Воздухот нè уби

Воздухот нè уби
Скопје, којзнае по кој пат зимава, се најде на првото место на листата на најзагадените градови во светот. Воздухот е тивок убиец на градот и на неговите жители. Колку повеќе ги дишеме отровите, толку повеќе стануваме свесни дека за да излеземе од маглата ќе мора многу повеќе да се потрудиме. Виновниците одамна требаше да ги бараме, да ги прозиваме и да ги повикуваме. Тоа секако се институциите кои во своите раце ги држат сите средства, вклучувајќи ги и финансиите, за да го решат овој огромен проблем. Но, веќе е крајно време и секој од нас искрено и интимно да се запраша и да си одговори, што правиме ние лично, за да загадуваме што е можно помалку.

И тука можеме и да не ги вклучиме граѓаните од најсиромашниот слој, што заради состојбата во која живеат се принудени да горат пластика и гума за да се стоплат, иако реално не би требало никој да добие извинување. Да ги вклучиме само илјадниците сопственици на автомобили, кои не сакаат да го остават воланот ниту кога јавниот превоз е бесплатен, во деновите со најголеми концентрации на ПМ 10 и ПМ 2,5.

Како е можно улиците во Скопје, Куманово, Тетово... да се преполни со возила во кои седи само возачот, кога сите институции апармираат автомобилите да останат дома. Зиме ретки се тие што возат велосипед или одат пеш бидејќи температурите се ниски, но нема изговор за избегнување на јавниот превоз, иако и тој не е за некоја пофалба.

Дали навистина сите домаќинства кои горат дрва за да се затоплат немаат можност да купат инвертер-клима или барем понова печка на пелети?. Факт е дека тоа не се занемарливи инвестиции, но, да не се лажеме, огромен дел од тие домаќинства во дворот имаат нов автомобил, за кој не им било тешко да земат кредит. Што е уште пострашно, според една од студиите на МАНУ, најголемиот дел од возилата во урбаните средини, особено товарните, се дизел.

Секој мора да го даде својот личен придонес бидејќи без лична жртва за поголемото добро работите нема да тргнат од мртва точка. Тој придонес не е само во исмевањето и критикувањето на мерките што ги предлагаат Владата и Градот Скопје, туку заложбата да направиме што можеме повеќе тие да дадат некаков резултат, на кратки или на долги патеки.

Бидејќи, да не се лажеме, Скопје, Битола, Тетово, Куманови и другите градови уште долго ќе бидат отруени. Не постои магично стапче со кое преку ноќ ќе се решат проблемите ниту, пак, со кое ќе се расчисти маглата. Ќе треба секој од нас да направи сè што може, а со тоа ќе стекне и право да ги прозива и да ги критикува властите.

Секако, тие се за секоја критика во изминативе дваесетина години. Прашањата за животната средина се постојано на дното на политичките агенди, иако директно го засегаат здравјето на секој човек, тука вклучувајќи ги и политичарите и нивните деца. И државните и локалните институции со години потфрлаат во имплементацијата на законите, во казнувањето на загадувачите, во спроведувањето на мерките што самите ги носат и во спроведувањето на инвестициите што треба да донесат почист воздух. А, за да ги критикуваме, мора да покажеме дека сме подобри и посовесни од нив.

Во грешка сме доколку сатисфакција ни биде единствено тоа што ќе ги казниме на избори. Политичарите и партиите само ќе сменат страна, а воздухот останува загаден. Штета што самите не сфаќаат дека и тие го дишат отровот, па макар и во скапите фотелји во канцелариите. Веројатно сметаат дека парите и моќта се доволен амортизер. Но, ние, обичните, многу добро ги знаеме последиците од ѓубрето што го вдишуваме. Затоа е крајно време да преземеме нешто.

Сања Наумовска

Споделување со вашите пријатели: