Господ, па Вангеловски

Господ, па Вангеловски
Ерол Ризаов

Укинувањето на Специјалното јавно обвинителство како одмазда на мафијата, врховниот судија Јово Вангеловски во улога на гласноговорник на севишниот ја образложи смртната пресуда врз правдата во Македонија со зборовите: „Само Господ е повисоко од Врховниот суд“. Ептен скромна оценка, невидена и нечуена досега од еден судија, си изрече Вангеловски за својата маленкост и за улогата на своите апостоли праведници, на чие чело стои повеќе по волја на ѓаволот, а помалку по волја на кумашинот Трајко Вељаноски, поранешен претседател на Собранието и еден од челниците на ВМРО-ДПМНЕ со главна и со споредна улога, истовремено во настаните од 27 април 2017 година одиграна во претседателскиот кабинет на парламентот за време на обидот за државен удар.

Бидејќи Господ има своја правда, божја правда, поразлична од овоземната и не одлучува по световните туку по небесните канони, тогаш станува јасно дека претседателот на Врховниот суд има и свој простосмртен господ, кој му издал свои заповеди, многу поразлични од божјите. Ги знаете божјите: не убивај, не кради, не лажи, не суди и не сведочи лажно... и така со ред. По десетте божји заповеди, се открива кој господ управува со Врховниот суд да суди и одлучува за нешта кои не му се дадени за работа ни од бога, ни од Уставот, ни од Собранието, ни од народот. Се знае по чија наредба во Македонија се суди и сведочи лажно, а кога има потреба на главните обвинети за уништување на доказите и опремата од прислушуваните телефонски разговори им се овозможува со „правење на Тошо“ од страна на Врховниот суд да избегаат од земјата. Можеби Врховниот суд не помогнал во бегството и на Никола Груевски, но може многу да помогне во неговото враќање ако во една следна сеанса го прогласи СЈО за злосторничко здружение.

Одлуката на Врховниот суд за компромитација на целата работа на СЈО на овој незаконски и подол начин всушност е најсилен доказ колку сè уште е корумпирано и партизирано судството во самиот врв, кое го отфрла како страно тело секој обид да завладее правото. Моќни се силите што можат да организираат ваков злосторнички акт против државата со подривање на правниот и политичкиот систем. Оневозможувањето да работи СЈО е само еден од серијата удари кои веќе се активирани и имаат за цел да ја блокираат Македонија за членство во НАТО и во ЕУ. Колку што ќе бидат поизгледни сојузот со НАТО и претпристапните преговори со Брисел и членство во ЕУ, толку ќе бидат посилни овие странични и директни напади и во земјата и од надвор.

Дали забележувате дека во Македонија главно сите пречки за евроатлантските интеграции се поврзани со судството, организираниот криминал и корупцијата. Прво се бараше од старото и од новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ целосна амнестија и прекин на сите судски процеси кои произлегуваат од незаконското прислушување. Таков обид за реализација на овој план прв направи претседателот на државата Ѓорге Иванов со својата аболиција, која падна под силен притисок на јавноста и заврши како пишман аболиција. Потоа следуваа делумни амнестии од страна на СДСМ промовирани од премиерот Зоран Заев како чин на помирување да се донесат уставните амандмани како предуслов за усвојување на Преспанскиот договор во грчкиот парламент. Истовремено, експлодираа две-три истраги на СЈО кои задираат во чувствителните коалициски односи на власта. Али Ахмети и Бујар Османи осамнуваат како осомничени на насловните страници на весниците и во ударните термини на телевизиите, социјалните мрежи плетат стории.

Потоа пукна аферата со пензиските фондови, каде повторно трагите на парите водат кон ДУИ, но и кон ВМРО-ДПМНЕ бидејќи незаконското задржување на парите во државниот пензиски фонд не е можно без знаење и одобрување од владата и на тогашниот премиер и беа дел од доктрината за корумпирање на изборите на старите партнери ДУИ и ВМРО-ДПМНЕ Ахмети и Груевски. Во периодот кога е запрена уплатата во приватниот пензиски фонд неисплаќањето на пензиите на пензионерите од државниот фонд би означило сигурен пораз на изборите. За неплаќање на придонесите за пензиите во приватниот фонд и нивно задржување во државниот одамна пишуваа медиумите и тоа не беше никаква тајна. Аферата беше забошотена и разводенета со свртување на вниманието на јавноста на друга страна.

Одговорот од ДУИ по повторно актуелизирање на скандалот брзо стаса, со опомена до СДСМ дека нема консензуален претседател, туку сеалбански, но и со непримерна промоција на новиот закон за јазиците, која не води кон целта како пример како да се врати довербата во меѓуетничките односи, кои ќе означат заедништво и меѓусебно почитување и олеснување на граѓаните во односите со администрацијата. Начинот на кој настапи претседателот Талат Џафери во Собранието со промоција на албанскиот јазик е спротивна со интенцијата на законот. Тоа беше обичен евтин политички маркетинг за присвојување на успехот за Законот за јазиците како творба само на ДУИ, а не на една многу поширока заложба прифатена и од СДСМ, претходно и од ВМРО-ДПМНЕ и од албанските партии спротивставени на ДУИ. Реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ кон настапот на непризнатиот од нив претседател Џафери беше повеќе академска, отколку вмровска. Демек, нема смисла да зборуваш албански од собраниска говорница додека не се смени деловникот за работа на Собранието. Ептен културно укажување.

ДУИ заплашува со повторно партнерство со ВМРО-ДПМНЕ и со сеалбанска коалиција за заеднички кандидат за претседател на државата етнички и партиски подобен Албанец ако и натаму се вознемирува со непријатни истраги и јавни прозивки за криминал и незаконско работење. Ако има сеалбанска коалиција за претседателски кандидат, ќе има и семакедонска која не мора ни да биде договорена, таа самата ќе се направи. Закономерност на двојни садови, и ете ти политичка криза која ќе ги уништи сите успеси. Спасувањето на криминалците со озаконети одлуки е најлошата работа што може да ѝ се случи на Македонија во овој момент. Без владеење на правото Македонија ќе стаса до распад, а не до Европа.

 

Споделување со вашите пријатели: