Цената на Договорот

Цената на Договорот
Ѓорѓи Спасов

Со потпишаниот договор со Грција и со промената на Уставот направен е голем исчекор во напорите на Македонија да стане членка на ЕУ и на НАТО.

Зоран Заев во образложувањето на договорот пред Собранието рече: „Ова е почеток на крајот на неизвесноста која ѝ се закануваше на Македонија... И подготвен сум да ја платам политичката цена за тоа“.

Слична изјава даде и грчкиот премиер деновиве. Говорејќи на настанот „Прогресивна алијанса за демократска и социјална Европа“, тој рече:

„Преку овој договор придонесовме за воспоставување мирен соживот, солидарност, соработка, пријателство и мир во поширокиот регион, но и меѓу нашите народи.

Прогресивните сили и прогресивните влади кога преземаат одговорност тогаш докажуваат дека заедно можат да решат проблеми за подобра иднина на народите и регионот, особено за Балканот каде што главната перцепција не беше компромисот и консензусот, туку националистичката омраза и конфликтите.

Не мислам на личностите, туку на политичките сили и во Грција и во Северна Македонија, кои се здружија во обидот да се судрат со доминантната реторика на национализмот, на квазипатриотизмот, на импресионирањето, на емоционалноста, за да дадат решение за перспективата на народите, за иднината. Ние докажуваме нешто многу, многу важно. Во пракса докажуваме дека кога постојат прогресивни влади и сили, кои имаат храброст и не се двоумат пред политичката цена за да ги одбранат вредностите, тогаш целата позната историја на Балканот може да се маргинализира и да се испише историја што се однесува и на минатото, но главно на сегашноста и иднината на народите“.

Ципрас и Заев по ратификацијата на договорот во парламентите на двете земји добија многубројни честитки од најзначајните политички лидери во светот.

Клучните зборови што беа искажувани за договорот се дека Заев и Ципрас постигнале „историски договор“ дека договорот е „победа на разумот над национализмот“ и пример за политичка храброст и визија.

Во честитката до двајцата лидери, од претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, на пример, се вели: „Имаа имагинација, презедоа ризик и беа подготвени да ги жртвуваат своите интереси за поголемо добро. Зоран, Алексис - одлично направено. Невозможната мисија е успешно завршена“.

Победникот во Втората светска војна, Винстон Черчил, кој е добитник и на Нобеловата награда за книжевност во 1953 година, ги изгуби првите избори по завршената војна во 1945 година и мораше да ја напушти премиерската функција.

Оттука се поставува прашањето која ќе биде политичката цена што ќе ја платат Ципрас и Заев на следните избори, а што ќе им биде испорачана од оние што не сакаат да ги напуштат старите националистички позиции и кои не можат да им го простат овој успех.

Во двете земји за четири месеци ќе бидат одржани избори. Во мај во Грција ќе се гласа за избор на пратеници во Европскиот парламент, а ќе биде одржано и гласање за локалните самоуправи. Во мај во Македонија ќе бидат одржани изборите за претседател на државата но исто така и за избор на градоначалници во Охрид, Ново Село и Дебар.

Тоа ќе биде првиот тест за Ципрас и Заев да ја проверат својата политичка поддршка и да видат што се случува со изборното расположение по потпишаниот договор.

Испитувањата на јавното мислење во Грција за сега покажуваат дека нема суштествени промени во рејтингот на политичките партии од јануари 2018 до денес и дека од други причини, а не заради договорот со Македонија, Сириза заостанува зад Нова демократија со 8-10 отсто во својот рејтинг. Изборите за европскиот парламент и локалните избори за Ципрас всушност и нема да бидат вистинскиот тест, бидејќи што и да се случи на нив нема ништо суштествено да промени во однос на ратификуваниот договор со Македонија.

Испитувањата на јавното мислење во Македонија за претседателските избори сè не се уште ниту започнати и за сега не се познати ниту кандидатите за иден претседател на Македонија, ниту изборното расположение. Но, изборите за иден претседател на Македонија се од многу поголема важноста за земјата од изборите во Грција за пратеници во Европскиот парламент.

Македонија во мај ќе одлучува дали ќе избере за претседател личност која ќе ја продолжи политиката на досегашниот претседател Ѓорге Иванов или ќе биде избрана личност која од позицијата претседател на државата ќе го поддржи договорот од Грција и ќе биде дел од политиката која ги добива сите честитки и пофалби од демократските лидери во светот.

Македонија во мај ќе покаже дали мнозинството од избирачите се на страната на политиките со кои се обезбедува мир со соседите, се отвораат вратите на НАТО и на Европската Унија и се обезбедува социјалната и меѓуетничка кохезија на земјата или мнозинството сè уште смета дека сето тоа е малку во однос на прифаќањето на името Северна Македонија, и дека оваа влада треба да се казни според она што го пропагираат националистите: „Името им го продадоа на Грците, јазикот на Албанците, а историјата на Бугарите“.

Претседателските избори во Македонија ќе бидат уште една тешка битка за срцата и умот на избирачите и таа веројатно ќе се води беспоштедно со истите методи со кои националистичките сили од времето на Груевски го држеа народот во страв и изолација со многубројни манипулации и лажни вести.

Но нема да има какво било оправдување за тимот на Заев и за парламентарното мнозинство во сегашното Собрание, ако од кои било причини преку овие избори не ја обезбедат поддршката за храбрата визија и чекорите што ги презедоа во решавањето на споровите со соседите и во изградбата на Македонија како едно општество на рамноправни граѓани.

Зошто е ова толку важно?

Политичката цена што би ја платил Ципрас со губење на европските избори во Грција нема ништо значајно да промени ниту во внатрешната ниту во надворешната политика ана Грција, од проста причини бидејќи се работи за стабилна демократија.

Политичката цена што би ја платил Заев со губење на претседателските избори во Македонија ќе биде многу поголема. Тоа може да значи најава за враќање на власт на авторитарниот режим на Груевски, само без Груевски, и загрозување на целиот процес на демократизација и пацификација на земјата.

За Македонија и за меѓународната заедница нема да биде сеедно дали идниот претседател на Македонија ќе ја продолжи политиката на Заев, на Димитров, на Шекеринска и на Османи, односно на сето сегашно парламентарно мнозинство, или ќе ја продолжи политиката на Иванов, на Груевски, на Мицкоски, Ѓорчев, Апасиев и Бачев кои гледаат само црнила во Македонија. И кои ветуваат дека ќе направеле сè за да го вратат назад тркалото на историјата да го врателе назад.

Оттука, цената на лежерниот однос кон политиките што сакаат тешко изнајденото решение за деценискиот спор со Грција да го сведат на предавство и неукост може да биде превисока. Таа цена не му остава простор на парламентарното мнозинство за комоција и егзибиции во стилот „секој со свој кандидат“, па што ќе биде нека биде.

Споделување со вашите пријатели: