Ќе се врати Груевски - ама кога ќе бидеме во НАТО

Ќе се врати Груевски - ама кога ќе бидеме во НАТО
Александра М.Митевска

Пролетта 2008 година, политиките на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски доведоа до целосна блокада на интеграцијата на Македонија во НАТО. Земјата што дотогаш беше лидер во Јадранската група преживеа стравотно фијаско на самитот во Букурешт, наспроти Хрватска и Албанија, кои сега заокружуваат една деценија членство во најмоќниот воено- политички сојуз.

Речиси 11 години подоцна, Груевски, сега веќе како експремиер, азилант во Унгарија и бегалец од правдата, успеа од Будимпешта да ја засени веста која да се случеше во „негово време“, веројатно, ќе беше причина за национална еуфорија, со оглед на лошото искуство за државата на самитот во Букурешт. Но информацијата дека в среда во седиштето на НАТО во Брисел ќе биде потпишан пристапниот протокол за Македонија - како показател за тоа дека е надмината главната пречка од 2008 година и дека државата е на чекор до остварување на една од своите две главни стратегиски цели, едвај неколку часа, и тоа во глува доба, беше топ-тема во јавноста. Сè додека не стигна најавата дека бегалецот Груевски ќе се појави на телевизија.

Така, поранешниот премиер, со не баш славен минат труд во земјава во претходната деценија, ѝ ја украде славата на веста дека Македонија де факто станува 30. членка на Алијансата. Впрочем, и во Украина да се појавеше, на пример, на некоја национална телевизија поранешниот претседател и премиер Виктор Јанукович, за кога е распишана потерница по неговото бегство во Русија, тоа ќе беше веројатно топ-тема во тамошната јавноста. Само што украинските медиуми не се сетиле досега да ѝ приредат таков ексклузивитет на својата публика. Можеби затоа што во последните пет години немале такви клучни и позитивни моменти, како што е за Македонија пристапувањето во НАТО, што треба да се расипат...

Што друго може и да се очекува во општество кое генерално е свртено кон минатото не препознавајќи ги во сегашноста моментите што се очекува да ѝ обезбедат попросперитетна иднина на држават -, поголема безбедност, владеење на правото, влез на нови инвестиции... Општество кое упорно гледа назад место да гледа напред, бидејќи само така е можна промена.

Примерите од новите земји членки на Алијансата во последната една и пол деценија покажуваат дека влезот во НАТО е проследен со многубројни позитивни ефекти и на политички и на економски план, како зголемување на БДП и на странските директни инвестиции. Во Албанија, на пример, е забележан двоен раст на инвестициите во периодот по влезот во НАТО, иако тоа се случува во период на светска рецесија. Во Црна Гора - последната полноправна членка на НАТО - од 2017 година, по влезот во Алијансата, е регистриран раст на инвестициите за 140 отсто.

Шансите што се отвораат за Македонија со скорешното членство во НАТО, сепак, се чини, се од второстепено значење за пошироката домашна публика во споредба со пикантериите што можеа да се слушнат во интервјуто на Груевски за една национална телевизија која беше негова главна логистика во периодот додека неприкосновено владееше во земјава, за сметка, меѓу другото, и на нејзините евроатлантски перспективи. Деталите за тоа каде е сместен во Будимпешта, каде шета, а каде руча, дали контактира со пријателите од Македонија и дали го фаќа носталгија за татковината... испаднаа поинтересни за просечниот македонски гледач иако се незначајни во споредба со крупните политички процеси од регионално и меѓународно значење што се одвиваат моментно во земјава.

Од тој аспект, добро беше да се слушне дека Груевски планира еден ден да се врати во Македонија. Можеби и ќе се врати - ако надлежните институции во земјава навистина ги вложат сите свои капацитети и ако ги искористат сите процедурални можности за да се случи тоа, без бегање од одговорност за неговото бегство, без одолговлекување на истрагата за околностите под кои се случило тоа и без чудни изговори, како тој за избришаните снимки од безбедносните камери на албанската граница...

Но Груевски, веројатно, знае дека нема да ја затекне истата држава што тајно ја напушти во обид да ја избегне правдата. Веќе е извесно дека таа држава во периодот кога експремиерот би се вратил ќе биде членка на НАТО и во преговори за членство во ЕУ. Во такви околности, тешко дека Груевски ќе се врати како слободен човек, а уште помалку како политички фактор во Македонија. Може да се врати само за да ја отслужи затворската казна за случајот „Тенк“, а можеби и за другите предмети што СЈО ги води против него, а за кои сега му се суди во отсуство и му е одреден притвор.

Споделување со вашите пријатели: