Вангеловски ѝ пресуди на Јанева

Вангеловски ѝ пресуди на Јанева
Истрагите и обвиненијата што ги поднесе Специјалното јавно обвинителство по 30 јуни 2017 година и оние што ги презеде од своите колеги од редовното обвинителство и ги почнало по законскиот рок треба да ги преземат нивните колеги од Јавното обвинителство. Ова е правното мислење на Врховниот суд кое го утврдија врховните судии на општа седница постапувајќи по иницијативата на адвокатите што го бранеа поранешниот премиер Никола Груевски - Боро Тасевски и Еленко Миланов. Тие се повикуваат на членот 22 од законот за специјално јавно обвинителство, кој предвидува ова обвинителство да може да покренува истраги и обвиненија 18 месеци по преземањето на прислушуваните материјали.

Со ова мислење неизвесна е судбината на случаите „Попис“, предмет во кој се осомничени Груевски и лидерот на ДУИ, Али Ахмети, кој беше дел од минатата и сегашната власт, предметот „Моќник“, во кој е обвинет пратеникот Антонијо Милошоски, „Актор“, случајот со стечајот на МПМ, во кој се обвинети првите луѓе оваа компанија, која ги издаваше дневните весници „Дневник“, „Утрински“ и „Вест“, „Актор“, но и најновите истраги што ги отвори СЈО, меѓу кои е истрагата за актуелниот вицепремиер Бујар Османи и најголемата истрага „Империја“, во која се гонат едни од порано најмоќните луѓе, поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков и бизнисменот Орце Камчев.

Иницијативата е покрената по обвинението за предметот „Талир“, кој се однесува на нелегалното финансирање на ВМРО-ДПМНЕ и изградбата на седиштето на партијата. За „Талир“ е закажано судско рочиште и неизвесно е дали овој предмет ќе продолжи под надлежност на СЈО.

Правното мислење на Врховниот суд е обврзувачко за советите на овој суд, но според толкувањата на правните експерти ова мислење ќе го почитуваат и пониските судови бидејќи, кога ќе стигнат до највисоката инстанција, им се заканува опасноста да паднат. Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски, кој се најде во извештајот на Специјалното јавно обвинителство, меѓу судиите кои работеле по налог на минатата власт, вели дека целта на мислењето на највисокиот суд не е истрагите и обвиненијата на СЈО покренати по рокот да пропаднат, туку да бидат предадени на редовното обвинителство.

„Принципот на казнивост и неказнивост ниту најмалку не се засега со едно вакво правно мислење бидејќи за сите сторени кривични дела постои редовно обвинителство со траен мандат, со сите овластувања да ги води сите можни постапки. Тие се надлежни да постапуваат за сè што е сторено како криминал, единствена разлика е во тоа што редовното обвинителство нема да може да ги предлага ‘бомбите’ како докази. Според мое лично убедување, ниту СЈО не може да ги предлага како докази затоа што по дефиниција се незаконски стекнати“, изјави Вангеловски за „Независен“.

Тој објаснува дека иако редовното обвинителство не е надлежно да постапува по „бомбите“, сепак тие можат да ги користат нив како индиции и за секое дело за кое има сомнеж за криминал да обезбедат материјални докази и да поднесат обвиненија.

Адвокатот Миланов вели дека мислењето мора да се почитуваат веднаш и Специјалното јавно обвинителство и пониските судови, но за него е дискутабилно и преземањето од страна на јавното обвинителство.

Републичкиот јавен обвинител вели дека доколку Специјалното јавно обвинителство побара тие да ги преземат истрагите, кај нив има подготвеност и волја за договор, но дали некој предмет може да биде преземен зависи во која фаза е.

По мислењето на Врховниот суд, реакција нема од Специјалното јавно обвинителство. Сепак, шефицата на СЈО, Катица Јанева, во последното нејзино телевизиско гостување порача дека таа не го почитува Вангеловски како професионалец и судија.

„Како што беше наведено во посебниот извештај на СЈО, извршната власт најмногу се ‘мешетареше’ меѓу судиите од Врховниот суд. Тие разговори се присутни и се однесуваат за активни предмети кои сè уште се водат. Во дел од ‘бомбите’ го имаме неговиот глас, каде што се потврдува дека тој се однесува на тој начин. Се чудам како досега поради моралниот интегритет Вангеловски не даде оставка. Не сакам да ја заморувам јавноста со моето искуство, но тој не постапува професионално и манипулира со јавноста“, рече Јанева. Вангеловски не ги коментира изјавите на Јанева и вели: „Под достоинство ми е да се спуштам на такво ниво на комуникација, јас сум сепак малку писмен“.

Фросина Факова - Серафиновиќ

Споделување со вашите пријатели: