Царовска откри злоупотреби на пензискиот систем

Царовска откри злоупотреби на пензискиот систем
Власта обвини дека претходната власт го злоупотребувала пензискиот систем во политички цели. Цела деценија не биле креирани политики врз основа на бројки и факти туку пензискиот систем бил ставен во функција на избори, при што се давале пари кога требало да се „купат“ пензионерите. Како последица на погрешните политики на претходната влада, ад хок зголемувањата на пензиите и негрижата за пензискиот систем, зголемен е дефицитот во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, кој за 10 години пораснал трипати и изнесува околу 15 милијарди денари. Став на Владата е дека во периодот од 2007 до 2017 година непромислено биле намалувани стапките на придонес, биле намалени заменските стапки, се форсирало вработување без плаќање придонес и имало ненавремени трансфери на придонесите од ПИОМ кон индивидуалните сметки на осигурениците.

И покрај впечатокот дека во време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ имало поголем раст на пензиите, бројките тоа не го покажуваат.

„Во 2015 година не се почитуваше законското усогласување што требаше да се прави двапати годишно во јануари и во јули. Беше направено ад хок усогласување на пензиите кое изнесуваше 621 денар и тоа само за септември, октомври, ноември и декември. Во 2016 година, исто така, усогласувањето се правеше надвор од законската регулатива и пензионерите добија по 654 денари само за еден месец од календарската година. На овој начин пензионерите не добиваа усогласување на пензиите во текот на целата година туку 2 месеци пред избори. Во 2017 година усогласувањето е направено според закон, двапати годишно во јануари и јули според 50 проценти од трошоците на живот и 50 проценти од порастот на платите, со што пензионерите добија 1.974 денари за цела година. Во 2018 година усогласувањето се направи исто така според закон и пензионерите добија вкупно 4.362 денари за цела година“, појаснуваат од Министерството за труд и социјална политика како се одвивале зголемувањата на пензиите изминатите години.

Намерата на Владата е со пакетот реформски закони, на кој работеше заедно со Светска банка, да го стабилизира пензискиот систем и дупката да не се продлабочува.

„Ќе покажеме дека и без замрзнување, со постојан раст на пензиите и без зголемување на старосната граница, пензискиот систем може да стане стабилен, и дека Владата се грижи не само за сегашните туку и за идните пензионери“, вели министерката Мила Царовска.

„Сегашните пензионери имаат сигурни пензии кои ќе растат“, тврди Царовска. Вели, важно е сите оние што денес работат да не се грижат за идните пензии, и затоа пензискиот систем на секои пет години треба да се контролира и да се нагодува.

„Ги поместивме и заменските стапки, во интерес на оние млади пензионери, кои денес уплатуваат во двата пензиски столба и ќе останат во двата столба. Тие заменски стапки се зголемија за една третина и се поповолни, со што гарантираме дека идните пензионери ќе имаат соодветни пензии, а не како што доаѓа времето за наредните пензионери да има сè помали пензии. Се утврди дека се нереални. Од 0,75 отидовме на 1,1 за маж и од 0,86 на 1,14 за жена. Тоа е за една третина поместување на заменските стапки кои одат во прилог на вториот пензиски столб“, изјави министерката.

Статистичките показатели покажуваат раст на пензиите во Македонија. Во 2016 година просечната пензија изнесувала 13.754 денари, во 2017 година 13.954 денари, а во 2018 година 14.421 денари.

Просечен износ на пензија во декември 2018 година изнесува 14.445 денари. Потпросечен износ на пензија имаат 184.795 корисници, а над овој износ имаат 132.483 корисници. Заклучно со декември 2018 година, има 317.278 корисници на пензија.

На 12.000 идни пензионери не им биле уплатувани пари во вториот столб

Анализата на пензискиот систем покажала дека на 12.000 осигуреници, идни пензионери, не им биле префрлувани придонеси во вториот столб, иако работодавачот ги уплатувал. Парите останувале само во првиот столб, односно во Фондот за пензиско осигурување.

„Секој од овие граѓани со една просечна плата, меѓу 2007 и 2018 година, изгубил околу 400.000 денари. Обезбедивме 19 милиони евра во Буџетот на Република Македонија во 2019 година, со цел не само да ги вратиме придонесите што не им биле уплатувани туку и приносот што требало да го остварат во изминатиот период“, изјави министерската за труд и социјална политика Мила Царовска.

Овие граѓани во наредниот период ќе добијат писма од пензиските друштва и од МАПАС дека им е отворена индивидуална сметка во некое од пензиските друштва, на која ќе им се уплатуваат досега закинатите пари.

„Со тоа обезбедуваме овие граѓани да имаат целосна пензија кога ќе дојде време за пензионирање. Се однесува за релативно млада група работници, најголем дел се околу 40 години. Најголемите задршки почнале да се случуваат меѓу 2009 и 2010 година“, појасни Царовска.

Кој ќе одговара за сторената незаконитост, министерката не посочи, но рече дека претходните структури знаеле за оваа состојба.

„Ние како Министерство не сме истражен орган. Целиот пакет на документи и материјали до кои дојдовме, истражувајќи со меѓународните финансиски институции, ќе бидат предадени на Основното јавно обвинителство, а тоа ќе треба да покаже зошто не биле уплатувани и каде завршувале“, посочи Царовска.

Откако е воведен тристолбниот пензиски систем, две третини од придонесот треба да се уплатуваат во првиот и една третина од придонесот во вториот столб. Кога се исплатува пензијата, две третини одат од вториот столб. Со неуплатувањето на придонесите, пензијата на овие 12.000 осигуреници би била нецелосна и прениска.

Анита Салтировска

Споделување со вашите пријатели: