Ресетирање на дипломатијата

Ресетирање на дипломатијата
Ѓорѓи Мисајловски

По „крвавиот“ четврток (2017) дојде „светлиот“ петок. Изгласани се уставните промени и промовирано ново име Република Северна Македонија. Конечно во матичната служба на Ист Ривер ќе исчезне грдиот акроним БЈРМ. Се оствари моето предвидување од 1993 кога тогашниот претседател се врати од Њујорк со веста дека акронимот ќе потрае две- три недели. Тогаш шепотев како во легендата за царот Трајан, дека Република Македонија нема да го задржи уставното име. Пратениците гласаа по партиските инструкции, а одметнатите  пратеници инволвирани во настаните од 27 април не ги послушаа инструкциите на одбегнатиот несуден жител на „Идризово“, пренесени  од него устоличениот лидер „товариш Бојкот“, алијас Христијан Мицкоски. Лидерот на партијата на св. Илија, сепак, не успеа да ги згроми своите истомисленици. Некој и преживеа. Партиските надмудрувања, некои ги нарекуваат навредливо пазарења, беа доволно анализирани од страна на нашите експерти. Харизматичниот премиер Заев и шармантниот Грк Ципрас секако ќе одиграат сиртаки, зошто не на песочната плажа на островот Закинтос, додека умниот Коѕијас и дипломатски робусниот Димитров во Дебар Маало ќе јадат топла чкембе-чорба. Да се надеваме и дека ќе успеат и иницијативата и настојчивоста на ректорот на еден од приватните наши универзитети за кандидирање на Заев и Ципрас за номинација за Нобелова награда за мир, што не би било нелогично. Срамежливиот Алексис, во секој случај, треба да добие прво одликување од владата на Северна Македонија.

Во овие три децении од независноста на нашата држава, речиси секоја година е прогласувана како историска, а два пати годишно прогнозиравме дека токму актуелниот претседавач со ЕУ ќе ги забрза нашите интеграциски процеси, зарѓани токму од нашата немарност во одржувањето на демократскиот механизам. Оваа година се разбира е прогласена за историска, можеби за прв пат заслужено. Протагонисти се неоправдано оспоруваниот лидер на СДСМ и самобендисаниот, но истовремено и  самоуверен и смирен шеф на дипломатијата. Десеттиот министер за надворешни работи е секако и најуспешниот, пред сè, поради тоа што не ја преспа Преспа, туку перманентно се залагаше за нови патишта за решавање на прашањето околу името, поради што имаше и соодветни реперкусии во неговата предвидлива дипломатска кариера.

Имавме министри за надворешни кои воопшто не го разбираа проблемот со името, ниту пак системот на функционирање на ОН. Особено во периодот кога се водеше борба за меѓународно признавање и прием во ОН. Имаше министри за надворешни работи во чии мандати прашањето околу името беше замрзнато од само за нив познати причини. Имаше министри кои сметаа дека решавањето на спорот со Грција е партиско прашање, свртувајќи го акцентот на суицидното ресетирање на античкото потекло на нашиот народ. Имаше министри кои беа обесхрабрени од наводно баронминхаузенските изјави на меѓународната заедница (нè лажат), како и еден кој најмногу амбасадоруваше, односно шеташе по Синтагма, а не даде никаков придонес во решавањето на спорот со Грција. Накусо, Никола Димитров ги отстрани сите недостатоци од своите претходници кога е во прашање  глобалниот приод при конечното решавање на проблемот. Притоа имаше мала потреба да ги користи позитивните искуства од своите претходници, пред сè, поради фактот што тие и не се трудеа многу. Димитров, потпирајќи се на своето дипломатско искуство, стекнатите позиции во политичко-дипломатскиот естаблишмент, вродената тактичност и  темпирана воздржаност, комбинирана со прецизниот тајминг во испланираните дипломатски чекори, со добро знаење на генезата на проблемот и направените грешки од наша страна за една и пол година успеа да го постигне она што неговите претходници немаа храброст ниту сериозно да се обидат. Притоа, Димитров ова го постигна со скромна, главно техничка помош од дипломатскиот состав во МНР, а посебно на оние во амбасадорските фотелји надвор, кои всушност ѝ нанесоа најголема штета во нашето погрешно скенирање на проблемот.

Сега Димитров не треба да бара пример во министрите кои се умислуваат дека се поп- ѕвезди, односно да не ги понесе секогаш опасната опседнатост од последиците на популарноста, бидејќи дипломатијата е многу сериозна работа. Како Димитров да ја ресетира дипломатијата?

Прво, МНР да стане конечно институција во која се креира надворешната политика, а не паланечка чекалница на дипломатите да отидат на гурбет и да заработат едно станче.

Второ, парламентот конечно да стане храм на демократијата, а не партиска машина за гласање, па Комисијата за надворешна политика да го оправда своето постоење.

Трето, неопходна е кохабитација со премиерот и особено претседателот на државата.

Четврто, а можеби и прво, нова стратегија на нашата надворешна политика по решавањето на прашањето за името, што значи и ресетирање на нашата заспана дипломатија.

Петто, дипломатската мрежа мора драстично да се намали и поради новата стратегија на надворешен план. Чуму амбасада во Бразил, Индија, Катар, Казахстан и во најмалку уште петнаесетина држави.

Шесто, да зајакнат кадровски најзначајните дипломатски центри.

Седмо, мултилатералата да биде во функција на решавање на билатералните прашања.

Осмо, образованието на дипломатите да стане долгорочен процес, не во домицилна локална (вечерна) дипломатска академија.

Деветто, оперативните дипломати (т.н. директори) треба да се најкомпетентните, а за заменици или т.н. државни секретари да не се поставуваат партиски војници, или доколку сепак се, нека бидат дипломатски едуцирани. Ова е и практичен проблем. Странските дипломати немаат со кого да разговараат во нашето МНР, освен со министерот.

Десетто, потребна е нова концепција на нашите дипломатски приоритети. Во билатералните односи, односите во регионот и продолжување со негување на односите со нашите стратешки партнери, а на мултилатерален план е неопходна поголема аналитичност при донесување на одлуки кои не смеат да бидат избрзани, но не и задоцнети.

 

Споделување со вашите пријатели: