А, сега ајде на работа

А, сега ајде на работа
Ерол Ризаов

Најголемото достигнување во независна Македонија, уривањето на барикадите на патот кон Европа, може да се претвори во најголем пораз ако тој огромен историски капитал се потроши бадијала. Не е за чудење, бидејќи и порано ни се случувало кога сме биле пред целта да направиме самоубиствено салто мортале и да уништиме се што е постигнато со голема мака, со жртви и со болни отстапки за да се ослободи државата од јарем и да се постигне историскиот договор со Грција, што беше предуслов за почеток на побрзиот развој и демократизација на земјата како пристојна европска парламентарна држава.

Европеизацијата на Македонија по отстранување на блокадите бара уште многу работа, преданост и храброст. За тоа треба прво да се совлада веројатно најтешкиот дел што зависи само од нас, а тоа се вика: промена на свеста. Треба на дело да се докаже колку е вистина дека огромното мнозинство граѓани, сите релевантни политички партии, сите состави на парламентот, сите влади и претседатели на државата, сите институции и развојни планови за иднината на земјата во изминатите 28 години биле со искрени заложби Македонија да стане членка на НАТО и на ЕУ. Во наредните осум до десет години мора да се потврди определбата дека тоа е најзначајната цел од која нема отстапување и дека Македонија има капацитет и човечки ресурси да го скрати патот до своите најголеми стратегиски приоритети кои со децении беа попречувани. Политичкиот натпревар за освојување на власта неопходно е да се насочи кон давање на довербата на политичките партии и лидери кои побрзо и поуспешно ќе ги остваруваат реформите кои водат кон членство во ЕУ и кон припадност на европското семејство, а не на тие кои ја пласираат упорно лагата за „подобар договор“. И во Македонија и во Грција тие што ветуваат такво нешто всушност се попречувачи на добрососедство и на иднината на Македонија. Подобар договор од овој не е можен, како што не можно ни неговото поништување. Мора да се тргне од овој факт за да се остварат интересите на мнозинството граѓани на Македонија. Ако со години беа оправдување пречките поставени од Грција, не ретко користени од политиката за прикривање и на сопствените грешки, повеќе не ќе бидат прифатливи такви оправдувања. Се бараат решенија. Затоа господа политичари од власта и од опозицијата, засукајте ги ракавите и ајде на работа. Пред нас е најтешката етапа во која треба да се спроведе во живот тоа што е содржано во договорот и што е прифатено со уставните измени.

Не помалку значајно е да се исполнат задачите за почеток на преговорите со ЕУ со непреченото функционирање на целиот правосуден систем и владеењето на правото, со ефикасната борба против организираниот криминал и корупцијата, со слободни и независни медиуми и собраниска контрола на разузнавачките служби. Тоа е можно само со издржани судски процеси и пресуди по предметите кои се во постапка пред судовите, со овозможување на Специјалното и редовното обвинителство без пречки, поточно со силна поддршка да продолжат да го гонат организираниот криминал во врвот на власта и на центрите на моќ. Не смее да се ограничува работата на Специјалното обвинителство кое стаса на завидно професионално ниво комплетирано со близу 150 стручни луѓе, обвинители, правници, економисти и истражители кои ги следат трагите на парите, на криминалот и корупцијата и на меѓународен црн пазар и дома. Институцијата СЈО, која се стекна со углед и доверба и која внесе страв и трепет меѓу криминогените моќници, не треба да биде претопена во сивило под контрола на власта поради точки и запирки од кога се бројат деновите и роковите за нивната работа, дали од денот кога Зоран Заев ги предал прислушуваните разговори, или кога стасале де факто секој од предметите во СЈО. Ова Специјално обвинителство треба да има вечен мандат, особено по стекнување на довербата во јавноста, но и кај другите правосудни инстанции и добрата соработка со редовното јавно обвинителство. Всушност, многу подобро би било редовното јавно обвинителство, кое беше деградирано и под целосна контрола на политиката и режимот кога се нарачуваа пресуди за политичките противници на власта, конечно да ги добие истите услови за работа како Специјалното обвинителство.

Државната антикорупциска комисија е исто така важна алка во целиот синџир во борба против организираниот криминал. И не е точно дека Македонија е осум месеци без антикорупциска комисија. Цели десет години во Македонија нема една ваква брана против корупцијата која има размери на епидемија и која почнува од раѓањето на децата, по до смртта и потоа. Ако малку се поразмисли, освен неколку проблесоци, Македонија никогаш и немала антикорупциска комисија. Контролата на разузнавачките служби и регулирањето на медиумскиот простор по високи европски стандарди е на добар пат да се заврши во поставените рокови, иако и таму има многу работа.

Завршувањето успешно на овие задачи од исклучителна важност води кон датумот за преговори во јуни, или во текот на оваа година. Тоа Македонија го заслужува заедно со добра финансиска поддршка од Европа за отпочнување на реформите кои се содржани во 36 поглавја како најтешкиот државен испит што ќе го полагаме, повеќе или помалку сите. Во преговорите со ЕУ ќе бидат директно или индиректно вклучени повеќе илјади стручни луѓе и експерти ангажирани дома и од надвор. Преговорите со ЕУ се најтешкиот и најзначајниот дел од работата која треба да се заврши во зависност од успешноста на положените испити. Обично тие преговори траат од шест до осум години, ако не се гледаат исклучоците и преседаните. Ова јасно кажува дека наредните години многу веројатно дека земјата ќе ја водат политички лидери и влади кои посветено и храбро ќе работат на членството на Македонија во ЕУ. Шансите на тие што ќе ја попречуваат европеизацијата на Македонија треба да се сведат на нула.

Актуелните власти во овој момент имаат шанси да ги почнат преговорите ако ја баталат примамливоста за предвремени парламентарни избори на половина мандат. Се очекува од нив да се впрегнат добро, покрај тоа што ќе станеме членка на НАТО и ќе ги почнеме преговорите за членство ЕУ, да остварат некои од клучните предизборни ветувања кои означуваат поголем личен и општествен стандард на граѓаните. Прво на памет ми доаѓа просечната плата од 500 евра во последната година од мандатот, поголем економски раст, намалување на сиромаштијата, изградба на значајни инфраструктурни објекти, патишта, поодмината гасификација... Две години до редовни парламентарни избори е добар период за успеси ако се работи со силно темпо и не се краде, а премал ако се водат јалови расправи и се бараат оправдувања за незавршени работи и неостварени ветувања.

 

Споделување со вашите пријатели: