Моќта и богатството

Моќта и богатството
Никола Поповски

На почетокот на секоја година во веќе славното гратче Давос во Швајцарија се одржува собир во вид на форум на богатите и моќните, кој претенциозно се нарекува Светски економски форум. Да, според посетеноста и структурата на учесниците, тој е светски и е форум, но можеме да се сомневаме дека е и економски. Тоа, пред сè, е собир на екстремно богатите и моќните луѓе во светот. Но оваа година форумот како да изгуби од својот сјај и повеќе личеше на насловот од легендарната песна „Whiter shade of pale“ од „Прокол харум“. На него не присуствуваше ниту еден од највлијателните луѓе во светот - пред сè, лидерите на најголемите и економски, политички и воено најмоќни држави во светот ниту, пак, најбогатите или најславните меѓу богатите поединци во светот. Нормално, во такви услови и медиумскиот и јавниот интерес за собирот беше малку помал од традиционалниот.

Сепак, одредени интересни анализи и информации протекоа и од овогодишниот собир во Давос. Една од оние информации што доби големо медиумско покритие е онаа на организацијата „Оксфам“ дека во минатата година богатството на 26-те најбогати луѓе во светот е еднакво на богатството на посиромашната половината од светското население, односно околу 3,85 милијарди луѓе. Важно е да се напомене дека „Оксфам“ (Oxfam International) всушност е конфедерација на 20-ина невладини добротворни организации основана во 1942 година и е посветена на намалувањето на глобалната сиромаштија, која има долга и многу кредибилна историја на истражување на проблемот. Имајќи предвид дека ваквите мерења во светот се редовни, можеби треба да изразиме и одредено задоволство бидејќи мерењето во 2015 година, објавено во јануари 2017 година, покажа дека осумте најбогати луѓе во светот поседуваат богатство што е еднакво на посиромашната половината од светското население? Никако. Состојбата практично не се менува. Богатството на сите милијардери во светот само во минатата година се зголемило за околу 900 милијарди американски долари, што претставува раст од околу 2,5 милијарди долари на ден, но едновремено богатството на најсиромашните околу 3,85 милијарди луѓе се намалило за околу 11 отсто. Тоа се дивергентни трендови.

Иако минатата година Светската банка гордо изјави дека екстремната сиромаштија во светот (живот со 1,9 или помалку американски долари на ден) во 2015 година се спушти на историско најниското ниво од 10 отсто од светското население или 736 милиони луѓе, тоа не значи дека јазот во богатството се намалува. Екстремно сиромашното население што е под работ на егзистенцијата се намалува, но разликите растат бидејќи екстремно богатите се збогатуваат екстремно брзо, а кај средната класа не се регистрира некој забележителен напредок. Во последниве 30 години нивната положба, во основа, се нема сменето. Половина од светското население и понатаму живее со потрошувачка која е помала од 5,5 долари на ден, поради што само еден отсто од населението (76 милиони луѓе) сега поседува повеќе богатство од остатокот од светот.

Но, иако медиумската презентација на тој гол факт за преголемото богатство на најбогатите можеби предизвика чудење и изненаденост во јавноста, познавачите на состојбите воопшто не беа зачудени, туку само се запознаа со последниот, ажуриран соодветен податок што одамна е познат. „Оксфам“ постојано ги истражува и потенцира таквите податоци со цел да ја подигне свеста и да го алармира светот во врска со последиците од ужасно нерамномерната распределба на доходот и богатството во светот. Најбогатиот човек во светот - основачот на компанијата „Амазон“, Џеф Безос, според списанието „Форбс“, во моментов има богатство од околу 114 милијарди долари, еквивалент на 11-годишниот БДП на нашата Македонија, на пример, а резиденцијалната зграда со висина од 190 метри во која живее најбогатиот Индиец и 19-от најбогат човек на светот, Мукеш Амбани, се проценува на околу една милијарда долари и е најскапата приватна куќа во светот. Сумарно, бројот на милијардерите во светот во последнава декада се зголеми двојно и сега нивниот број е 2.208 со тенденција на натамошен брз раст.

Оттука не е ни случајно што во најновиот извештај на „Оксфам“ од јануари 2019 година, едноставно наречен „Јавно добро или приватно богатство?“, тие додадоа подолг поднаслов кој гласи: „Општото здравство, образование и другите јавни услуги го намалуваат јазот меѓу богатите и сиромашните и меѓу жените и мажите. Поправедното оданочување на најбогатите може да помогне да се плати за нив“. Евидентно е дека на долг рок нешто мора да се направи. Една од препораките е дека треба да се прекине со ниското оданочување на богатите компании и индивидуи и тоа да се подигне на поправедно ниво. За илустрација - во нашата земја и во поширокиот балкански регион оданочувањето на корпорациите и натаму останува пропорционално, односно непрогресивно и во просек изнесува околу 10-14 отсто од добивката.

Ако за дополнителен пример се земат две сосема далечни и различни земји ќе се дојде до сличен, па дури и шокантен податок, а тоа е дека најсиромашните 10 отсто од населението плаќаат далеку повисока ефективна даночна стапка од оние 10 отсто што се најбогати, односно посиромашните плаќаат релативно поголеми даноци. За појаснување, ефективната даночна стапка го претставува соодносот помеѓу де факто платениот данок и вкупно остварениот доход на поединецот. Имено, во Бразил најсиромашните 10 отсто од населението плаќаат ефективна даночна стапка на своите доходи од 32 отсто наспроти најбогатите 10 отсто кои плаќаат ефективна даночна стапка од 21 отсто. Во економски развиената Велика Британија најсиромашните 10 отсто плаќаат ефективна даночна стапка на своите доходи од 49 отсто наспроти најбогатите 10 отсто кои плаќаат ефективна даночна стапка од 32 отсто. Ваквите примери ни од далеку не се осамени, туку напротив, тие се сè почести во практиката на сите земји во светот.

Состојбата во која последиците од економскиот раст во светот во доходовна смисла релативно повеќе се прелеваат кон неколкуте најбогати поединци во светот, па макар биле тие и неколку илјади, станува алармантна до мерка што и Светска банка се чини дека нема да може да ја исполни својата цел да ја елиминира екстремната сиромаштија во светот до 2030 година. Напротив, се чини дека може да се случи дополнително да се поттикне екстремното богатство, а економската наука, но и не само таа, одамна потврдува дека нееднаквоста може да биде сериозен дестабилизирачки фактор.

Затоа тоа што е проблем, а што учесниците на собирите во Давос ретко го споменуваат или најчесто го избегнуваат, е состојбата со дистрибуцијата на јавните добра во секоја поединечна економија и во светот во целина. На врвот на таквите јавни добра, покрај безбедноста се секако образованието и здравството, но и пензиската заштита, а понекогаш и другите видови на социјална заштита. Како врвни јавни добра тие нормално треба и мора да се државни а не приватни, со општ опфат на населението, ослободени од разни надоместоци, но и предвидливи и респонзивни на потребите. Многумина сметаат дека во оваа насока оданочувањето на богатството, а не само на доходите треба да има многу поголема улога во растечки неправедниот и економски нееднаков свет.

 

 

 

 

 

 

Споделување со вашите пријатели: