Северна Македонија поевтино ќе се задолжува

Северна Македонија поевтино ќе се задолжува
На меѓународните пазари на капитал во моментов се тргува со четири македонски обврзници, чија вредност порасна по ратификацијата на Преспанскиот договор во грчкиот парламент. Тоа значи дека најголемите меѓународни финансиски институции и банки позитивно ја гледаат Македонија и, уште побитно, позитивно ги гледаат перспективите на идното движење на земјата, политички и економски, и затоа има зголемена побарувачка за македонските обврзници, објаснуваат од Министерството за финансии, од каде што додаваат дека годинава не е планирано издавање на еврообврзница.

Агенцијата Ројтерс јави дека македонската државна обврзница во понеделникот ја достигна највисоката вредност во последнава година, со раст од 3,5 проценти само во последните десет дена. Каматата (приносот) на државната еврообврзница издадена лани, на 500 милиони евра, во понеделникот падна на најниско ниво во последната година - 2,51 проценти. Оваа еврообврзница беше издадена со камата од 2,75 проценти на период од седум години.

„Кога има поголема побарувачка за еврообврзницата, според економската логика, приносот односно каматната стапка се намалува. На пример, ако цената пред еден месец била 100 единици, сега нашата обврзница се продава за 102,103,105 единици, со што приносот (каматната стапка) кој го добиваат имателите во тој момент од таа обврзница опаѓа“, објаснува Рилинд Кабаши, советник на министерот за финансии.

Со државните обврзници постојано се тргува на берзите. Зошто се битни условите под кои се тргува со македонските еврообврзници?

„Кога ќе издаваме обврзници во иднина, репер за цената на новото задолжување е приносот со кои се тргуваат дотогаш издадените еврообврзници. Сите инвеститори го гледаат приносот на сегашните обврзници, кој сега се движи околу 2,5 проценти за последната обврзница, што значи дека толку би бил трошокот на граѓаните, каматниот трошок. Клучно е дека кога било државата да одлучи да издаде еврообврзница, овие поволни движења директно ќе се одразат на понизок каматен трошок за таа нова еврообврзница“, објаснува Кабаши илустрирајќи го тоа со пример на намалување на приносот за само еден процент. Така, ако приносот на државна обврзница од 500 милиони евра падне од 3 на 2 отсто, тогаш заштедата на камата е 5 милиони евра секоја година.

Еврообврзница издадена во 2018 година во еден момент стигнала до принос од 3,5 отсто. Кабаши вели дека тоа се должело на неизвесноста во Македонија и на тогашните услови на глобални финансиски пазари.

Но не е само намалувањето на камата на идните задолжувања добивката за државата.

„Втора директна придобивка е што Македонија се појавува не само на мапата на финансиските инвеститори туку и кај корпоративните. Фактот што големи корпорации сега читаат позитивни работи за државата води кон промена на перцепцијата за земјата. Досега читаа за корупција, блокирана влада и Собрание, а сега на релевантни извори како Блумберг читаат позитивни бројки. Тоа влијае на зголемување на инвестициите во земјата. Големи инвестициски фондови даваат позитивни изјави за Македонија, што повлекува дополнително зголемување на довербата кај инвеститорите“, посочува Кабаши.

Од аспект на пристапни преговори за ЕУ, иако директно не е битно дали државата издава еврообврзницата со 3 или со 5 отсто принос, со тоа што котира подобро на финансиските пазари, добива подобри оценки.

„Во преговорите има поглавје за економските параметри на државата - за макроекономската стабилност, нивото за задолжување и фискалните политики. Брисел цело време ги следи овие параметри, и од тој аспект, индиректно влијае и фактот на зголемување или намалување на вредноста на државните обврзници“, објаснува Кабаши очекувајќи позитивен одраз и врз кредитниот рејтинг.

„Рејтинг-агенциите ги следат и овие фактори. Намалувањето на приносот може да се одрази како подобрување на рејтингот на државата што, пак, дополнително влијае врз намалување на приносот. Зашто кредитниот рејтинг во основа ја покажува кредитната способност на државата“, вели Кабаши.

Од Министерството за финансии посочуваат дека падот на приносот на еврообврзницата не треба да се сфати како можност за поголемо задолжување.

„Потребите за задолжување на државата се одредени на годишно ниво во буџет и индикативно на тригодишно ниво со фискалната стратегија. Колкаво ќе биде задолжувањето се утврдува откако ќе се одлучи колкави ќе бидат приходите, колкави расходите и колкав е дефицитот што останува и како тоа да се покрие, дали со еврообврзница или на домашен пазар. Не оди обратно“, укажуваат од Министерството за финансии.

Aнита Салтировска

Споделување со вашите пријатели: