Лекцијата на Ципрас за патриотизам

Лекцијата на Ципрас за патриотизам
Зборот патриотизам одамна го има изгубено своето вистинско значење не само на Балканот, каде што има најмногу патриоти по глава на жител во светот, туку и во Европа и на целата планета Земја. Како да се „сака“ татковината доволно силно за да се задуши здравиот разум во мир, е едно од најголемите злосторства и злоупотреби на политиката за освојување или за задржување на власта. Тоа е најмоќното оружје на диктатурите и диктаторите, на режимите, тврди и кадифени, на сите авторитарни власти, на екстремната десница и левица, на радикалите, на националистите и шовинистите од сите нации и вери. За жал, преголемата љубов кон сопствениот народ на сметка на другите народи, националности и различните од себе, е краста на која не се имуни и учените луѓе, познати интелектуалци и јавни личности.

Всушност, тие се најчесто и „натпартиските“ идеолози кои се јавуваат редовно во критични ситуации кога треба да се „спасуваат“ државата и својот народ од домашни предавници и надворешни непријатели. Нивните патриотски говори, затскриени зад параграфи и закони, зад универзални правни и филозофски дефиниции и цитати на светски авторитети искажани по други поводи, се тешки злоупотреби со дневно политичка мотивација. Со исти мотиви ја елаборираат пропагандистички и митингашки големата неправда што ни се прави, се додворуваат на јавноста со слаткоречивоста и стручноста кои се сто пати посугестивни од примитивните лесно препознатливи популистички пароли на нивните партиски ментори. Што помалку ги разбира обичниот граѓанин, тоа се означува како нешто многу умно и мудро штом не можеме да одгатнеме што сакал да каже писателот. Класична балканска инфериорност и искомлексираност. Самозаљубените во себе, суетни интелектуалци ги палат најопасните меѓуетнички огнови кога ќе почнат да веруваат во сопствените конструкции и лаги и кога им се укажува честа да ја спасуваат татковината како големи државници пратени од Бога да бидат татко на нацијата.

Бевме сведоци и паталци на еден таков режим цела една ера наречена груевизам, чиј творец денес е избеган осуденик, азилант во Унгарија, а неговите рецидиви бараат повторно власт и реставрација на ренесансата и преродбата за да го довршат тоа што остана незавршено во еднодецениското криминално владеење. Сè уште трпиме, со несфатлива спокојност, ќе биде десет години еден лош очув за различните и татко само на патриотите. Двајцата самопрогласени спасители на Македонија беа избирани вкупно десетина пати за десетина години на избори организирани од злосторнички здруженија, поддржувани и предлагани со петиции и потписи на интелектуалци и учени луѓе, од кои многумина се пишманија кога видоа што направија.

Премиерот на Грција, Алексис Ципрас, неочекувано за еден балкански политичар, одржа лекција во грчкиот парламент за тоа што е вистински патриотизам. Длабоко свесен за жртвата што треба да ја поднесе за Преспанскиот договор, Ципрас не само на своите политички противници и на грчкиот народ туку и на сите народи на Балканот и на цела Европа им кажа дека поголем патриотизам е да ги соопштиш доволно јасно и гласно црните петна од своето минато, отколку омразата на комшијата напластувана со децении да биде пропаганден адут за освојување на власта. Ципрас со својата храброст ги освои граѓаните на Македонија, не затоа што им кажа на грчките националисти за Мирка Гинова, првата невина политичка жртва од Граѓанската војна во Грција, за вистината за македонскиот буквар и јазик, за озаконето нарушување на човековите права и слободи, туку поради тоа што стана пример како треба да ги стиснат забите и другите политички лидери на Балканот и да соберат храброст да зборуваат за сопствените интервенции во науката и походи за пославно минато приграбувајќи туѓа историја, величејќи злодела што направија пустош во свеста и на Македонците, и на Бугарите, и на Србите, и на Албанците и на Грците, воопшто на сите балкански народи кои беа затруени со децении со купишта лаги и митови нарачани од политиката од идеологизирани историчари, партиски научници и интелектуалци. Нивниот производ е жалната слика на трагедијата на балканските народи.

Денес, кога историските настани ја менуваат таа трагична слика која се крши во парампарчиња од храбри лидери, сè уште мрачни сили со проповеди за правда и со идентитетски приказни и разни митови, со националистички и шовинистички пораки сакаат да ги запрат демократските процеси и достигнувања кои имаат историски димензии признаени од цел свет. Читаме повторно петиции од поддржувачи на претседателот Ѓорге Иванов да се задржи континуитет на бесмислената политика која повеќе од една деценија нè држеше закопани на европскиот пат. Повторно на сцена во главна улога е идиотската лага дека е можен подобар договор со Грција наместо овој кој е капитулантски. Се заговара политички маргиналци да собираат 150.000 потписи за референдум со кој ќе се поништи договорот од Преспа. Се прогласуваат за предавници креаторите на договорот со Грција на кои светот им честита и ги предлага за Нобелова награда за мир. Кутра Македонија - повторно по неа маршираат мрачни сили маскирани во патриоти да нè вратат назад во недојдија, наместо политичкиот натпревар да се насочи кој побрзо ќе нè однесе до заедничката цел која е одредена пред 28 години. По сè изгледа дека заедничката цел била заедничка додека не стана остварлива.

Ерол Ризаов

Споделување со вашите пријатели: