „вистински пример на грижа на државата за граѓаните и враќање на парите кај граѓаните“. Но, ваквите душогрижнички интервенции повторно нè соочуваат со прашањето за нивните идеолошки аспекти.

Најчесто како прва идеолошка рамка во која се толкуваат ваквите мерки се посочува популизмот. Се покажува дека таа политика не е привилегија само на десницата. Со неа како политичка технологија се служат и политичките партии од левицата. И неспорно. И едната и другата мерка на Владата се осмислени како чекори за спасување на она што се нарекува „обичниот народ“. Него актуелната влада го спасува од канџите на алчните капиталистички газди и фирми и нивните извршители. Претходно, владата на ВМРО-ДПМНЕ го спасуваше од различите угрози на националниот идентитет од надвор и од внатре. Популизмите - леви или десни - особено се подигаат во предизборните периоди. Додека во периодите на politics as usual тие, на пример, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кај нас, функционираат како лева и десна рака на капиталот и на неговите моќни привилегирани офицери. Во тие периоди за нив е побитно обезбедување на стекнатите богатства и привилегии.

Нам ни се приближуваат избори - претседателските сигурно, а парламентарните сè поизвесно. Во името на тоа, најмногубројната општествена класа, која истовремено е и најсиромашна и подложна за манипулација, добива на цена. Нејзината цена сега ја подигаат истите оние политички чинители кои по принципот на тежа и против тежа ја соголуваат до гола кожа. Тоа го прават било преку нејзиното директно подредување на пазарот на трудот, било индиректно преку процесите на криминална приватизација и комерцијализација на јавните ресурси. Во таа смисла, левите и десните популисти се само повремено популистички. Тие се наменски и повремени - за време на изборите. Надвор од тие краткотрајни периоди на додворување кон масите тие ги сервисираат, пред сè, интересите на надмоќните елити, се разбира и сопствените.

СДСМ сега, ВМРО-ДПМНЕ претходно, во периодите пред избори промовираат мерки за отпишување на долговите на сиромашните слоеви од населението. Зависно од досетливоста им се отпишуваат или им се отплаќаат долгови по основ на неплатени сметки за струја, за топлификација, камати на банкарски картички, радиодифузни такси и извршни постапки и друго. Ваквите мерки ги допираат и средните, домаќински слоеви од населението, но само како жртви на споменатите популистички политики. Тие како одговорни домаќини и домаќинки, граѓани и граѓанки, согласно принципот на царот царевото, на господ господовото, ревносно, навремено и достоинствено ги подмируваат своите сметки - помалку ќе јадам, но сметките морам да ги платам, резонира типичниот претставник на средната класа

Подмирувањето на сметките за средната каса е прашање на елементарната пристојност - да се живее од својот труд, а не на туѓа сметка. Но во дадените околности, кога владите кабадахиски трошат буџетски средства за санирање или подобрување на приватни сметки, граѓанинот од средната класа ги плаќа сопствените сметки, а плаќа и за неплаќачите. Во нивните сметки се акумулирани три сметки. Покрај сопствените, тие ги плаќаат и неплатените сметки од сиромашните категории, но и преплатените сметки од корупцијата на високите слоеви.

Ваквото оптоварување на средните класи е резултанта на популистичките политики кон сиромашните слоеви, на една страна, и од неолибералните политики кон јавните ресурси, на друга страна. Средните класи функционираат како еден вид амортизери на овие две спротивставени политики и две спротивставени класи - сиромашните и богатите. Тоа доведува до квантитативно тенчење и квалитативно разнебитисување на средните класи. На пример, анализите покажуваат дека оваа класа станува сè посилен извор на миграција надвор од земјата. Ако се има предвид дека токму средните класи се стабилизирачкиот елемент на општествената структура, оваа појава најавува уште поголеми предизвици за развојот на демократијата и воопшто на развојните перспективи кај нас.

Од Аристотел до денес важи сознанието дека токму средните класи се носители на умереноста, редот и поредокот во општеството. Токму затоа, нападот врз овие класи било од оздола или одозгора придонесува за губење на мерата и на стабилноста. Средната класа, односно нејзините образовани и ситуирани претставници, судиите, на пример, се главните субјекти на владеењето на правото. Затоа, паралелно со популизмот насочен кон ниските класи, помилувањата со кои претставници на повисоките класи беа ослободени од нивните „сметки“ ја уништуваат мерата за пристојност, нормалност, цивилизираност и граѓанственост, во нашето општество.

Споделување со вашите пријатели: