Од Давос до Атина

Од Давос до Атина
Александра М.Митевска

Процесот чијшто почеток изгледаше наивно пред точно една година и еден ден, кога премиерите на Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алексис Ципрас, ја остварија првата средба – на Самитот во Давос, вчера беше заокружен во парламентот во Атина како сериозен проект од историско, регионално и меѓународно значење.

Македонскиот премиер можеби во авион ја разбра веста дека во грчкиот парламент е ратификуван Договорот од Преспа, затоа што вчера се враќаше во Скопје од истата локација на која минатата година ги почна разговорите со Ципрас за надминување на долгогодишниот спор меѓу двете земји. Само што овој пат Ципрас не беше во Давос да му прави друштво на Заев.

Грчкиот премиер остана годинава во Атина за да се соочи во парламентот со грчката опозиција и со дел од своите довчерашни коалициски партнери, кои до крај останаа на линијата на иредентизмот и национализмот што со години наназад го подгреваа политичките елити и во двете држави. Така се собираа поени на внатрешен план, со што, особено во последната деценија, пред сè, ослабуваа позициите на нашата земја на надворешнополитички план.

Смелиот и длабоко идеолошки говор на Ципрас пред грчките пратеници и лекцијата по историја што ѝ ја одржа на Комунистичката партија, можеби, не ја разоружа тамошната опозиција, ниту протестантите што со денови се собираа и радикализираа низ улиците на Атина и Солун. Затоа, пак, тоа обраќање покажа дека, кога постојат волја и свест за соработка, за надминување на менталните бариери и за градење доверба, и за само една година може да се надмине проблем што безмалку три децении разгоруваше конфликти меѓу соседите и за кој сè до скоро не можеа да најдат заеднички јазик и претходно повлијателните и постабилни политички „династии“ и во двете земји.

Низ слична сага како Ципрас, но во повеќе етапи, во изминатите месеци поминуваше и Владата на Заев во Скопје, која беше принудена на серија отстапки и компромиси што предизвикуваа политички бури, за да го истера до крај проектот што почна да се развива од Давос, за да кулминира летоска на брегот на Преспанското Езеро. Спроведувањето на Преспанскиот договор потоа се чинеше на моменти потешка работа и од неговото постигнување, особено ако се земат предвид реакциите на опозицијата и другите негови противници и во двете земји.

Впрочем, за тие реакции може да се каже дека беа правопропорционални во однос на негацијата на договорот, а во зависност од тоа чија национална кауза наводно се бранеше. Единствено, за разлика од ситуацијата во Скопје, опозицијата во Атина барем се вклучи во дискусијата во парламентот и недвосмислено гласаше „против“ договорот, од чие стапување во сила, всушност, на главен бенефит се надева нашата земја.

Грчкото „не“ за Договорот од Преспа, за отсега Република Северна Македонија значи „да“ за отворање на перспективите на државата, со оглед на очекувањата за полноправно членство во НАТО и за почеток на преговорите со ЕУ во оваа фаза од интеграцискиот процес. Тоа финално „не“ на грчки јазик и за двете земји значи отворање широк простор за надминување на предрасудите и стереотипите и за зацврстување на добрососедството и соработката на повеќе полиња.

Со завршувањето на постапката за стапување во сила на Договорот од Преспа, всушност, се затвора една тешка и долга етапа во односите меѓу двете држави и се отвора ново поглавје во регионот, пред сè, од аспект на неговата стабилност, но и економска соработка. Официјалното влегување на Македонија под чадорот на НАТО, од каде што беше истуркана пред една деценија токму поради билатералниот спор со Грција, секако дека е во интерес и на целата меѓународна заедница, како своевидна гаранција за поголема безбедност на трусниот Балкан, како и за надминување и на последните меѓуетнички проблеми во земјава.

За постигнување на таа цел, и меѓународната заедница, како и владите во Македонија и во Грција, за мошне кратко време вложија многу енергија. Сега, останува да се почувствуваат ефектите од договорот што беше постигнат летоска, а за чие спроведување Заев и Ципрас ги ставија како залог и своите политички кариери.

За неколку месеци и двајцата премиери ќе имаат можност да пресметаат колку ги чинел историскиот чин на надминување на спорот за името. На претседателските избори напролет, СДСМ како главна владејачка партија ќе може да измери дали македонските гласачи го вреднувале во вистинска смисла значењето на договорот кој предизвика и многу „солзи“ во земјава. Сириза ќе го дознае тоа на европските избори.

Споделување со вашите пријатели: